Македонија
Притвор за копачот кој сакаше да прави див паркинг, за соучесникот поблага казна
Јавен обвинител синоќа до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за две лица против кои е поведена постапка за кривично дело, узурпација на недвижности.
Судијата на претходна постапка разгледувајќи ги околностите за првоосомничениот, кој го узурпирал земјиштето определи мерка притвор во траење од 8 дена, додека за вториот осомничен, возач на багерот определени се мерки на претпазливост.
„Осомничените, на возраст од 45 и 42 години, на особено дрзок начин, со багер урнале дел од оградата на поликлиниката „Бит Пазар“ и започнале да го рамнат и тампонираат земјиштето во близина на здравствената установа кое не било во нивна сопственост, со намера да го претворат во паркинг, иако за тоа немале соодветна дозвола од општината. Надлежниот јавен обвинител предложи мерка притвор оценувајќи дека во конкретниот случај постои опасност осомничените да го повторат делото, бидејќи кривично-правните дејствија ги презеле преку исклучителен волунтаризам и самоволие, со нарушување на имотот на објект кој е во општа употреба. Двајцата манифестирале огромна упорност за реализирање на својот потфат и за само два часа успеале да ја урнат оградата и бетонските столбови со цел да овозможат пристап на градежна механизација на локацијата, започнале да носат камиони со тампон и истуриле огромно количество песок за да го тампонираат просторот. Во ноќни услови, на особено фреквентно место од градот, со своите ископувања стигнале до самите ѕидови на болницата, при што го загрозиле пристапот до болницата и спроводот на пациентите во итни случаи“, соопштија од ОЈО Скопје.
Според обвинителството, намерата на осомничените била во најкраток можен период за време на викендот да го заокружат криминалниот потфат со ставање сопствена рампа со која во иднина би го узурпирале просторот и би профитирале од наплата на паркинг без дозвола. Ова за обвинителството укажува дека тенденцијата на осомничените била и понатаму да се занимаваат со казниви дејствија што го оправдува стравот дека постои опасност тие да го повторат кривичното дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

