Свет
Возач со својот автомобил се заби во луѓе во Ерусалим, бил застрелан од случаен минувач

Палестинец денеска со автомобил влетал во толпа луѓе на улица во Ерусалим и повредил пет лица пред да биде застрелан од случаен минувач, соопшти полицијата.
Израелските служби за итни случаи соопштија дека наишле на пет повредени лица пред да ги однесат во болница, вклучително и 70-годишен маж кој е во сериозна, но стабилна состојба.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека возачот на автомобилот, 30-годишен маж од источен Ерусалим, намерно се обидел да ги убие цивилите.
„Овој терористички напад на ова место, во ова време, нè потсетува дека земјата на Израел и државата Израел се стекнати низ бројни искушенија и неволји“, рече Нетанјаху.
Расте насилството меѓу Израел и Палестина
Израелско-палестинското насилство се интензивираше оваа година. Од јануари досега се убиени повеќе од 90 Палестинци и најмалку 19 Израелци и странски државјани.
Израелските сили убија Палестинец претходно денеска за време на рација во бегалскиот камп Акабат Џабр во близина на градот Ерихон на Западниот Брег. При операцијата било забележано дека двајца осомничени бегаат од местото на настанот. Војниците одговориле со боева муниција, соопшти армијата, но не кажа зошто биле цел Палестинците.
Официјалната палестинска новинска агенција ВАФА ја цитираше изјавата на гувернерот Ерихон дека војниците убиле еден човек, а раниле уште тројца. Здружението кое се залага за палестинските затвореници објави дека израелските безбедносни сили уапсиле 30 лица на Западниот Брег во текот на ноќта и рано утринава. За време на војната во 1967 година, Израел ги окупираше Западниот Брег и Источен Ерусалим, кои Палестинците го сакаат како јадро на нивната идна независна држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски бара акција откако Москва изврши над 4.000 напади за една недела врз Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја повика меѓународната заедница да преземе акција, по една недела во која биле извршени повеќе од 4.000 руски воздушни напади.
„Москва си дозволува да ги ескалира своите напади, отворено искористувајќи го фактот што светот е фокусиран на обезбедување мир на Блискиот Исток“, напиша Зеленски на социјалната платформа Икс.
„Токму затоа не смее да се дозволи никакво слабеење на притисокот. Санкциите, царините и заедничките акции против купувачите на руска нафта – оние кои ја финансираат оваа војна – мора да останат на масата“, рече тој.
Според него, овој пристап може да го отвори патот кон траен мир за Европа.
„Светот може да го гарантира ова паралелно со мировниот процес на Блискиот Исток“, додаде украинскиот претседател.
Украина долго време повикува на санкции, вклучително и против Кина и Индија, кои се меѓу најважните купувачи на руска нафта.
Русија го интензивираше својот „воздушен терор против нашите градови и заедници, засилувајќи ги нападите врз нашата енергетска инфраструктура“, вели Зеленски. Тој рече дека само во изминатата недела Русија употребила повеќе од 3.100 беспилотни летала, 92 проектили и околу 1.360 едрилички бомби против Украина.
„Вчера во Костјантинивка, дете беше убиено во црква од воздушна бомба“, напиша Зеленски. Властите пријавија вкупно четири жртви во регионот Доњецк, вклучувајќи две во Костјантинивка, и две во регионот Керсон.
Според видеото објавено на интернет од Зеленски, кое прикажува пожари и уништување, Русија цела недела ги покривала со терор регионите Суми, Харков и Доњецк.
Украина сè уште ги бара дополнителните системи за противвоздушна одбрана ветени од сојузниците. „Ни треба силна поддршка од нашите партнери“, се наведува во видео апелот.
Свет
Израел е подготвен за итно ослободување на заложниците, вели Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека „Израел е подготвен за итно примање на сите наши заложници“, според соопштение од Канцеларијата на премиерот, откако беа објавени информации дека ослободувањето на заложниците од Газа може да се случи уште вечерва.
Во меѓувреме, израелски функционер за јавниот радиодифузен сервис Кан изјави дека армијата очекува заложниците да се вратат во Израел до моментот кога американскиот претседател Доналд Трамп ќе пристигне во Израел утре во 9:20 часот наутро.
– ИДФ ги заврши подготовките за ослободување на заложниците и проценува дека сите ќе бидат ослободени пред пристигнувањето на Трамп, изјави изворот.
Медиумите на хебрејски јазик, повикувајќи се на неименувани израелски претставници, јавија дека Ерусалим добил индикации дека Хамас сака да го забрза ослободувањето на заложниците во Газа за вечерва, јави Тајмс оф Израел.
Свет
Папата Лав дели дека договорот за примирје во Газа даде искра на надеж во Светата земја

Папата Лав Четиринаесетти изјави дека договорот за примирје во Појасот Газа „даде искра на надеж во Светата земја“.
Тој ова го кажа во обраќање за време на неговата неделна молитва пред десетици илјади верници собрани на плоштадот Свети Петар во Ватикан.
– Ги охрабрувам сите вклучени страни храбро да продолжат по патот што го избраа, кон праведен и траен мир што ќе ги почитува легитимните аспирации на израелскиот и палестинскиот народ, изјави поглаварот на 1,4 милијарди католици во светот.
Агенцијата за цивилна заштита на Газа, која е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500.000 лица се вратиле во градот Газа откако првата фаза на прекинот на огнот стапи во сила претходниот ден.
– Повеќе од половина милион лица се вратиле во Газа (Сити) од вчера, изјави Махмуд Басал, портпарол на цивилната одбрана, службата за спасување која работи под надлежност на Хамас.
На снимки објавени од светските медиуми се гледаат Палестинци кои се враќаат во градот Газа, многумина од нив веејќи палестински и египетски знамиња.