Македонија
(Видео) Димитриеска Кочоска: Власта става европско знаменце на договорот со „Бехтел и Енка“, затоа што повеќе од јасно е дека тој договор е многу штетен и е заснован на непостоечки закони
„Злоупотребата која оваа власт ја прави во континуитет и не запира, а од друга страна народот веќе е свесен и го знае тоа. Кога го зборувам ова мислам точно на договорот со „Бехтел и Енка“ договор кој е повеќе од јасно дека е многу штетен и договор кој го кријат токму заради тоа што има внатре многу корупција и криминал. Тој е договор кој е заснован пред се на непостоечки закони. Закони кои сега влегуваат во Собранието и им ставија не случајно Европско знаменце затоа што тој им е единствениот начин да ја избегнат јавноста, тоа е единствен начин да ги скријат работите и да нема јавна дебата“, истакна потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска при теренската активност на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Ова е Македонија за сите“ во селата Ротинце и Копанци во Тетово.
Димитриеска Кочоска истакна дека народот е свесен и го знае тоа. Жално е што упорно власта пробува да го протурка овој договор кој носи огромна штета на Македонија и за кој ќе платиме 300 милиони евра до сега.
Таа додаде дека во исто време имаме една од највисоките стапки на инфлација во Европа, како и дека нема никаква работа, нема инвестиции, нема учебници, нема здравство, нема образование.
„Жално е што наместо да се фокусираат на тоа што треба да биде приоритет тие создаваат фискални импликации, трошоци заради неодговорност заради криминал и затоа не случајно овде од Ротинце и Копанци им порачувам дека секој еден ќе одговара од сите тие кои што го спремаа договорот затоа што народот ќе си ја испорача сметката“, кажа таа.
Димитриеска Кочоска заклучи дека ова е договор за кој никој нема да им прости, нема да им прости затоа што не зборуваме за една, две а можеби и три милијарди евра на крај ќе чини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицаец кој го обезбедува Собранието возел без да има положено, одземено му е возилото
Полицаец, вработен во Одделението за обезбедување на Собрание, возел без да има положено. Против него е поднесена кривична пријава и одземено му е возилото.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против А.Б., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Пријавениот А.Б., полициски службеник во Одделението за обезбедување на Собрание на РСМ, Сектор за обезбедување на објекти од државен интерес при Оддел за заштита на определени личности и објекти, на 12.02.2026 на ул.„11 Октомври“ во Скопје управувал негово лично патничко моторно возило „бмв“ без положен возачки испит, односно без возачка дозвола, а по наредба на јавен обвинител возилото е одземено“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против А.Б. поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
Пред една недела, уште еден полицаец беше фатен без возачка дозвола.
Македонија
Герасимовски: Инспекторите се на терен, санкции за сите што немаат одобрение за урбана опрема
Општина Центар ги повикува сите правни субјекти и сопственици на угостителски објекти навремено да ја проверат и подготват целокупната документација за поставената урбана опрема на јавните површини.
Инспекциската служба на Општина Центар, спроведува интензивни теренски контроли за утврдување дали терасите, настрешниците, шанковите, перголите, параваните, застаклените конструкции и другата урбана опрема се поставени со важечко одобрение и согласно издадената документација.
За секоја утврдена неправилност, инспекторите согласно законските надлежности, ќе реагираат со поведување прекршочни постапки и изрекување соодветни санкции.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во повеќе наврати порача дека нема да има толеранција за бесправно узурпирање на јавниот простор.
„Нашите инспекциски служби се на терен. Соодветни казни ќе има за сите што немаат одобрение за поставување урбана опрема“, рече Герасимовски.
Македонија
Цвеќе во помен на Борис Трајковски – 22 години од авионската несреќа
Делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, членови на политички партии, семејството денес оддадоа почит во помен на трагично загубените животи во авионската несреќа пред 22 година, кога загина тогашниот македонски претседател, Борис Трајковски.


„Борис Трајковски останува запаметен како претседател во време на тешки државни предизвици, човек кој со смиреност и одговорност ја водеше Македонија низ период на сериозни искушенија. Неговото делување беше насочено кон зачувување на мирот, стабилноста и меѓународниот углед на државата. Неговата политика на дијалог и единство претставува потсетник дека државничката зрелост, храброста и чувството за одговорност се темел на секоја стабилна и суверена држава. Денес, повеќе од две децении подоцна, останува обврската да се чува државата, да се гради единство и да се продолжи патот на стабилност и напредок“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Цвеќе положи и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.


„Пред 22 години, на овој ден, Македонија ја почувствува една од најтешките загуби во својата понова историја. Трагичната вест за падот на авионот со кој кон Мостар патуваше претседателот Борис Трајковски ја зави државата во тага. Заедно со него, животот го загубија и осуммина членови на делегацијата, луѓе посветени на службата кон татковината. Борис Трајковски беше повеќе од државник. Тој беше симбол на смиреност во тешки времиња, глас на разумот и човек што искрено веруваше во силата на единството. Со достоинство ја носеше функцијата претседател, но уште поголемо достоинство носеше во својата човечност. Веруваше во Македонија. Во нејзината иднина, во нејзините луѓе, во можноста да бидеме подобри и посилни заедно. Неговата визија за стабилна, демократска и европска држава останува патоказ и денес. Со почит и благодарност се сеќаваме на неговото дело и на неговата жртва“, порача Ѓоргиевски.
И партиска делегација на СДСМ, заменик претседателката Фани Каранфилова Пановска, членовите на Извршниот одбор, Рената Младеновска и Александар Наумоски, денеска оддадоа почит во Алејата на великаните во Скопје.

„Трајковски беше проевропски претседател, државник кој посветено работеше за мир, соживот, за напредок и европска перспектива на нашата држава. Неговата политика беше политика на дијалог, на приближување, на отворање перспективи дома и надвор. Веруваше дека Македонија може и мора да биде дел од европското семејство, но пред сè стабилна и обединета држава во која различностите се богатство, а не поделба. Политиките на претседателот Борис Трајковски нè потсетуваат дека храброста, мудроста и одговорноста кон граѓаните се пример за лидерството“, велат од СДСМ.


Авионската несреќа се случи на 26 февруари 2004 година кај Мостар. Во несреќата загинаа и Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска – советници во Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски, вработен во МНР, Борис Велинов, Аце Велиновски – обезбедување, Марко Марковски и Бранко Ивановски – пилоти на авионот.
Последниот извештај за авионската несреќа од меѓународниот истражен тим покажа дека причините за падот на „кингерот“ се седум системски грешки на пилотите. Авионот се спуштил под минимално дозволена висина, временските услови биле неповолни, а пилотите не ја почитувале стандардната процедура, да слетаат на друг аеродром. Тие решиле да продолжат со слетување. Беше посочено и дека авионот не бил одржуван соодветно.

