Македонија
Ковачевски – Садриу: Северна Македонија и Косово немаат отворени прашања
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, во Владата оствари средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу.
На средбата беше споделена заедничка оценка дека билатералните односи се пријателски и конструктивни, со редовен и отворен дијалог и без отворени прашања меѓу двете земји.
Беше разговарано за натамошните чекори во насока на зајакнување на заемната соработка и зацврстување на пријателството меѓу граѓаните на двете земји.
Премиерот упати честитки за одобрената визна либерализација на Косово и посочи дека Северна Македонија ќе продолжи и понатаму активно да ги поддржува евро-атлантските аспирации на Косово и членството на земјата во регионални и меѓународни организации.
Со цел продлабочување на соработката беше изразена подготвеност за организирање втора заедничка седница на владите на двете земји, каде што се очекува да се потпишат нови билатерални договори во повеќе области.
Ковачевски го изрази задоволството од фактот што Косово е значаен трговски партнер на Северна Македонија и изрази подготвеност за зголемување на економската соработка во двете насоки.
Осврнувајќи се на дијалогот меѓу Косово и Србија, премиерот Ковачевски потенцира дека Северна Македонија ги поддржува напорите на Европската Унија во процесот и ги охрабрува двете страни за натамошен продуктивен дијалог во насока на зголемување на довербата.
Пред средбата премиерот Ковачевски го следеше обраќањето на косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу во Собранието.
На средбата во состав на македонската делегација присуствуваа првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за правда, Кренар Лога, и амбасадорката на Република Северна Македонија во Република Косово, Шпреса Јусуфи.
Османи-Садриу претходно се сретна и со претседателот Стево Пендаровски, како и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.

