Свет
Путин лично го одобрил апсењето на новинарот Гершкович
Рускиот претседател Владимир Путин лично го одобрил апсењето на американски репортер под обвинение за шпионажа – прв пат по Студената војна, информираат познавачите на ситуацијата цитирани од „Ал Арабија“.
Одобрувањето на апсењето од страна на рускиот претседател го одразува растечкото влијание на тврдокорните кругови во Кремљ, кои се залагаат за продлабочување на судирот со Вашингтон, од кој веруваат дека нема враќање.
Притворот на новинарот на „Волстрит џурнал“, Еван Гершкович, на 29 март предизвика жестока осуда од САД и нивните сојузници туркајќи ги на уште пониско ниво американско-руските односи, кои се стрмолија по руската инвазија на Украина минатата година.
„Ова треба да биде вистински повик за будење не само за САД туку и за поширокиот Запад. Тоа сигнализира дека, според размислувањата на Путин, нема враќање на стабилни и доверливи односи“, истакна Алина Полјакова, претседател на Центарот за анализа на европската политика во Вашингтон.
Како што војната влегува во втората година, Кремљ сè повеќе се обидува да ја прикаже како егзистенцијална борба против НАТО, кој наводно се обидува да ја уништи Русија. Потезите, како налогот за апсење на Путин за воени злосторства, издаден од Меѓународниот кривичен суд минатиот месец, само го продлабочија чувството на руското раководството дека нема простор за отстапување во конфликтот, што се очекува да трае со години.
Иницијативата за апсење американски репортер под обвинение за шпионажа првпат по речиси 40 години дојде од подбуцнувачите од највисоките кругови на руските безбедносни служби, велат познавачите на ова прашање.
Гершкович (31) беше приведен во Екатеринбург од агенти на Федералната служба за безбедност (ФСБ) и обвинет за шпионирање за што е предвидена казна од 20 години. Тој сега се наоѓа во московскиот затвор „Лефортово“ и досега не му е одобрен контакт со американскиот конзуларен претставник.
Иако Кремљ тврди дека Гершкович бил фатен на дело, досега не се презентирани никакви докази, а „Волстрит џурнал“ ги негира обвинувањата.
Американскиот Стејт департмент и формално утврди дека Гершкович неосновано е приведен од Русија, што им овозможува на САД да преговараат во негово име.
Со оглед на фокусираноста на американската јавност врз случајот, Вашингтон нема друг избор, освен да преговара потткинувајќи ја Русија на почесто земање вакви заложници, тврди Полјакова.
„Русите стануваат многу поагресивни, а видоа и дека кога земаат заложнии американски граѓани од висок профил, го добиваат она што го сакаат“, рече таа.
При претходните размени на затвореници Русија се залагаше да го вклучи и инсајдерот на Кремљ, Владислав Кљушин, кој во февруари во САД беше осуден за инсајдерско тргување и хакирање. Тој поседува информации во врска со хакирањето на серверите на Демократската партија за време на претседателските избори во 2016 година, тврдат американски извори.
Русија и САД спроведоа две размени на затвореници минатата година, вклучително и во декември кога ја заменија ѕвездата на ВНБА, Бритни Гринер, за озлогласениот руски трговец со оружје Виктор Бут.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

