Македонија
Министерот за здравство ќе правел интернистички центар, а не може да го реши ни паркингот на Клинички
Министерот за здравство во телевизиско гостување најави дека сака да реализира спојување на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со еден генерален директор со неколку раководители и информираше дека се планира да се направи ургентен интернистички центар со тријажа за тоа што пациентите биле принудени да шетаат по ходниците од една клиника во друга клиника.
-Сега како министер од прв ден почнав, тоа ми беше приоритет. Еднаш засекогаш да го решиме тоа. Работиме интензивно на идеен проект, на физибилити и на се и ќе почнеме во актуелната Kлиника на токсикологија веќе подготовките се при крај и ќе почнеме да го адаптираме просторот таму и да направиме интернистички ургентен центар со тријажа. Доаѓа пациент од сите специјалности ќе има тука и специјализанти и специјалисти што ќе го покрива, 24 часа ќе функционира, ќе доаѓаат – ако треба опсервација ќе седи колку треба, ако е за хоспитализација ќе има тријажа во одредена клиника, а ако не ќе се врати пациентот дома, подвлече министерот Меџити.
Упатувајќи позитивни забелешки во однос на апликацијата „Мој термин“, тој исто така информираше дека со неговата екипа работат на апдејтирање и ажурирање на истото и дека се при крај на дисперзирањето на препишувањето на терапиите кон матичните лекари, затоа што, според евиденцијата и статистиките со коишто се располага, со сегашните закажувања од другите градови кои патуваат до нивните специјалисти за да им се препишуваат одредени лекови сочинуваат 30 проценти од гужвата што се случува со пациентите.
-Треба организација добра, треба ред да има и дисциплина и тоа ќе го поставиме низ цела Македонија со инспекција и контролори од „Мој термин“, ќе има и втори смени и за дијагностика и за апарати, ќе има и за „Мој термин“ прегледи за да тие листи на чекање не бидат толку долги, појасни Меџити додавајќи дека ќе има транспарентна листа на операции и нема некој да дојде преку ред или ќе има посебен дел кај ќе има простор за да се решаваат итни пациенти“, вели тој.
Меџити заборави на своето ветување првиот ден кога стана министер дека ќе го реши хаосот на клинички. На паркингот се уште се врти по еден час, затоа што слободно место нема „ни за лек“. Кога и како ќе се решава проблемот на пациентите и оние кои доаѓаат во нивна посета се уште не се знае.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

