Македонија
„Неправото не може да стане право“, загриженост кај „Коалицијата за правично судење“ поради Судски совет
Коалицијата „Сите за правично судење“ со особена загриженост констатира дека, не само што Советот продолжи да ги заснова своите одлуки на претходно незаконско постапување, а неправото не може да стане право, туку истиот направи дополнителни пропусти во имплементацијата на Законот и стандардите за добро управување.
Коалицијата од мониторингот на Судскиот совет забележува континуирано отстапување од Законот за Судскиот совет и стандардите за транспаретно и отчетноработење на оваа институција.
Од тука велат дека соопштението за одржување на 439-тата седница на Судскиот совет беше објавено само 15 минути пред самото започнување на седницата, што сериозно допринесува кон намалување на транспарентното работење на Судскиот совет, бидејќи ваквото постапување практично ја спречува јавноста да присуствува на оваа седница и истото може да биде протолкувано како обид на Советот незаконски да оневозможи присуство на јавноста на седницата.
Коалицијата смета дека ваквиот начин на закажување и објавување на седниците е апсолутно спротивен на транспаретно и отчетно работење на Судскиот совет особено во вакви исклучителни ситуции кога за да биде подобрен имиџот на Советот и судството во целина се потребни исклучителни напори за транспарентност и отчетност во работењето.
Законот за Судскиот совет точно определува во кои ситуациии Советот може да донесе одлука за исклучување на јавноста од седниците.
„Имено, во член 39 став 2 е наведено дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија, а согласно став 3 кога Советот носи одлука за исклучување на јавноста истиот е должен да ја извести јавноста за причините за таквата одлука. Доколку станува збор за случај во кој Советот треба да донесе одредена одлука по точката за која јавноста би била исклучена, гласањето за одлуката мора да биде јавно исто како и самата одлука за исклучување на јавноста. Тргнувајќи од ваквиот начин на уредување на јавноста за работењето на Судскиот совет неминовно се забележува дека Советот повторно го има прекршено Законот во делот што се однесува на јавноста во постапувањето“, велат од Коалицијата.
Имено, денес беше наведено дека пред одржување на 439-тата седница, Советот одржал уште 2 седници зад затворени врати со образложение дека се расправало за сензитивна тема, односно за меѓучовечките односи во Советот, што според Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија не е основ за исклучување на јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

