Регион
Пропадна обидот за формирање влада на Федерацијата БиХ

Пропадна обидот за формирање влада на Федерацијата Босна и Херцеговина откако претседателката на ентитетот Лидија Брадара и потпретседателите Рефик Лендо и Игор Стојановиќ не се договорија, пренесува Б92.
Лендо (СДА) не даде потпис за формирање влада, а по средбата изјави дека неговата партија ќе понуди решение во следните седум до десет дена и дека потоа тој лично ќе поттикне нова средба.
„Осумката ќе добие прифатлива понуда од СДА. Ќе понудиме нешто што е во интерес на граѓаните, што би било добро и прифатливо за Осумката,“ рече Лендо, нагласувајќи дека е подобро домашните политичари да се договорат отколку високиот претставник да донесе каква било одлука.
Стојановиќ, од друга страна, вели дека Лендо зборува за решенија кои досега никој не ги видел, дека само купува време и дека и претходно најавувал нови средби кои никогаш не се реализирале.
„Немаме механизми да ја надминеме оваа ситуација. И понатаму е статус кво е сè уште немаме нови информации за формирање влада“, додаде Стојановиќ и нагласи дека Лендо и СДА се фаќаат за сламка за да останат на власт на ниво на федерација, објави „Независне новине“.
Рокот за формирање влада на Федерацијата БиХ истече на 6 април, по што високиот претставник ги повика лидерите на партиите што поскоро да се договорат зашто, во спротивно, ќе биде принуден да ги искористи овластувањата од Бон и да наметне формирање влада.
Претседателката на Федерацијата БиХ, Лидија Брадара, пак, по средбата со Стојановиќ и Ленда изјави дека, што се однесува до неа, владата е именувана и чека потврда.
„Не мислам да ја менувам одлуката донесена во согласност со Уставот и утврдените рокови како и со парламентарно мнозинство. Се друго е купување време и блокирање“, изјави Брадара, а пренесе сараевскиот портал „Кликс“ .
Таа нагласи дека денешната средба не резултирала со промени во ставовите, освен што, како што рече таа „господинот Лендо си даде дополнителни седум дена“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Изгоре луксузна јахта во Будва: сопственикот бил на бродот кога избувнал пожарот

Црногорските противпожарни екипи го изгасија пожарот што избувна на јахта во марината во Будва.
Ова за црногорски „Вијести“ го потврди и раководителот на Службата за заштита и спасување на Будва.
Полициската управа соопшти дека околу 20:15 часот во неделата, полицијата во Будва била известена од сопственикот на јахта закотвена во пристаништето во Будва дека избувнал пожар додека сопственикот бил на бродот.
Јахтата е во сопственост на бизнисменот Б. М., а полицијата објави дека сопственикот на јахтата рекол дека пожарот најверојатно се случил поради дефект.
Пловилото било извлечено од пристаништето откако избувна пожарот кратко по 20 часот, заради безбедност на другите бродови. Седум екипи беа ангажирани за гаснење на пожарот.
фото: принтскрин
Регион
Турист почина кај Неа Врасна, бил извлечен од морето

61-годишен државјанин на Србија трагично почина во морската област Неа Врасна во близина на Солун.
Мажот бил извлечен во бесознание од морето денес напладне. Според соопштението на крајбрежната стража, тимот за итни случаи на ЕКАБ веднаш му укажал прва помош, но без успех, по што телото било префрлено во Здравствениот центар Неа Мадита.
Прелиминарната истрага ја води Вториот оддел на пристаништето Ставрос на пристанишната управа на Јерисос, кој нареди обдукција за да се утврди точната причина за смртта, пренесува „Прототема“.
Регион
(Видео) Пожарникарите во Црна Гора плачат од среќа – дождот ги изгасна големите пожари кои беснееја со денови

Ситуацијата во Црна Гора се смири по неколку дена катастрофални шумски пожари!
Силен дожд со поројни врнежи зафати многу подрачја и им помогна на пожарникарите. Речиси насекаде во Пипери падна дожд, освен на Риека Пиперска, каде што остана единственото активно жариште кое и понатаму се шири кон Дромири и Купини и уште подалеку во правец на Трмањ и Платија. Таму сè уште е суво.
Од Службата за заштита и спасување на главниот град прогласија победа над пожарите околу Подгорица.
– Заедно успеавме – наведоа од Службата за заштита и спасување.
Истовремено им се заблагодарија на сите граѓани, претпријатија, служби, војската и колегите пожарникари од цела Црна Гора, но и од странство.
– Ви благодариме за несебичноста, за секоја капка пот, за солзите и тагата, за грижата, поддршката и надежта. Благодариме за насмевката што ни ја упативте кога се гледавме очи в очи на теренот, за мавтањето додека поминувавме по патот, за сè што споделивте со нас во овие тешки денови. Вашата поддршка беше нашата сила да издржиме и да ја победиме огнената стихија – соопштија од Службата.
Се огласи и потпретседателот на Собранието на главниот град, Драгутин Вучиниќ.
– Пиперски Бротњик во овој момент е без оган! Благодарност до сите што учествуваа во гаснењето на пожарите во Пипери и низ цела Црна Гора. Голем поздрав од Поток – Пипери! Хеликоптерот си замина во база. Со среќа! Крај – рече Вучиниќ.
Како што соопштија од Пожарникарската служба Никшиќ, дождот што денеска падна и кој сè уште врне на некои места, ги изгасна активните пожари во местата Пиштете, Дубрава и Дуга. Остана само пожарот во Петровиќи, кој е активен во текот на целиот ден, но не ја загрозува имотната состојба, односно куќите, бидејќи се прошири високо во планината, јавува РТЦГ. Според последните информации од теренот, дожд почнал да паѓа и во Петровиќи, па пожарникарите се надеваат дека и тој пожар ќе биде изгаснат.
– Се разбира, ќе ја следиме состојбата во текот на ноќта, за да видиме како стојат работите – соопштија пожарникарите.
Најмногу се израдуваа пожарникарите, кои од среќа заплакаа.
Во текот на ноќта Црна Гора ќе ја зафати уште еден дождовен бран со порој и грмежи.
Засега не е познато до кога ќе останат екипите од странство.
Да потсетиме, изминатите денови голем број луѓе учествуваа во гаснењето на пожарите, а на помош пристигнаа и авиони. Ситуацијата беше најкритична на подрачјето на Подгорица, Никшиќ, Бјело Поље, Чањ, Будва…