Македонија
Снег на Попова Шапка и во Лазарополе

Снег од 12 сантиметри утрово има на Попова Шапка.
Од УХМР објавија дека снег има и во Лазарополе, а снежните врнежи ќе продолжат на повисоките планински места и во текот на денот.
На пониските места има врнежи од дожд, а локално ќе има услови за појава на грмежи. Попладне облачноста ќе се намалува и врнежите постепено ќе престануваат. Во текот на денот ќе дува умерен, по должината на Повардарието засилен северен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19 степени.
Во Скопје облачно со врнежи од дожд, кои попладне ќе престануваат и облачноста ќе се намалува. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 15 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Клиника Жан Митрев го промовира здравиот начин на живот преку Шутбал – Walking Football

Клиника Жан Митрев ја презема водечката улога во унапредување на здравите навики во Македонија, преку промоција на спорт што станува се попопуларен во светот – Walking Football, кај нас познат како Шутбал.
Под покровителство на Фудбалската федерација на Хрватска, екипата на Клиниката зеде активно учество на меѓународен турнир на островот Вис, каде што ја претставуваше Македонија со спортски дух и огромна посветеност. Натпреварувајќи се со тимови од Хрватска, Австрија и Унгарија, нашиот тим остави силен впечаток со својата енергија, фер-плеј и професионалност, што резултираше со нови покани за учество на меѓународни турнири.
Шутбалот е повеќе од игра – тој е нова можност за луѓето од сите возрасти да останат физички активни, да се дружат и да се грижат за своето здравје. Се базира на правилата на традиционалниот фудбал, но со клучна разлика: нема трчање, се игра со одење, а акцентот е ставен на рекреација, тимска игра и социјализација. Ова го прави идеален спорт за повозрасни лица, пациенти во рехабилитација, хронично болни, дијабетичари, хендикепирани, постари над 80 години старост,мешани тимови мажи и жени, како и секој кој сака да води активен и здрав животен стил.
Клиника Жан Митрев е основоположник на Walking Football во Македонија и веќе ја најавува својата заложба за организирање домашни и меѓународни турнири. Целта е да се направи спортот достапен за пошироката јавност и да се поттикне изградбата на заедница која го негува здравиот начин на живот. Спортот бележи експанзија на светско ниво и е препознаен од страна на FIFA и UEFA како здравствено-корисна, инклузивна и безбедна алтернатива на традиционалниот спорт.
Клиниката ја презема одговорноста да ја води иницијативата за официјално втемелување на овој спорт во нашата земја, со јасна визија – да се создаде движење што ќе го негува спортот, здравјето и активниот животен стил, без разлика на возраста.
ПР
Македонија
Николовски се пофали дека Царината за пет месеци сработила колку за три години, но спореди со периодот од 2020 до 2022 година

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, се пофали дека со засилени контроли за неполни пет месеци сработиле колку што претходно се завршувало во период од три години, но за споредба го избра периодот од 2020 до 2022 година кога границите се затвораа и се пропуштаа само возила што пренесуваа лекови и храна.
„Царинската управа со засилени контроли постигна рекордни резултати годинава. За неполни пет месеци, поднесени се 85 кривични пријави, што е еднакво на вкупниот број пријави поднесени во тригодишен период од 2020 до 2022 година“, рече директорот Николовски.
Царинската управа изминативе месеци работела на сузбивање на долгогодишните криминали со употребувани возила, на злоупотребите и на царинските измами со увоз на храна за избегнување на плаќањето давачки и за сите се поднесени соодветни пријави.
„Годинава, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и до Основното јавно обвинителство одделението за истраги при секторот за контрола и истраги поднесе 41 кривична пријава против 32 правни и 118 физички лица за сторени кривични дела со 140 возила. Директната штета нанесена на буџетот на Македонија со избегнување плаќање давачки изнесува 14,7 милиони денари или 239 илјади евра“, рече директорот Николовски и појасни дека измамата ја направила организирана мрежа од царински службеници, шпедитери, нотар и полициски службеник.
Откриле „мерцедес“ увезен во јули 2024 година, а прикажан како штотуку увезен, со лажно завршена царинска постапка и форензички докажано фалсификувани потпис и печат на фирма што воопшто не била поврзана со увозот на возилото. За овој случај кривични пријави се поднесени против деветмина.
Во друг случај откриле дека увозник, со помош на царински застапник, во период од 2022 до 2024 година увезувал автомобили и за нив употребувал лажни податоци за да не ги плати давачките кон државата во износ од 1,6 милион денари. На тој начин успеал да увезе вкупно 34 автомобили.
„Станува збор за 34 автомобили, со вкупна вредност 145.251 евро, при што осомничените при царинење автомобили ги декларирале како моторни возила за превоз на стока за да избегнат плаќање данок на моторни возила. За овој случај дополнително се наплатени 1,6 милион денари и се поднесени кривични пријави против две правни и две физички лица“, извести директорот Николовски.
Откриле и пет случаи во кои увозници на месо го тарифирале месото со пониски каматни стапки за да не платат 1 милиони денари или 178,9 илјади евра. Парите се наплатени, а против сторителите се поднесени соодветни пријави.
Директорот рече и дека на граничниот премин Пелинце, каде што со години немало записник за царински прекршок кој завршил со кривична пријава, спречен е обид за шверцување на злато и сребро во вредност од 2,4 милиона денари или 39 илјади евра.
Македонија
Трипуновски до Николовски: Додека трошевте државни пари на шетање, ние исплативме 8 милијарди денари кон земјоделците

„Со еден збор наследивме катастрофа, ова не е моја лична констатација, туку ова е констатација низ бројките кои што ги наследивме според сите статистики кои што говорат за вашето владеење“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски при одговарање на пратеничкото прашање на Љупчо Николовски.
„Да потсетам наследивме Програма за субвенционирање и директни плаќања каде што огромен број на средства реално не беа исплатени кон земјоделците. Наследивме претпријатија кои што не можеа плата да поделат. Вработените во тие претпријатија немаа ниту здравствено и пензиско осигурување. Да потсетам дека во АД Водостопанство вработените немаа земено 4 месеци плата. Системите за наводнување ги наследивме во една таква катастрофална состојба што не можеме во наредните три години да ги вратиме во нормала“, појасни министерот.
Трипуновски посочи дека вработените во ЈП Национални шуми немаа плата земено додека Љупчо Николовски шеташе по светот.
„Во делот на субвенционирањето и моделот на субвенционирање велите дека сте направиле реформа, сте направиле авансна исплата. Почитуван пратеник, само во Македонија формулацијата авансна се однесува на тековната исплата, тешка манипулација“, истакна министерот Трипуновски потсетувајќи го пратеникот Николовски.
„Кажете ми еден сегмент, една земјоделска култура која што во вашето време бележи раст, каде што има добра цена, каде што има загарантиран откуп, каде што има задоволни земјоделци“, го запраша Николовски.
Трипуновски додаде дека Николовски водеше само успешна политика во трошење на државни пари на шетање.
„Изминативе 11 месеци по основ на заостанати субвенции, по основ на исплатени дополнителни интервентни мерки и тековни плаќања на субвенции исплативме преку 8 милијарди денари кон земјоделците“, нагласи тој.