Регион
„Фајненшел тајмс”: Белград се откажа од државјанствата за Руси по заканите од ЕУ

Србија се откажа од плановите за издавање пасоши на Руси и на други странски државјани што живеат во земјата повеќе една година откако ЕУ предупреди дека може да ѝ го укине безвизниот режим, пренесува „Фајненшл тајмс“.
Во моментот странците мора да живеат во Србија најмалку пет години пред да имаат право да побараат државјанство. Но, во нацрт-законот што српската влада го претстави во април беше прецизирано дека за издавање српски пасош на странски државјани, кои работат во локални фирми или се самовработени, ќе биде доволна една година привремен престој.
Европската комисија предупреди дека го следи безвизниот режим со Србија за да ги спречи и да ги ублажи можните безбедносни ризици за ЕУ. Од таму лани му биле испратени јасни препораки на Белград да ги укине или да се воздржи од усвојувањето шеми за инвеститорско државјанство.
„Ако некое државјанство доделено според шемите за државјанство на инвеститори претставува зголемен ризик за внатрешната безбедност и за јавната политика на земјите членки на ЕУ, бесплатниот визен режим со Србија може да биде суспендиран“, се вели во соопштението на ЕК испратено до „ Фајненшл тајмс“.
Во текот на минатата година Брисел неуспешно се обиде да изврши притисок врз Белград да воведе санкции кон Русија, да ги забрани директните летови од земјата до Руската Федерација и да им дава засолниште на руските компании и поединци што сакаат да ги избегнат западните забрани за патување и замрзнување на имотот.
Според неименуван советник во владата на Србија, предлог-законот за полесно и побрзо стекнување државјанство е само предлог што не бил прифатен, а неговата функција била да привлече висококвалификувани работници со цел да се стимулира економија на Србија.
Имајќи предвид дека на социјалните мрежи во рускојазичното подрачје во последните неколку недели одекнува веста за можни законски измени за добивање српски пасош, се очекува нов бран руски емигранти што сакаат да се преселат во Србија со надеж потоа да се преселат во други европски градови.
Набљудувачите на Балканот прогнозираат дека српската влада, најверојатно, ќе го повлече предлогот поради притисокот од ЕУ бидејќи на Србија ѝ требаше многу напор да издејствува либерализација на визниот режим во 2009 година.
Во исто време владата во Белград, најверојатно, ќе бара да ги продолжи дозволите за престој на речиси 200.000 Руси, кои пристигнале во земјата од февруари 2022 година.
Европската комисија ги повика на крајот на март земјите членки на ЕУ веднаш да ги откажат сите постојни шеми за издавање т.н. златни пасоши и да размислат за укинување на државјанствата дадени на руски и белоруски граѓани, кои се на листата на санкции на ЕУ поради војната во Украина. Т.н. шеми за златни пасоши се однесуваат на национални програми за продажба на државјанства за земјите од ЕУ на инвеститори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Украинско комбе се судри со руски камион во Словенија, петмина загинати

На автопатот кој ги поврзува Марибор и Љубљана, во близина на излезот Словенска Коњица, во правец на Љубљана, се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа пет лица, а две се повредени. Несреќата се случила кога патничко комбе удрилo во камион. Сите жртви биле странски државјани, соопшти словенечката полиција, јавуваат медиумите во регионот.
Според досега утврденото, возачот на комбе со украински регистарски таблички, кое превезувало седум лица, поради несоодветна брзина, удрил во задниот дел од приколка која стоела во ред поради работи на автопат. Пет лица загинале во комбето на местото на несреќата.
Возачот, кој ја предизвикал несреќата, е полесно повреден, додека патничка е тешко повредена. Двајцата повредени се пренесени во болница, а тешко повреденото лице е пренесено со хеликоптер. Идентитетот на загинатите сè уште се утврдува.
Возачот на камионот, руски државјанин, не е повреден, но му е понудена психолошка помош поради сериозноста на несреќата, објавува Радиотелевизија Словенија. Несреќата се случила непосредно пред одморилиштето Тепање, на дел од автопатот каде што се во тек големи работи – се реновираат 13 километри пат, два тунела и три вијадукти. Полицијата потврди дека несреќата се случила пред работната зона каде што се формираат долги редици поради затворени ленти.
Фото: принтскрин
Регион
Млад човек се удави во Улцињ: трагедија во Црна Гора

Млад човек се удави во Улцињ денеска, во попладневните часови, јавуваат медиумите во регионот.
Според написите, давењето се случило на „Големата плажа“.
Засега нема информации за идентитетот на загинатиот.
Според последните извештаи било подигнато црвено знаме бидејќи имало големи бранови во морето.
Регион
Србија им препорачува на граѓаните да не патуваат во Хрватска на почетокот на август

Министерството за надворешни работи на Србија им препорача на граѓаните на Србија да се воздржат од патување во Хрватска во периодот од 1 до 10 август.
Во соопштението Министерството им советува на граѓаните што ќе бидат на територијата на Хрватска во тој период да избегнуваат собири и други јавни собири, кои може да носат ризик од инцидентни ситуации.
Во тој период – на 5 август, Хрватска ја одбележува годишнината од воено-полициската операција „Бура“. Прославата се одржува на денот кога завршила акцијата. Во Србија годишнината од „Бура“ е на 4 август, денот кога почнала, како ден на сеќавање на жртвите и протераните Срби.