Македонија
Нема помизерен начин за покачување на платите на политичарите од овој што го смислија власта и опозицијата, вели професорката Павловска-Данева
Нема помизерен, погрд, понечесен и помалку транспарентен начин за покачување на платите на политичарите (пратеници и министри и сè што од нив се избира/именува), судиите, обвинителите и партијашите поставени во управни, надзорни одбори и на директорски позиции од овој што го смислија власта и опозицијата заедно, а во кој (за пусти пари, се разбира) се вовлече и Уставниот суд, коментира Ана Павловска-Данева, професорка на Катедрата по административно право и јавна администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
„Платите на некои од овие функционери беа навистина несоодветно ниски во споредба со платите не само на членови на управувачкиот менаџмент на разноразни т.н. регулатори, туку дури и платите на нивните секретарки сериозно се приближуваа до платите на премиерот и министрите. Овој факт требаше да се констатира, да се поткрепи со докази и да се понуди законско решение колку и да е тоа непопуларно. Што направија власта и опозицијата по ова прашање? Се договорија Уставниот суд, како укинувач на противуставни законски одредби, да ја преземе и улогата на покачувач на платите, односно да биде преземач на гневот на граѓаните за оваа крајно непопулистичка мерка. На овој начин отидоа нагоре платите не само на оние што реално заслужуваа покачување туку повторно сите топтан ќарија од одлуката на Уставен, што секако не е ниту системско ниту праведно решение“, смета професорката.
Како што додава, денес, функционери од власта наивно се обидуваат да ги убедат граѓаните дека за нив е најважно да се легалисти, па ете мора да ја почитуваат одлуката на Уставен, а функционерите од опозицијата цинично ја критикуваат власта, но во кулоарите тријат раце надевајќи се дека јавната осуда ќе биде насочена (само) кон власта.
„Посакувам да имавме барем еден политичар with balls (како што милува да каже премиерот), кој ќе излезеше пред јавноста, ќе кажеше дека цврсто стои зад одлуката дека платите на функционерите треба да се покачат, тоа ќе го образложеше со сериозна аргументација и ќе успееше да убеди барем дел од јавноста во исправноста на изнесениот став. Но, таков не се појави. Ниту од власта ниту од страна на опозицијата. Што ќе рече – ние се соочуваме со сериозен недостиг на balls на македонската политичка сцена“, наведува во објавата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изразуи сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницираше вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со инспекторатот ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството, замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивање на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.
Македонија
СДСМ: Мицкоски побегна од резолуцијата, дури во Брисел
Денес, кога Собранието треба да одлучува и кога опозицијата требаше да му поставува прашања на премиерот Христијан Мицкоски, тој наеднаш избега во Брисел, обвинија од СДСМ.
„Ја остави Резолуцијата на СДСМ непотпишана а контра Резолуцијата остави да ја туркаат неговите послушници од ДПМНЕ и ЗНАМ. Оние што верно го следат предавството на својот претседател и оние што ЗНААТ дека ја предале Македонија за пари. Толку за „храбриот“ Христијан Мицкоски. Не смее да одговара на прашањата на опозицијата, затоа што вистината не може да ја погледне во очи“, велат од опозицијата.
Македонија
Стојаноски: Лагите на СДС се разоткриени, резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата
Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДС сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче, продолжуваат по стапките на нивниот ментор Зоран Заев. Секојдневно, гледаме иста реторика, исти методи и исти манипулативни наративи. Ова СДС не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди. Ваквата кампања на опозициската СДС, која инаку повеќе се одликува со квантитет директно го нарушува мирот на граѓаните, а е и во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече тој.
Токму затоа, додава Стојаноски, преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти.
„Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДС се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара“, рече тој.

