Свет
Почина жена која била во кома од 1991 година, сопругот во болницата ја посетувал секој ден
Миријам Висинтин удрила со својот автомобил во столб и се здобила со повреда на мозокот на Бадник, во 1991 година.
Три децении ги поминала во кома, а нејзиниот живот згаснал минатата недела.
Италијанскиот весник „Ла Република“ пишува за трагичниот живот на Миријам и за огромната љубов на нејзиниот сопруг кој секојдневно во изминатите 30 години ја посетувал во болницата.
Миријам која е од Венето, пред два месеци била преместена во болницата Сан Басијано поради акумулација на течност во нејзините бели дробови.
Таа била во кома откако со својата „фиат панда“ ја направила кобната сообраќајна несреќа и претрпела неоперабилна повреда на мозокот.
Нејзиниот 33-годишен сопруг, Анџело Фарина, по смртта на Миријам од срцев удар изјави: „Конечно најде мир за неправдата… Конечно таа е таму горе во мир и во рајот“.
Тој продолжи: „Бевме во брак само една и пол година кога се случи трагедијата. Бевме толку млади и имавме толку многу планови… судбината беше сурова кон неа. Таа не го заслужи сето ова“, рече тој, пренесе „Дејли мејл“.

Анџело Фарина (лево) е сликан со неговата млада сопруга Миријам пред трагичната несреќа во 1991 година

Фарина ја посетувал својата сопруга во различни домови за нега речиси секој ден по несреќата
Денот на кобната сообраќајна несреќа требало да им биде втор Божиќ заедно откако се венчале во 1990 година. Двајцата се запознале во дискотека во Мусоленте неколку години пред тоа и се заљубиле.
Лекарите по несреќата му рекле на Анџело дека неговата сопруга најверојатно нема да ја преживее ноќта.
„Кога се земавме, се заколнав дека ќе стојам покрај неа и во добро и во зло“, вели тој.
Нејзиниот сопруг рече дека ја посетувал во болницата секој ден, често неколку пати на ден – само правејќи исклучок за време на пандемијата.
„Одев секој ден, за време на паузата за ручек, најмалку 15 минути. Понекогаш успевав да одам дури и навечер“, изјави тој за La Repubblica по погребот во саботата.
Тој рече: „Ако можам да се вратам назад во времето, би го правел истото повторно“.
Анџело изјави за La Repubblica дека одлучил да остане таму до неа, засекогаш, до последниот од нејзините денови.
„Беше многу тешко. Не е лесна состојбата за прифаќање. Имав толку многу гнев во мене. Таа беше убава, добра и посебна девојка не требаше така да заврши“, раскажува нејзиниот сопруг.
Пријателите и семејството во саботата присуствуваа на погребот на Миријам.
Градоначалничката на Касола рече: „Она што многу ме погоди, покрај трагедијата на вегетативниот живот кој траеше 31 година, е блискоста на нејзиниот сопруг, овековечена во секојдневните гестови на љубовта толку долго. Во еден многу егоцентричен свет, овој пример дава причина да се верува дека човечноста сè уште постои“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп му даде целосна поддршка на Орбан пред изборите во Унгарија: „Тој е силен и моќен лидер“
Американскиот претседател, Доналд Трамп, јавно го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори што ќе се одржат на 12 април, порачувајќи дека има негова целосна и апсолутна поддршка за нов мандат.
Трамп пред изборите што ќе се одржат во таа земја, рече дека Орбан е навистина силен и моќен лидер.
„Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и чест ми е што тоа го правам повторно. Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и апсолутна поддршка за реизбор за премиер на Унгарија – тој никогаш нема да го изневери големиот унгарски народ“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“.
Трамп додаде дека Орбан е навистина силен и моќен лидер, со докажан успех во постигнувањето феноменални резултати.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас го правам тоа за Соединетите Американски Држави“, истакна Трамп.
Според него, Орбан вредно работи на заштитата на Унгарија, развојот на економијата, создавањето работни места, промоцијата на трговијата, запирањето на нелегалната имиграција и обезбедувањето закон и ред.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан. Со нетрпение очекувам продолжување на блиската соработка со него, за двете наши земји дополнително да го унапредат овој огромен пат кон успех и соработка“, заклучи Трамп.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Свет
Лавров до Макрон: Ако сакате сериозен разговор, јавете се, Путин ќе одговори
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги коментираше француските обиди за обновување на дијалогот меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.
„Францускиот претседател Емануел Макрон пред околу две недели повторно рече дека ќе го повика Путин“, нагласи Лавров во интервју за државната телевизија „РТ“.
„Знаете, тоа не е сериозно. Тоа е патетична дипломатија. Ако сакате да се јавите и да водите сериозен разговор, тогаш јавете се. Путин секогаш ќе се јави на телефон. Секогаш ќе ги сослуша сите предлози, особено сериозните“, наведе Лавров.
Двајца европски дипломати, кои зборуваа под услов на анонимност, потврдија за Политико дека советникот на Макрон, Емануел Бон, во вторникот ја посетил Москва со цел да го подготви теренот за обновување на директната комуникација меѓу Путин и Макрон.
Според наводите на еден од дипломатите, Бон се сретнал со Јуриј Ушаков, близок соработник на Путин и член на руската делегација во тековните мировни преговори со Украина.
Француските претставници не сакаа ниту да го потврдат, ниту да го демантираат посетата на Бон во Москва. Истото го направи и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој на редовната прес-конференција изјави дека тоа го прави „од солидарност со француската страна“.
Макрон во вторникот изјави дека се во тек „технички разговори“ со цел повторно воспоставување дијалог со Кремљ, додека неговиот кабинет вчера соопшти дека тие разговори се водат транспарентно „и во консултација со претседателот Зеленски и главните европски партнери“.
Макрон во повеќе наврати истакна дека европските држави треба да водат сопствени директни разговори со Москва.

