Свет
Ердоган по изборите: Ја почитуваме волјата на народот
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган изјави дека ја почитува волјата на народот изразена на избирачките места за време на вчерашните претседателски и парламентарни избори во таа земја.
„Без разлика на резултатот, победник на изборите на 14 мај беше турската демократија и турскиот народ“, рече Ердоган.
Турскиот претседател изјави дека неговата Народна алијанса ќе победи во вториот круг од претседателските избори на 28 мај и додаде дека се надева на историски успех, јавува Анадолија.
„Со давањето на Народната алијанса мнозинство во турскиот парламент на изборите, турскиот народ ја потврди својата доверба и верба во нас и нашиот сојуз“, додаде Ердоган.
Претходно денес, шефот на изборното тело на земјата рече дека Турција ќе оди на втор круг од претседателските избори откако ниту еден кандидат не освоил мнозинство.
„Првиот круг на гласање заврши така што ниту еден кандидат не успеа да го помине потребниот праг од 50 отсто, но актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган е во водство“, изјави Ахмет Јенер, претседател на Врховната изборна комисија.
Ердоган, заедничкиот кандидат на Народната алијанса, и неговиот најблизок конкурент Кемал Киличдароглу, претседател на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) и заеднички кандидат на шестпартиската Национална алијанса, ќе се соочат во вториот круг.
Ердоган го заврши првиот круг со 49,51 отсто од гласовите, а Киличдароглу беше втор со 44,88 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Унгарија ќе увезува американски гас: „Ова е ново златно доба на соработка со САД“
Унгарија денес објави дека потпишала петгодишен договор за снабдување со гас со американската енергетска компанија „Шеврон“.
Новиот договор, потпишан од „Шеврон“ и унгарската јавна енергетска компанија „МВМ“, предвидува испорака на 400 милиони кубни метри течен природен гас годишно во текот на следните пет години, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, на заедничка прес-конференција со заменик-секретарот за енергетика на САД, Џејмс Денли.
Сијарто го поздрави новото „златно доба“ на соработка меѓу двете земји, пишуваат медиумите во регионот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан минатиот месец на средбата со рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе продолжи да увезува руски фосилни горива, и покрај планот на ЕУ да го забрани увозот на руски гас до крајот на 2027 година.
Фото: депозитфотос
Регион
ГП Евзони блокиран поради протестот на грчките земјоделци
Денеска во 18:00 часот поради протестот на грчките земјоделци, ГП Евзони е блокиран за сите видови на сообраќај за влез во Р. Грција, соопшти АМСМ.
Од таму додаваат дека граничниот премин за излез од Грција работи само за тешки моторни возила.
Свет
Mакрон најави зголемување на казните за корисниците на дрога
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денес во Марсеј објави дека казната за употреба на канабис или кокаин ќе се зголеми од 200 на 500 евра.
Со оваа мерка, рече тој, сака да ги погоди паричниците на оние што купуваат дрога и на тој начин ги хранат мрежите за дрога, објавува телевизијата BFM.
За време на разговорот со читателите на весникот „Прованс“, Макрон го изрази своето незадоволство од младите жртви на дрога и луѓето што одат да набават дрога „како за забава“.
Тој нагласи дека секое лице што користи дрога мора да разбере дека придонесува за уништување на градовите и населбите.
Казната за корисниците на дрога беше воведена во 2020 година за да се олесни работата на судовите и да се префрли фокусот на борбата кон криминалните мрежи.
Оваа мерка се однесува на лица со максимум 10 грама кокаин или 100 грама канабис.
Претседателот на Франција, исто така, најави адаптација на борбата против мрежите за дрога, вклучително и следење на дилерите на социјалните мрежи, кои станаа нови места за трговија.
Тој повика на промена на европските правила за да се овозможи онлајн дилерите да бидат гонети, а мрежите да бидат повикани на одговорност.
„Нема да попуштиме, мора немилосрдно да притискаме“, рече Макрон, потврдувајќи дека целта е да се нападнат „шефовите на нарко мрежите“, вклучително и оние што работат од странство.
Макрон, исто така, ги истакна новите затвори со висок степен на безбедност со „апсолутно невидени нивоа на надзор“ и призна дека дилерите ќе продолжат да реагираат и да заплашуваат како што борбата се интензивира, пренесува Танјуг.
Фото: депозитфотос

