Регион
Борисов ја номинира еврокомесарката Габриел за нов премиер на Бугарија
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, утринава ја номинира еврокомесарката Марија Габриел за кандидат на неговата политичка партија за следен премиер на Бугарија потврдувајќи ги постојните шпекулации во Софија, пренесува „Еурактив“ цитирајќи ги бугарските медиуми.
Кусата најава на Борисов во парламентот ја поздравија само пратениците на ГЕРБ, а тој истакна дека Габриел е задолжена самата да побара поддршка од другите парламентарни сили за да се договори за кабинет.
Борисов вчера најави дека мандатарот за новата влада ќе биде претставен пред лидерите на сите политички партии во бугарскиот парламент. Неговата ГЕРБ се покажа како најсилна партија на предвремените избори на 2 април освојувајќи 25 отсто од гласовите и сега ја има тешката задача да најде коалициски партнери за да формира влада.
Тој рече дека Бугарите и Европа ќе се гордеат со премиерот што тој ќе го предложи.
„Нашиот премиер ќе биде личност што ќе може да ги води економијата, индустријата и модернизацијата во насока што сите ја очекуваме“, нагласи Борисов.
Откако „24 часа“ ја објави шпекулацијата за новиот мандатар, „Еурактив“ побарал коментар од канцеларијата на Габриел и од кабинетот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Леан, но од таму одбиле да коментираат.
За да ја напушти позицијата еврокомесар, на Габриел ќе му биде потребно формално одобрување од шефицата на ЕК. Ако Габриел ја напушти Комисијата, Фон дер Лаен може или да ја замени или да му го даде нејзиниот ресор на друг комесар.
Експертите велат дека Габриел ќе згреши ако ја напушти функцијата комесар за да се приклучи на бугарската политичка сцена, каде што, дури и во најдоброто сценарио, тешко би можела да опстане долго на чело на кревкиот кабинет.
Борисов рече дека ќе им понуди 20 министерски места на другите политички партии, кои би го поддржале неговиот лично избран кандидат. Понудата можеби изгледа дарежлива, но четирите претходни предвремени избори не резултираа со одржлива влада токму затоа што главните политички играчи не сакаа коалиција со Борисов.
Ако обидите за формирање влада повторно пропаднат, Бугарите повторно ќе одат на предвремени избори летово и Борисов предупреди дека е време работите да се сфатат сериозно.
„Апелирам до сите страни: избори во август, без буџет, би биле катастрофа“, предупреди тој нагласувајќи дека ГЕРБ „дефинитивно, одлучна е да формира влада по секоја цена“.
Борисов рече дека мандатарот „ќе стави ред во хаосот“, ќе ги деблокира европските фондови достапни според планот за закрепнување, ќе ги унапреди реформите во правосудството и ќе се погрижи Бугарија да влезе во шенгенската зона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Атина без такси 48 часа: возачите на улица против даночните мерки
Таксистите во Атина најавија 48-часовен штрајк, објави „Катимерини“. Нивното незадоволство произлегува од новите даночни политики и задолжителниот премин кон електрични возила.
Синдикатот на таксистите во Атина (SATA) наведува дека задолжителното воведување електрични автомобили го загрозува опстанокот на секторот, поради недостаток на соодветна инфраструктура за полнење, прифатливи цени на електричната енергија и реални трошоци за возилата. Таксистите оценуваат дека ваквиот потег претставува економско уништување, а не зелена транзиција.
Возачите изразија загриженост и поради недостиг од јасна регулаторна рамка која ги раздвојува такси-услугите од возилата за изнајмување со возач. Според SATA, такси-возилата обезбедуваат превоз од точка до точка, додека приватните компании за изнајмување продаваат време на патување.
Синдикатот тврди дека мултинационалните апликации за споделено возење го нарушуваат пазарот, посочувајќи дека грчките професионалци работат под строг надзор, додека странските компании функционираат без доволна контрола или локална даночна основа.
