Регион
Петковиќ: Укинувањето на управувачкиот тим води кон укинување на ЗСО на Косово
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија при владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека одлуката за распуштање на управувачкиот тим, кој го изработи статутот на ЗСО и го презентира вчера во Брисел, е еднострана и незаконска и оти укинувањето на тимот води кон укинување на ЗСО.
„Ниту Курти ниту неговиот т.н. министер за локална самоуправа нема право на ваков потег бидејќи мандатот на управувачкиот тим не завршува со презентација на нацрт-статутот на ЗСО, туку има важна улога во процесот на формирање на ЗСО до формирањето на заедницата“, вели Петковиќ.
Според директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Курти со оваа одлука го прекинал процесот на формирање на ЗСО само десет часа откако, по 10 години, конечно, беше и формално почнат во рамките на дијалогот.
„Претпоставувам дека сега на сите им е јасно оти Курти не сака да формира ЗСО и дека сака на секој начин да ја избегне оваа најважна обврска“, нагласи Петковиќ и ја повика ЕУ „веднаш да го запре беззаконието на Курти“.
„Со овие изнудени потези Курти недвосмислено покажува дека не сака ниту мир ниту дијалог. ЕУ мора итно да го запре беззаконието на Аблин Курти бидејќи укинувањето на управувачкиот тим води кон укинување на ЗСО, а со тоа и кон укинување на процесот на дијалог“, заклучи Петковиќ.
Петковиќ, чија изјава е објавена на веб-страницата на српската влада, реагира на вчерашното соопштение на косовскиот министер за локална самоуправа, Ељберт Красниќи.
Красниќи соопшти преку социјалните мрежи дека го разрешил управувачкиот тим за изработка на статутот на заедницата на српските општини (ЗСО.
„По вчерашната презентација во Брисел на нацрт-статутот на заедницата на општини со српско мнозинство, во согласност со надлежностите дадени на управувачкиот тим со бриселскиот договор од 2013 и 2015 година, овој тим сега е без статус. Така, денес, 3.5.2023 година, решив да ги разрешам од должност членовите на овој управувачки тим составен од Даниела Вуичиќ, Јелена Боловиќ, Игор Каламар и Дејан Радојковиќ“, напиша Красниќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Лукоил“ во завршна фаза на продажба на рафинеријата во Бугарија – компанијата предупредува на заштита на сопственичките права
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека е во завршна фаза од продажбата на својата имотна структура во Бугарија, вклучувајќи ја рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ и мрежата бензински станици. Компанијата предупреди дека ќе преземе правни мерки доколку специјалниот управител назначен од бугарската влада ги повреди нејзините сопственички права.
Вашингтон на крајот на октомври воведе санкции за „Лукоил“ и „Роснефт“ со цел да го ограничи руското финансирање на војната во Украина. Рокот за завршување на трансакциите со „Lukoil International“ е продолжен до 13 декември, а за бугарските подружници до 29 април 2026 година.
Бугарската влада минатата недела именуваше специјален управител со овластувања да го продолжи работењето и, доколку е потребно, да продава удели во рафинеријата. „Лукоил“ соопшти дека очекува неговото назначување да не го попречи процесот на продажба.
Компанијата истакна дека работи со неколку потенцијални купувачи. Меѓу заинтересираните се турскиот „Cengiz Holding“, азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR, како и казахстанскиот „Казмунајгаз“, меѓународната трговска куќа Vitol, турскиот фонд Oyak и унгарската компанија MOL. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврди дека MOL доставил понуда.
„Лукоил“ најави дека компанијата ќе ги заштити своите легитимни интереси доколку бидат прекршени, потсетувајќи дека во Бугарија има инвестирано над 4,5 милијарди долари во последните 25 години.
Регион
Грција се соочува со тешка демографска криза, младите остануваат дома до 30 година
Грција се соочува со сериозна демографска криза, покажува студија на статистичката агенција Елстат. Младите најчесто остануваат да живеат со родителите сè до својата 30-та година, бидејќи ниските плати не им дозволуваат самостоен живот и основање семејство. Ова, според психолозите, има негативно влијание и врз социјалниот живот и врз желбата за создавање нови семејства.
Според податоците на Евростат, Грција е прва во Европа по бројот на млади кои доцна го напуштаат родителскиот дом. Во Бугарија, на пример, младите заминуваат во просек на 28 години, пренесува БНР.
Кризата со домувањето дополнително ја влошува ситуацијата, а иако владата покрива една месечна кирија годишно за младите семејства, ниските примања и несигурноста ја намалуваат желбата за деца. Во последните 13 години, во земјата се родени четвртина милион деца помалку во однос на пред две децении.
Опозициската СИРИЗА предупредува дека демографската криза не може да се реши без сеопфатна стратегија.
Регион
Обилни дождови поплавија патишта и продавници во делови од Грција
Обилните дождови во Грција ги поплавија патиштата и продавниците. Полицијата ги повикува возачите да возат внимателно.
Јужниот дел од земјата беше најмногу погоден, особено планинските региони Загори и Џумерка, каде што патиштата беа непроодни. Пожарникарите мораа да спасуваат патници од поплавените автомобили. Беше спроведена спасувачка операција за спасување на двајца земјоделци и нивните стада.
Полицијата затвори еден од патиштата до пристаништето Игуменица. Сè е во вода, соопштија пристанишните власти.
Островот Крф е силно погоден од поројни дождови. Патиштата се како реки, што го оневозможува движењето, се жалат жителите на островот.
Многу куќи на приземје, ресторани и продавници се поплавени.
За денес, прогнозите се дека лошото време ќе продолжи, опфаќајќи го поголемиот дел од земјата и егејските острови.
Властите издадоа предупредување за внимателност при возење во областите Солун, Патра и Крит.

