Свет
Русија ќе се повлекува од договорот за конвенционални вооружени сили во Европа

Русија изрази намера да се повлече и формално да се повлече од договорот за конвенционални вооружени сили во Европа (ЦФЕ), договор за воена транспарентност, кој во моментот е суспендиран во земјата, пренесува РТ.
Рускиот претседател Владимир Путин го назначи заменик-министерот за надворешни работи, Сергеј Рјабков, да ја надгледува процедурата на повлекување во рускиот парламент. Назначувањето беше објавено денеска како дел од редовните соопштенија од Кремљ. Рјабков ќе ја претставува владата во двата дома на парламентот во врска со предложеното повлекување, се вели во документот.
ЦФЕ беше еден од темелите на обидот за намалување на тензиите меѓу Варшавскиот пакт и НАТО во последните денови на СССР.
Договорот за конвенционални вооружени сили беше потпишан на 19 ноември 1990 година во Париз, а стапи во сила во 1992. Негови првични потписници беа 16 држави членки на НАТО и 6 држави од варшавскиот пакт.
Со договорот се воспоставија ограничувања за големината на распоредените конвенционалните вооружени сили и се дефинира бројката на конвенционалното вооружување во Европа, односно се ограничуваше количеството тешко вооружување на просторите од Атлантскиот Океан до Урал. Освен тоа, договорот наметна и повеќе механизми за транспарентност, како верификациските инспекции на терен.
По распадот на варшавскиот пакт и СССР, се загуби рамнотежата поради проширувањето на НАТО на сметка на поранешните земји сојузнички на СССР и неговите составни делови.
Москва го потпиша адаптираниот договор, кој не беше ратифициран од мнозинството европски држави, но во 2007 година делумно го суспендира наведувајќи го како причина фактот дека новите членки на НАТО не ги почитуваат ограничувањата на своите армии во согласност со ЦФЕ, а во 2015 година целосно се повлече од механизмите на договорот.
Претходно во февруари, Русија го суспендира своето учество во новиот СТАРТ, последниот билатерален договор со САД за намалување на нуклеарното вооружување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
За Зеленски велигденското примирје на Путин е нова манипулација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази скептицизам во врска со едностраниот велигденски прекин на огнот, објавен денеска од рускиот претседател Владимир Путин. Во објава на социјалните мрежи оцени дека станува збор за нова манипулација на Путин, но не открива дали примирјето е прифатливо за Киев.
– Што се однесува до новиот обид на Путин да манипулира со човечките животи – сирените за воздушен напад моментално се огласуваат во многу делови на Украина. Во 17 часот и 15 минути на нашето небо беа откриени руски беспилотни летала. Украинската воздушна одбрана и воздушните сили веќе почнаа да дејствуваат за да не заштитат. Присуството на дронови Шахед во нашиот воздушен простор јасно го открива вистинскиот став на Путин кон Велигден и кон човечките животи, напиша Зеленски на платформата Х.
Зеленски во објавата не дава никави назнаки дали и Украина ќе го прекине огнот за Велигден.
Рускиот претседател Владимир Путин попладнево објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објави Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Свет
Путин објави велигденско примирје

Рускиот претседател Владимир Путин објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции, соопшти Кремљ.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објавил Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Путин истакнал дека руските војници, сепак, мора да бидат подготвени за можни прекршувања на примирјето од страна на Киев. Мора да бидат подготвени да одбијат секаква провокација на непријателот, секоја негова агресивна акција, нагласил рускиот претседател.
Москва очекува украинската страна да го следи нивниот пример. Киев сè уште официјално не го коментираше прогласеното примирје.
Свет
Се урна станбен блок во Индија

Четири лица загинаа, а уште 10 се водат за исчезнати откако денеска се урна повеќекатен станбен блок во близина на Њу Делхи, јавија индиските медиуми повикувајќи се на полицијата.
Според извештаите, спасени се 14 лица. Блокот се урнал во Мустафабад во североисточниот дел на државата Делхи. Ограничените услови ја попречуваат спасувачката работа, изјави портпаролот на Националните сили за одговор при катастрофи.
Причината за уривањето се уште не е позната. Локалните медиуми јавуваат дека неодамна биле извршени градежни работи во приземјето на зградата.
Главниот министер на Делхи, Река Гупта нареди истрага за инцидентот.