Македонија
(Видео) Мицкоски: Нема градежни активности на коридорот 8 затоа што не се подготвени и немаат проект, а од денеска почнува да тече рокот за плаќање на пенали кон Бехтел и Енка

Нема уште долго време да видиме градежни активности на терен затоа што вие и од Владата го слушнавте тоа што ние го зборуваме цело време, а тоа е дека не се подготвени и немаат проекти, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот став откако вчера наместо градежни активности на коридорот 8, Министерството за транспорт и врски пушти само соопштение.
Мицкоски откри и нов момент од договорот на владата со Бехтел и Енка, потенцирајќи дека владата бара измени на Законот за градење, односно да почнат со проектот без претходно да добијат дозвола за градење односно без основен проект кој што би бил ревидиран и придружен заедно со сите оние одобренија кои што следат согласно законот.– Тие самите кажаа дека сега е процесот на кој што сега они ќе го формираат градилиштето. А што значи тоа? Ќе бараат парцели каде што ќе ги одложат градежните машини и алати, парцели каде што ќе се изградат живеалишта претпоставувам за работниците кои што планираат да ги донесат од надвор. Потоа од она бледо соопштение од Владата слушнав дека допрва ќе биде снимањето на терен, тоа се оние геолошки и геотехнички истражни работи, како што се геологијата, како што е идентификувањето на катастарските парцели, односно дефинирање на трасата бидејќи трасата се уште не е дефинирана. Па дури потоа следи изработка на основен проект, а откако ќе биде изработен основниот проект, ревизија на истиот, па пота дури аплицирање за одобрение на градба заедно со сите оние придружни дозволи. Така би требало да биде согласно Законот за градење. Што бара владата односно кои се измените кои што тие ги бараат? Да речеме во Законот за градење бараат да го почнат проектот без дозвола за градба. Вие ако сакате да почнете градба на куќа или на било што, вие мора да извадите дозвола и да добиете одобрение за градење. Но, тие сакаат овој историски проект како што тие го нарекоа да го отпочнат без одобрение за градба, односно без основен проект кој што би бил ревидиран и придружен заедно со сите оние одобренија кои што следат согласно законот, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ги повика од Владата да го демантираат ако не е точно тоа што го зборува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски го суспендирал, а Чадиева го вратила на работа командирот кој пукаше со калашников, ВМРО-ДПМНЕ го објави решението по прозивките на СДСМ

Командирот од Ропотово кој пукаше со калашников од балкон и беше суспендиран, повторно е на работа. СДСМ денес го критикуваше министерот Панче Тошковски, прашувајќи зошто го дозволил неговото повторно именување. Но ВМРО-ДПМНЕ попладнево излезе со тврдење дека бил вратен на работа од кадар на Социјалдемократите, приложувајќи го решението на второстепената комисија во таа насока.
„Командирот на полициската станица во Ропотово кој пукаше со калшников и беше суспендиран и со кривична пријава, Тошковски го врати повторно да биде командир во Ропотово. Прашањето е зошто? Денеска го гледаме командирот што пукаше како гордо позира токму со неговиот пулен, Панче Тошковски.“, пишува во фејсбук објавата на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ подоцна излезе со тврдење дека Панче Тошковски го суспендирал командирот од Ропотово, но Даница Чадиева од СДСМ претседател на Второстепена комисија, бивш претседател на СДС Велес го вратила на работа. Се додава и дека МВР постапува по решението на Второстепена комисија која ја води Чадиева. Партијата во прилог го испрати решението.
Македонија
Кривична за поранешни директори на Пошта поради незаконски набавки и штета од 32.500 евра

Полицијата поднесе кривична пријава против В.С. и Б.А. – поранешни генерални директори на АД Пошта, поради сомнение за несовесно работење во службата.
Според информациите од истрагата, тие во текот на 2023 година не извршиле соодветен надзор врз работата на подредените раководители на подружници, со што овозможиле да се реализираат набавки спротивно на законската постапка.
На овој начин, биле направени набавки во вредност од 56.546 евра, со што е надминат дозволениот праг, а на буџетот на компанијата му била нанесена директна штета од над 32.000 евра.
Македонија
Лажни налози и злоупотреба на печат – пријавен раководител од Шуто Оризари за измама од 3,6 милиони денари

Полицијата расчисти случај во врска со измама во службата, при што поднесе кривична пријава против Д.А. (51) вработен како раководител на сектор во општината Шуто Оризари, поради сума од 3.600.000 денари, односно над 58.000 евра.
„Имено, според сознанија од истрагата, осомничениот при крајот на 2023 година како раководител на сектор во општина Шуто Оризари со цел да прибави противправна имотна корист – од буџетската сметка на општината, по основ на одржување на училишни објекти, во пет наврати изготвил лажни налози за исплата на парични средства злоупотребувајќи печат на општината како и скратен потпис на актуелен градоначалник на истата“, велат од МВР.
Притоа откако ги пуштил паричните средства од тресорска сметка парите биле префрлени по основ на три налози кон правно лице од Скопје, а дополнително осомничениот формирал уште едно правно лице во кое тој бил сопственик каде што исто така пуштил уште два парични налози. На тој начин осомничениот Д.А. го оштетил буџетот на општина Шуто Оризари за 3.600.000 денари.