Свет
Пензионерка од САД со „Ролс-Ројс“ влезе во дворот на соседот и направи штета од 3 милиони долари
Невидна штета во сообраќајна несреќа направи пензионерка од САД, која со својот автомобил „Ролс-Ројс“ вреден 360.000 долари упадна во дворот на нејзиниот сосед, јавува „Си-би-ес“.
Инцидентот се случил на Палм Бич, Флорида. Како што успеала да утврди полицијата, 66-годишната Американка изгубила контрола над луксузниот автомобил на тесна улица, удрила во оградата и влегла во дворот на соседот.
Автомобилот возел низ тревата и соборил уникатна статуа вредна дури 3 милиони долари.

Потоа ја пробила втората оградата и излетала со скапиот автомобил на плажата. Вака урнатиот Ролс-Ројс го пронашла полицијата. За среќа во инцидентот нема повредени.
Пензионерката во полиција изјавила дека не се сеќава на ништо. Таа тврди дека претрпела губење на меморијата и не биле пронајдени траги од алкохол, дрога или лекови во нејзината крв.
Доколку Американката биде прогласена за виновна, таа не само што ќе треба да ги надомести трошоците за скулптурата, туку ќе плати и 10.100 долари за поправка на оградата.

Покрај тоа, на кабриолетот исто така ќе му биде потребна поправка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Првиот човек на грчката пошта поднесе оставка по најавата за затворање 200 филијали
Планираното затворање на 204 поштенски филијали скапо го чинеше директорот на Грчката пошта (ЕЛТА), Григорис Скликас, кој поднесе оставка, пренесе весникот „Катимерини“.
Скликас ја поднел оставката откако многу граѓани дознале дека нивните локални пошти биле затворени преку ноќ, што предизвикало остри реакции. И покрај оставката, владата останува при планот за затворање на околу една петтина од вкупно нешто повеќе од илјада пошти.
Директорот се бранел дека работат со застарена опрема и несоодветна дигитална инфраструктура. Грчката пошта се соочува со недостиг од персонал и милионски загуби, а долгот изнесува околу 140 милиони евра.
Портпаролот на владата, Павлос Маринакис, изјави дека планот за реструктурирање и затворање на филијалите е конечен, но призна дека одлуката за нивно затворање без претходна консултација со граѓаните била погрешна.
Тој најави дека реформата ќе се спроведе по дијалог со јавноста и дека целта е сите граѓани да имаат пристап до поштенски услуги.
Свет
Орбан му одговори на Зеленски: Украина не ја брани Унгарија од никого и од ништо
Унгарскиот премиер Виктор Орбан му возврати удар на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го обвини во едно интервју дека го поддржува Путин со блокирање на пристапните преговори на Украина со Европската Унија. Зеленски рече дека нема намера да понуди отстапки на Будимпешта, на што Орбан одговори дека Украина не ја брани Унгарија и дека Будимпешта не му должи ништо, објави „Евроњуз“.
Во интервју објавено вчера Зеленски тврдеше дека Унгарија треба да ја поддржи одбраната на Европа наместо да бара отстапки.
„Не мислам дека треба да му понудам нешто на Виктор Орбан“, рече Зеленски.
„Мислам дека Виктор Орбан треба да ѝ понуди нешто на Украина, која ја штити цела Европа од Русија, а дури и сега, за време на оваа војна, не добивме никаква поддршка од него, поддршка за нашата визија за живот“, додаде украинскиот претседател.
Одговорот на Орбан дојде кратко по објавувањето на интервјуто. Унгарскиот премиер ја отфрли сугестијата дека неговата земја му должи нешто на Киев.
„Украина не ја брани Унгарија од никого и од ништо. Ние не го побаравме тоа и никогаш нема да го сториме тоа. Безбедноста на Унгарија е загарантирана од нашите национални одбранбени капацитети и од НАТО, чиј член, за среќа, Украина не е“, рече Орбан.
Тој истакна дека Унгарија досега обезбедила приближно 200 милиони евра хуманитарна помош и продолжува да ја снабдува земјата разорена од војна со гас и електрична енергија.
Премиерот го повтори цврстото противење на Унгарија на пристапувањето на Украина во ЕУ.
„Унгарија не го поддржува и нема да го поддржи пристапувањето на Украина во Европската Унија бидејќи тоа би донело војна во Европа и би ѝ одзело унгарски пари на Украина“, рече Орбан додавајќи дека би претпочитал да види Киев да добие статус на стратешки партнер наместо полноправна членка.
Свет
Зохран Мамдани со чекан и срп на насловната страница на „Њујорк пост“
Демократскиот социјалист Зохран Мамдани, кој се опиша себеси како најлошиот кошмар на Трамп, е избран за нов градоначалник на Њујорк.
На насловната страница на денешниот „Њујорк пост“ пишува: „Социјалистот Мамдани ја доби градоначалничката трка. Црвено јаболко“. Во заднината Мамдани е прикажан како држи чекан и срп, а на небото над облакодерите се гледаат три црвени пентаграми.
„По кампањата, во која ветуваше високи даноци, бесплатни работи и омраза кон Израел, социјалистот Зохран Мамдани убедливо победи синоќа и ќе стане 111-ти градоначалник на Њујорк“, пишува „Њујорк пост“.
„Њујорк пост“ е еден од најстарите американски дневни весници, основан 1801 година, а денес е познат како таблоид со изразен сензационалистички пристап. Тој ги претставува конзервативните политички ставови, блиски до Републиканската партија.
Тој често ги критикува политичката левица, прогресивните движења и демократските функционери, а пишува потврдно за републиканските кандидати и за конзервативните прашања. Неговиот стил е провокативен, со заводливи наслови, иронија и визуелно моќни насловни страници.
За што се залага Мамдани?
Политичката платформа на Мамдани се базира на зајакнување на јавните услуги и проширување на социјалните програми, особено во областите домување и транспорт. Тој се залага за замрзнување на кириите во регулираните станови и изградба на многу достапни станови.
Мамдани исто така ги поддржува воведувањето бесплатен автобуски превоз и проширувањето на јавниот превоз финансиран од градскиот буџет. Неговите планови вклучуваат зголемување на даноците за најбогатите и за најголемите корпорации за финансирање нови јавни програми.
Во однос на социјалните прашања, тој силно ги поддржува правата на ЛГБТК+ луѓето и проширувањето на пристапот до здравствена заштита. Се залага за бесплатна грижа за децата и намалување на трошоците за живот за семејствата. Во областа на јавната безбедност се промовира поголема улога на социјалните и на услугите за ментално здравје, а воедно се намалува обемот на работа што традиционално се префрла на полицијата.

