Свет
Суданската армија се согласи на 24-часовен прекин на огнот
Суданската армија се согласила на 24-часовен прекин на огнот, кој ќе почне во 18 часот по локално време (16 часот по Гринич), изјави генералот Шамс ел-Дин Кабаши за „Ал Арабија“.
Кабаши додаде дека две соседни земји, кои не ги именуваше, се обидуваат да обезбедат помош за Силите за брза поддршка (РСФ).
Изјавата на суданскиот генерал доаѓа само неколку часа откако суданската армија утринава негираше какви било информации за предложеното 24-часовно примирје од лидерот на РСФ, Мохамед Хамдан Дагло – попознат како Хемети – со цел да се извлечат телата на загинатите во борбите и да се овозможи евакуација на цивилите.
Повикот дојде по разговорот на Дагло со американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.
Сепак, началникот на суданската армија и де факто лидер на Судан, генерал Абдул Фатах ал-Бурхан, го отфрли предлогот и продолжи со воздушни напади низ целата земја.
„Не сме информирани за каква било координација со посредниците и меѓународната заедница за примирје, а декларацијата на бунтовниците за 24-часовно примирје има цел да го прикрие катастрофалниот пораз што ќе го доживее за неколку часа“, истакна официјалниот портпарол на суданските вооружени сили.
Суданската армија претходно на 16 април го прифати предлогот на ОН за отворање хуманитарни коридори по три часа секој ден. Од РСФ, пак, рекоа дека се подготвени да прифатат и четиричасовни дневни хуманитарни прекини.
Сепак, и двете страни го задржаа правото да одговорат на провокациите и на крајот не успеаја да ги исполнат своите ветувања.
Борбите сè уште можеа да се слушнат утринава во главниот град Картум, кој претрпе големи штети, вклучително и на болничките згради. Централниот комитет на суданските лекари (CCSD) предупреди дека десетици болници во земјата се затворени поради борбите и предупреди дека целиот здравствен систем е пред колапс.
Актуелниот конфликт во Судан произлегува од несогласувањата за интеграцијата на РСФ – една од најмоќните сили во земјата – во редовната војска. Според податоците на ОН, најмалку 185 луѓе се убиени, а повеќе од 1.800 се ранети кога во текот на викендот избувна насилството меѓу двете вооружени фракции. Други извори сугерираат дека бројот на загинати е значително поголем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Франција ги повикува младите на десетмесечна доброволна воена служба
Франција почна кампања за нова десетмесечна доброволна национална воена служба, а првите учесници ќе почнат со обука во септември годинава. Програмата, која во ноември ја претстави претседателот Емануел Макрон, е отворена за сите млади француски државјани, пишува „Ројтерс“.
Службата е наменета за лица на возраст од 18 до 25 години кои сакаат да придонесат за способноста на нацијата да се спротивстави во небезбедна средина, изјави на прес-конференција началникот на Генералштабот на вооружените сили, генералот Фабиен Мандон. Овој потег е дел од поширок тренд во Европа, каде што земјите ги преиспитуваат своите одбранбени стратегии поради загриженоста околу променливите приоритети на Соединетите Американски Држави под претседателот Доналд Трамп, како и поради, како што се оценува, поагресивниот став на Русија.
Од септември, 3.000 млади лица ќе се приклучат на армијата, морнарицата или воздухопловството за извршување мисии на француска територија. Планирано е бројот да се зголеми на 4.000 во 2027 година, а потоа да достигне 10.000 учесници годишно до 2030 година.
Учесниците ќе добиваат надомест од околу 800 евра месечно, а нивните задачи ќе опфаќаат широк спектар активности – од помош при природни катастрофи и антитерористички надзор, до работни позиции како оператори на дронови, пекари, механичари, електричари и медицински персонал.
По завршувањето на програмата, учесниците ќе можат да се вратат во цивилниот живот, да станат резервисти или да останат во вооружените сили. Министерката за одбрана Катрин Вотрен изјави дека ова го одразува „долгорочниот развој на војската кон хибриден модел“.
Се очекува програмата во 2026 година да чини 150 милиони евра, а вкупните трошоци за периодот од 2026 до 2030 година се проценуваат на 2,3 милијарди евра.
Фото: pexels
Свет
Фон дер Лајен остро го критикуваше „Икс“ на Маск поради АИ-содржини со голи жени
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ја критикуваше платформата „Икс“ на милијардерот Илон Маск поради ширење сексуално експлицитни deepfake содржини создадени со помош на АИ-чатботот Grok, пишува Политико.
„Згрозена сум што технолошка платформа им овозможува на корисниците дигитално да ги ‘соблекуваат’ жените и децата на интернет. Тоа е незамисливо однесување. А штетата предизвикана од овие deepfake содржини е многу реална“, изјави фон дер Лајен во интервју за повеќе европски медиуми, меѓу кои Ројтерс и Кориере дела сера.
„Нема да ја препуштиме заштитата на децата и прашањето на согласност на Силиконската долина. Ако тие не постапат, ние ќе постапиме“, предупреди таа. Од почетокот на јануари, илјадници жени и тинејџерки, меѓу кои и јавни личности, пријавиле дека нивни фотографии на социјалните мрежи биле „соблечени“ и претворени во фотографии во бикини од страна на Grok, по барање на корисници.
Алатката за креирање deepfake содржини поттикна истраги од регулаторите ширум Европа, вклучувајќи ги Брисел, Даблин, Париз и Лондон. Европската комисија минатиот четврток ѝ наложи на платформата X да ги зачува „сите внатрешни документи и податоци поврзани со Grok“, што претставува ескалација на постојната истрага за политиките за модерирање содржини на X.
Комисијата ги оцени сексуално експлицитните deepfake содржини создадени без согласност како „незаконски“, „ужасни“ и „одвратни“.
Како одговор, X ја ограничи контроверзната функција за генерирање АИ-слики само на корисници со платена претплата. Портпаролот на Европската комисија, Томас Рењер, изјави дека ограничувањето на алатката на претплатници не значи крај на истрагата на ЕУ.
Скандалот се појави како нов тест за решителноста на ЕУ да го ограничи влијанието на Маск и американските технолошки гиганти. Само еден месец претходно, Брисел ја казни платформата X со 120 милиони евра поради кршење на клучниот закон на Унијата за онлајн платформи – Актот за дигитални услуги (DSA).
Казната предизвика брза и силна реакција од Вашингтон, при што американската администрација воведе забрана за патување за поранешниот европски комесар за дигитална технологија и главен архитект на DSA, Тјери Бретон. Од платформата X не одговориле веднаш на барањето за коментар за критиките на Урсула фон дер Лајен.
Фото: Depositphotos
Свет
Трамп објави фотографија на која пишува дека е претседател на Венецуела
Американскиот претседател Доналд Трамп објави фотографија на својот профил на социјалната мрежа Truth Social, тврдејќи дека е 45-ти и 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави, како и вршител на должноста претседател на Венецуела од јануари 2026 година.

Соединетите Американски Држави започнаа воена операција во Венецуела на 3 јануари, при што ги заробија претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес за да им се суди пред суд во Њујорк по обвиненија за дрога и оружје.
Трамп изјави дека неговата администрација ќе управува со Венецуела и нејзините нафтени ресурси за време на преодниот период. Откако Мадуро беше уапсен, неговата потпретседателка Делси Родригез положи заклетва како привремена претседателка.
Трамп претходно предупреди дека Родригез би можела да „плати многу висока цена“ ако не соработува со Соединетите Американски Држави.