Таксистите бараат и пристап до лентите за автобуси при превоз на патници, нагласувајќи дека такси-услугите се дел од јавниот превоз и дека ограничувањата ги зголемуваат сообраќајните гужви и негативното влијание врз животната средина. Во однос на оданочувањето, SATA истакнува дека возачите се соочуваат со неправичен третман и растечки трошоци за гориво, одржување и живот, наведувајќи дека секторот повеќе не може да издржи прекумерен даночен притисок.
Фото: pexels
Регион
Вучиќ од Абу Даби: Пандорината кутија е отворена; ќе дадам сѐ за да го зачуваме мирот и нашата земја
Претседателот на Србија Александар Вучиќ им се обрати на граѓаните од Абу Даби, каде што присуствуваше на отворањето на Неделата на одржливост 2026 и се сретна со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед.
Вучиќ изјави дека државата мора сериозно да се насочи кон развојот на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека светот влегува во нова ера на големи промени.
„Големи промени се случувале и порано – од 15 век, кога Европа воспоставила доминација благодарение на научните откритија и освојувањето територии. Денес сите гледаат дека доаѓа ново време кое го носи вештачката интелигенција. Ние сме на 39. место во светот според индексите, што е подобро отколку што очекувавме“, рече Вучиќ, пренесе „Б92“.
Тој додаде дека тоа не е доволно и предупреди дека за шест месеци неработење Србија може да падне и на 70. место, нагласувајќи дека мора постојано да се работи и учи.
„Се соочуваме со две работи – огромен напредок и стравот кај луѓето дека ќе ги загубат работните места“, изјави Вучиќ.
Тој истакна дека државата мора да создаде рамка која ќе го поттикне развојот на вештачката интелигенција, но и ќе гарантира дека граѓаните нема да останат без работа. Посочи дека три проценти од енергијата во Европа се трошат на суперкомпјутери и дека ќе биде неопходно зголемување на енергетските капацитети.
„Важно е да го подготвиме теренот за децата што доаѓаат по нас, за да можат рамноправно да се натпреваруваат со другите во светот“, додаде тој.
Вучиќ информираше дека имал кратка средба со шеикот Мохамед бин Зајед и изрази благодарност за гостопримството, додавајќи дека наскоро се надева на добри вести поврзани со НИС.
„Мораме да ги зголемиме капацитетите на ЕПС, но и да склучуваме договори со други за да ги обезбедиме нашите потреби“, изјави српскиот претседател.
Осврнувајќи се на меѓународната ситуација, Вучиќ зборуваше за Гренланд и Иран, оценувајќи дека светот влегува во период на голема неизвесност.
„Не се радувам на ништо од тоа што се случува. Се плашам од времето во кое влегуваме. Пандорината кутија е отворена и повеќе никој не може да ја контролира“, рече Вучиќ, додавајќи дека ќе вложи целосна енергија за да ги зачува мирот и државата.
Тој нагласи дека граѓаните на Србија не треба да се грижат и дека државата внимателно ја следи ситуацијата. Потврди и дека утре ќе има билатерална средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати.
„Станува збор за двајца лични пријатели. Разговараме како да ја унапредиме соработката. Не заборавајте дека дел од дроновите ги набавуваме од тука“, изјави Вучиќ.
На крајот, тој се осврна и на критиките од дел од медиумите, нагласувајќи дека Србија успеала да издржи и во најтешките моменти, дури и кога 94 дена немало испорака на нафта, без граѓаните да го почувствуваат тоа.
Регион
Снег падна и на Крит и островите во Егејот, дел од училиштата затворени
Снег падна во Грција, на полуостровот Халкидики и на островите во северниот Егеј – Лимнос, Лезбос, Хиос и Споради, како и на планините околу Атина, но и на Евија и Крит.
На Крит сообраќајот на места беше во прекин поради силен град.
Поради временските услови, работата на повеќе училишта е прекината, а наставата се одвива онлајн таму каде што е можно.
Иако температурите се над нулата, снегот и понатаму се задржува.
Фото: pexels

