Македонија
Градоначалникот на Арачиново: Вината за неплаќањето данок не ја барајте кај жителите

Градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими, вината за ревизорскиот извештај ја префрла на претходното раководство на општината бидејќи тогаш локалната власт била во рацете на Милекие Халими.
Вината за неплаќањето данок на имот, рече дека не треба да се бара во жителите бидејќи имало и такви граѓани кои доброволно се пријавиле да платат данок на имот.
„Петнаесет отсто граѓани доброволно дојдоа и уплатија данок на имот“, рече Ибраими.
Претходно, државните ревизори утврдија дека Општина Арачиново не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за данок на имот, нема приходи по основ на комунална такса на фирма, за користење музика во јавните локали, за истакнување реклами, објави и огласи на јавни места и приходи од надоместок за уредување градежно земјиште.
Констатирани се и низа слабости во пресметките на платите и надоместоците на советниците и привремено вработените, а не се оправдани ниту расходите за потрошено гориво, сервис на возила и зимско одржување на локалните улици и патишта.
Во 2021 општината потрошила над 10 илјади евра по ресторани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.