Македонија
Мицкоски oд Битола: Ние сакаме Влада без Али Ахмети и ДУИ
„Ова е Македонија на заедништво и нов заеднички патриотизам на рамноправни. Нашата борба е за европски вредности базирани врз меѓусебно почитување и самопочит. Нашата борба е вредности, идеал и кауза. Нашата борба е да ја обновиме Македонија. Промените да победат, за заедничката иднина, а промените ќе дојдат“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Битола во рамки на акцијата „Ова е Македонија за сите“.
Тој посочи дека од сите граѓани зависи каква ќе биде иднината.
„Овојпат треба да се приклучите, овојпат е важно да учествувате за заедно да ги менуваме работите. Со истата енергија каква овој народ и земја ги имале при сите големи победи, при сите свои илиндени, славни епопеи и победи“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се бори за мнозинство во парламентот од 61 пратеник.
„За тоа да се случи, драги пријатели, браќа и сестри, потребно ни е обединување на секој еден човек, мобилизација на секоја една клетка. И на тие кои што можеби не не поддржувале и на тие кои што имаат дилема, треба да им пратиме една јасна порака, сега е моментот кога треба повторно да ја вратиме Македонија онаму каде што и е местото, а тоа е на победничките патеки“, потенцираше Мицкоски.
Тој е дециден дека на следните избори треба да избереме претседател на народот, и треба да избереме Влада на народот, а за тоа ни е потребна убедлива победа на претседателскиот кандидат позади кој што ќе застане ВМРО-ДПМНЕ и 61 пратеник во Парламентот. Затоа треба да се мобилизираме.
Мицкоски додаде дека ова е незапирливата сила на народот, и ова е Македонија, Македонија за сите луѓе.
„Ќе имаме три опции на следните избори тоа е оваа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, втората опција е коалицијата на ДУИ помалиот партнер СДСМ и неколкумина измеќари кои ќе се обединат околу двоецот Зечевиќ – Ковачевски и третата најопасната се оние кои со евтин популизам и договорен патриотизам ќе излегуваат и ќе се обидат да го поделат македонскиот гласач и да ја намалат победата на ВМРО-ДПМНЕ да не дојде до 61 пратеник зошто ? Затоа што на тој начин ќе ја зајакнат позицијата на Али Ахмети и ДУИ во процесот на преговори, а ние не сакаме со нив Влада, ние сакаме Влада без Али Ахмети и ДУИ затоа треба да излеземе масовно“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

