Свет
Романија екстрадира во САД клучен либански финансиер на Хезболах
Американското Министерство за правда извести во средата дека претходно неделаваРоманија екстрадирала во САД еден од клучните финансиери на Хезболах, пренесува „Ал Арабија“.
Либанското шиитско движење Хезболах, кое е одговорно за повеќе терористички напади врз американски војници, владини службеници и цивили во странство, беше означено како терористичка група од САД во 1997 година.
Мохамед Бази, либанско-белгиски државјанин и поранешен почесен конзул на Гамбија во Либан, беше уапсен од романските власти во февруари по американска потерница поради обвиненија за помагање, спонзорирање и обезбедување финансиска, материјална и технолошка поддршка и финансиски услуги на Хезболах.
Вашингтон го означи Бази како глобален терорист во 2018 година и го стави под санкции. Тој е обвинет за обид за избегнување санкции и за обид да испере и префрли повеќе од 800.000 долари од САД во Либан.
Според портпаролот на Канцеларијата на американското обвинителство во Бруклин, Бази бил екстрадиран од Романија во Њујорк во вторникот и бил изведен пред Федералниот суд во Бруклин, каде што вчера се изјаснил за невин по обвиненијата, но судијата му одредил мерка притвор до судењето.
Обвиненијата поведени во февруари од американското Министерство за правда го товарат Бази за обезбедување најмалку еден милиони долари на Хезболах од неговите бизниси во Белгија, Либан, Ирак и во Западна Африка. Заедно со Бази беше обвинет уште еден либански државјанин, Талал Шахин.
Бази и Шахин користеле многубројни методи за да ги скријат своите методи за перење пари од Министерството за финансии и американските власти. Тие вклучуваат барање на трета страна во Кина, како и фиктивен договор за франшиза за правата да управуваат со синџир либански ресторани во САД.
Бази е еден од 500 сегашни или поранешни почесни конзули идентификувани минатата година во истрагата на „Пропублика“ и Меѓународниот конзорциум на истражувачките новинари, која откри широко распространети злоупотреби во овој малку познат и слабо регулиран систем на меѓународна дипломатија.
Истрагата „Дипломати во сенка“ откри дека голем број почесни конзули биле обвинети за злосторства или биле вмешани во скандали, често и додека ги извршувале своите функции. Триесет сегашни и поранешни почесни конзули се санкционирани од САД и други влади, а деветмина биле поврзани со терористички групи, вклучувајќи го и Бази.
Екстрадицијата на Бази доаѓа една недела откога американското Обвинителство обвини уште еден финансиер на Хезболах, Назем Ахмад, за избегнување на американските санкции и продажба на дијаманти и уметнички дела во вредност од стотици милиони долари.
Ахмад не е уапсен, но еден од неговите соработници, Сундар Нагараџан, беше уапсен во Британија минатата недела. САД бараат екстрадиција и на Нагарајан.
САД имаат историја на екстрадиција на лица обвинети за помагање во финансирањето терористички групи, особено Хезболах.
Гасан Дијаб, либански државјанин идентификуван како соработник на Хезболах во 2016 година и обвинет за обезбедување средства за групата, беше уапсен на Кипар во 2019 година и екстрадиран во САД една година подоцна.
Касим Таџидин, уште еден наводен либански финансиер на Хезболах, беше уапсен во Мароко во 2017 година и екстрадиран во САД, каде што во 2019 година беше осуден на пет години затвор. Но, администрацијата на Трамп го ослободи Таџидин и го депортира назад во Бејрут.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рејтингот на Трамп достигна ново најниско ниво
Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна на најниско ниво во неговиот втор мандат, покажува нова анкета.
Според анкета спроведена од The Washington Post, ABC News и Ipsos, 60 проценти од возрасните Американци не го одобруваат работењето на претседателот, додека 39 проценти го поддржуваат.
