Свет
Руската безбедносна служба: Украинец е соучесник во убиството на блогерот Татарски
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) и Истражниот комитет утврдија дека 36-годишен Украинец, член на терористичка група, бил соучесник на Дарија Трепова во терористичкиот напад на кафуле во Санкт Петербург во кој воениот известувач и блогерот Владлен Татарски е убиен, изјавија за новинската агенција ТАСС во ФСБ.
„Утврдено е дека убиството на Татарски заедно со Д.Трепова го планирал членот на украинската диверзантска и терористичка група, украинскиот државјанин Јуриј Денисов, роден 1987 година, кој користејќи ја услугата за брза испорака, преку посредник ја испорачал експлозивната направа во Москва, скриена во статуетка“, соопшти ФСБ.
Руските власти трагаат по Денисов и во тек е постапката за негово ставање на меѓународната потерница.
Адвокатскиот тим на Дарија Трепова поднесе жалба на нејзиниот притвор, соопшти судот во Москва. Судот во Москва на 4 април и одреди притвор на Трепова до 2 јуни.
Според истрагата, Трепова на 2 април, следејќи ги упатствата на луѓето во Украина, донела статуетка полна со експлозив во кафуле во центарот на Санкт Петербург и’ му ја подарила на воениот репортер и познат блогер.
Тој загина во експлозијата, а лекарска помош побарале уште 40 лица.
Рускиот национален антитерористички комитет објави дека терористичкиот акт против Татарски го организирале украинските специјални служби со помош на агенти кои соработуваат со Фондацијата Алексеј Навални, која се смета за екстремистичка организација во Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас предаде тела, Израел порачува: „Борбата за нашите заложници не запира“
Израел ги презеде телата на двајца заложници кои ги држел Хамас во Газа, пренесе ЦНН. Посмртните останки биле предадени преку Црвениот крст и пренесени на идентификација во израелскиот форензички институт.
Од кабинетот на израелскиот премиер соопштија дека „напорите за враќање на сите заложници продолжуваат и нема да престанат додека не се вратат сите“.
Примопредавањето се случува два дена по израелските воздушни напади во Газа, во кои, според палестинското министерство за здравство, загинале повеќе од 100 лица. И покрај ескалацијата, и Израел и Хамас изјавиле дека остануваат посветени на прекинот на огнот посредуван од САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека „ништо нема да го загрози примирјето“ и се закани дека ќе го „елиминира Хамас“.
Последното примопредавање, според медиумите, поминало без компликации, за разлика од претходните случаи кога Хамас ја повлекуваше одлуката за предавање поради израелски напади.
Свет
Медведев го нарече белгискиот министер „имбецил“, Франкен му возврати со песна на Селена Гомез
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен влезе во вербален судир со поранешниот руски претседател и сегашен заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
Се започнало кога Франкен изјавил дека, доколку Русија ја нападне Белгија, „НАТО би ја израмнил Москва со земја“. На тоа, Медведев остро реагирал, нарекувајќи го „имбецил“ и потсетувајќи дека оваа недела Русија го тестирала нуклеарното суперторпедо „Посејдон“, кое го опишал како „вистинско оружје на судниот ден“.
Франкен утрово возвратил преку Инстаграм: „Главниот руски насилник не престанува да се заканува и навредува. НАТО не е во војна со Русија, но принципот на одмазда е неприкосновен веќе 76 години. Не повлекувам ниту збор.“
На крајот, министерот ја споделил песната „Calm Down“ од Селена Гомез со порака до Медведев – да се „смири“.
Свет
Зеленски: Новите санкции ќе ѝ донесат на Русија загуби од најмалку 50 милијарди долари годишно
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека новите санкции против Русија ќе ѝ предизвикаат годишни загуби од најмалку 50 милијарди долари, пренесе „Укринформ“.
Тој се повика на извештај на шефот на украинската надворешна разузнавачка служба Олег Ивашченко и рече дека санкциите против нафтените компании веќе создаваат сериозни финансиски последици за Москва.
Зеленски изрази надеж дека ќе следат и нови санкциски мерки, нагласувајќи дека арапските земји со своите испораки нафта можат да спречат какви било потреси на светскиот пазар.
Тој додаде дека Украина сојузниците редовно ги информира за лица и структури што заслужуваат санкции и дека „голем дел од нашите предлози се земаат предвид“.
На 23 октомври високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас објави дека е одобрен 19-от пакет санкции против Русија, а американското министерство за финансии веќе воведе мерки против „Росњефт“ и „Лукоил“. Зеленски претходно изјави дека американските санкции би можеле да ги намалат руските приходи за околу 5 милијарди долари месечно.

