Македонија
Арачиново не наплаќа данок на имот и комунални такси од фирмите, покажува ревизорскиот извештај

Државните ревизори утврдиле дека Општина Арачиново не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за данок на имот, нема приходи по основ на комунална такса на фирма, за користење музика во јавните локали, за истакнување реклами, објави и огласи на јавни места и приходи од надоместок за уредување градежно земјиште.
„Со извршената ревизија изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Извршена е ревизија за 2017 година и издаден е конечен извештај за финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Општина Арачиново, сметка на основен буџет (630), при што овластениот државен ревизор се воздржа од давање мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, а за усогласеност со закони и прописи изразено е неповолно мислење“, се наведува во денешното соопштение од ДЗР.
Во насока на надминување на утврдените состојби ревизијата дала препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Kузеска: Владата да ги поништи тендерите за оценка на медиумите и парите да ги пренамени за Кочани

Додека народот и државата тагуваат поради огромната трагедија во Кочани во која згаснаа 59 млади животи а околу 200 се повредени, Владата на ДПМНЕ турка тендери за мерење рејтинзи и пропаганда, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Опозициската партија вели дека за поддршката на семејствата и граѓаните во Кочани се организираат донации а владата на ДПМНЕ троши 400.000 евра за анкети и мерење на рејтингот на Мицкоски.
„Тоа не било доволно па гледаме објава на нов тендер за уште еден скап проект – оцена на медиумското влијание, мониторинг на медиумите, на социјалните мрежи, прес клипинг и оценка на вестите. Владата набавува софтвер за да ги оценува вестите на медиумите– дали се позитивни, негативни или неутрални, а планира да собира податоци и за авторите. Тоа ли се приоритетите на власта? Нема пари за плати, нема за пожарникарите, за лекарите, за работниците, пари има само за папаја, манго и рејтингот на Мицкоски“, рече Кузеска.
Според СДСМ, власта манифестира бесчувствителност и расипништво во време кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај и се во колективна тага. СДСМ бара итно поништување на тендерот за „софтвер за медиумско влијание“ и тендерот за анкети. Тие пари, заедно со 400.000 евра предвидени за анкети да се дадат за помош на семејствата и граѓаните на Кочани. Сега е време за солидарност и одговорност, велат од партијата, а не за мерење рејтинзи и пропаганда.
Македонија
Случајот со Фросина Кулакова не’ собра, а причина е системот, велат од „Кој е следен“ по обвинувањата дека ја злоупотребиле трагедијата

Точно е дека движењето „Кој е следен?“ настана по сообраќајната несреќа на Партизанска кога загина Фросина Кулакова. Тоа не’ собра како граѓани, а причината е системот кој не функционира. Ова го истакна Борјан Ефтимов од „Кој е следен“, коментирајќи ги обвинувањата на семејството Кулакови дека ја злоупотребиле смртта за нивни интереси и профит.
Ефтимов вели дека секој има право да го каже своето мислење, а тие ќе продолжат да се залагаат за функционален систем и во иднина.
Ефримов тврди дека зад нив не стои ниту една политичка партија, а партиските соопштенија ги третираат како гол популизам.
Претходно, семејството на Фросина Кулакова го обвини здружението дека ја злоупотребило трагедијата. Сестрата на загинатата Фросина, во статус на социјалните мрежи напиша дека ним не им е важна жртвата, туку агендата. Рече дека некој со болен ум, со туѓа трагедија, решил да си прави профит, па така во јавноста се појавила иницијативата „Кој е следен“.
„Кој е следен“ стои и зад протестите по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а денес протестира со столчиња пред Собранието, барајќи да бидат објавени сите документи за работњето на дискотеката низ годините.
Македонија
Движењето „Кој е следен“ со столчиња пред Собрание, бара да се објават документите за „Пулс“

Движењето „Кој е следен“ го почна протестот пред Законодавниот дом со кој бараат правда по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде животот го загубија 59 луѓе.
Собраните симболично донесоа столчиња, а видлив е и транспарент на кој пишува: „Собранието заседава, молиме за галама“, откако по трагедијата пратениците одлучија да не заседаваат. Борјан Ефтимов од „Кој е следен“ во таа насока рече: „Како граѓани сме фрустрирани од неактивноста на собранието. Не само овие две недели, Собанието и претходно е пасивно. Кога одат пратениците на одмор, решивме да се собереме и да дискутираме за проблемите“.
Активистот ги повика институциите транспарентно да ја објават документацијата за работењето на „Пулс“. Барањето го упати до Државниот пазарен инспектоарт, Министерство за економија, МВР, Инспекторат за урбанизам, локалната самоуправа во Кочани, Дирекција за заштита и спасување, Управата за јавни приходи и консултативното тело за превенција во Кочани.
„Бараме да се објави документацијата за да видиме дали дали бил извршен надзор врз работењето низ годините откако работела дискотеката“, рече Ефтимов.
Движењето повика да се објави документацијата и за случаите со Беса Транс, Дурмо Турс, Онкологија и модуларната болница.
„Системот не функционира, а јавноста нецелосно информирана за да се заштитат индивидуалци или групи кои владееле со Македонија“, рече тој.
Порача дека морална одговорснот треба да презеде и приватниот сектор. Движењето бара Комората на угостители и нивните здруженија да преземат активни мерки за едукација на членките за да се справат со проблемите и да ги заштитат своите гости, а не да се вкучуваат само кога им треба финансиска помош од државата.