Истражувачите велат дека рејтингот на неодобрување од 60 проценти е највисок од нападот врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, на крајот од неговиот прв мандат. Како што истакнуваат, ова е најниското ниво на поддршка во тековниот дел од неговиот втор мандат.
Рејтингот на претседателот би можел да игра клучна улога на претстојните среднорочни избори, на кои ќе се изберат претставници и сенатори во клучните федерални држави. Исходот би можел да го промени балансот на моќта во Вашингтон, бидејќи Републиканската партија се стреми да одржи тесно мнозинство во двата дома на Конгресот. Иако Трамп нема да биде директно на гласачкото ливче, изборите се сметаат за еден вид референдум за неговите перформанси.
Анкетата беше спроведена од 12 до 17 февруари меѓу 2.589 возрасни лица, со маргина на грешка од ±2 процентни поени.
Статистичарот и политички аналитичар Нејт Силвер минатата недела објави на својот блог „Силвер билтен“ дека рејтингот на одобрување на Трамп паднал на нето минус 15 поени, со 40,5 проценти одобрување и 55,5 проценти неодобрување, што исто така го означува најниското ниво од неговиот втор мандат. До недела, тој резултат малку се подобри на минус 13,6 поени.
Во исто време, анкетата од 5 до 8 февруари спроведена од Асошиејтед Прес и NORC на Универзитетот во Чикаго покажа дека Трамп има 36 проценти одобрување и 62 проценти неодобрување, нето минус 26 поени, што е изедначување на неговиот најнизок резултат во ноември со истиот анкетар.
фото/Depositphotos
Свет
Поранешен шеф на ДЕА: За фаќањето на Ел Менчо заслужно е Мексико, а не Трамп и Америка
Соединетите Американски Држави се обидуваат да ја преземат заслугата за вчерашната операција предводена од мексиканските сили, изјави поранешниот шеф на Агенцијата за борба против дрога на САД.
Синоќа насилството се прошири низ Мексико откако еден од најбараните мексикански нарко-босови, Ел Менчо, беше убиен во акција.
Во разговор за канадската CBC News, поранешниот висок функционер на Администрацијата за борба против дрога (ДЕА), Мајк Вигил, рече дека операцијата е спроведена со поддршка на американското разузнавање, но дека тоа не е победа што Вашингтон би можел да ја прогласи.
„Администрацијата на Доналд Трамп се обидува да ја преземе заслугата за оваа операција, која е 100 проценти дело на Мексико… и тие ја заслужуваат целата заслуга“, рече Вигил.
Трамп претходно на својата социјална мрежа Truth Social објави дека Мексико мора „да ги зголеми напорите против картелите и дрогата“.
Вигил, исто така, оцени дека ликвидацијата на водачот на картелот Немесио Осегуеро Сервантес, познат како „Ел Менчо“, ќе предизвика психолошки превирања во неговата организација, бидејќи членовите го сметале за „непобедлив“.
фото/ЕПА
Свет
Повеќе од илјада луѓе заробени во зоолошка градина во Мексико, меѓу нив има и деца
Повеќе од 1.000 луѓе, вклучувајќи деца, беа заробени преку ноќ во зоолошка градина во Гвадалахара и беа принудени да ја поминат ноќта во автобуси поради насилството во областа.
За потсетување, насилството се прошири низ Мексико синоќа откако еден од најбараните нарко-босови во Мексико, Ел Менчо, беше убиен.
Повеќе од 50 луѓе беа убиени во последователните судири меѓу картелите и државните сили, а улиците на градовите на западот од земјата се празни.
Директорот на зоолошката градина, Луис Сото Рендон, рече дека некои семејства од држави како Закатекас и Мичоакан биле блокирани речиси 24 часа.
„Одлучивме да им дозволиме на луѓето да останат во зоолошката градина за нивна безбедност“, рече Сото. „Меѓу нив има мали деца и постари лица.“
Сепак, утрово, мајки со мали деца беа видени како излегуваат од автобуси, додека полициски возила ја обезбедуваа областа околу зоолошката градина.
фото/ЕПА

