Регион
Приштина набрзина го менува законот за попис поради српските општини
Властите во Приштина имаат намера многу бргу да го променат законот за попис на населението за наесен да се спроведе попис во четири општини на северот од Косово со мнозинско српско население, пренесува „РТ Балкан“.
Првиот човек на Агенцијата за статистика на Косово, Илир Бериша, изјави дека поради оставките на градоначалниците на четири општини на северот од Косово и поради тоа што не биле навреме доставени предлозите за членови на комисиите, не биле формирани општински комисии, кои како што налага сегашниот закон мора да бидат активни шест месеци пред почетокот на пописот.
Градоначалниците на Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ поднесоа оставки лани во ноември, новоизбраните градоначалници сè уште немаат положено заклетва, а почетокот на пописот е закажан од 1 до 16 септември, па законот за попис мора итно да се смени за да се формираат комисии и се да се вклопи во правните норми на државата.
Бериша вели дека законот многу бргу ќе биде испратен за дополнување, со кое ќе се предвидат случаи во кои рокот од шест месеци нема да се однесува на локалните избори бидејќи законот предвидува да не се одржуваат локални или централни избори шест месеци пред пописот, а во Косово имаше локални избори во четири општини.
Последниот попис во Косово е одржан во 2011 година, а според тогашната статистика на Приштина, во земјата живееле 1.739.825 жители, од кои 1.616.869 или 93 % Албанци и 25.532 или 1,47 отсто Срби.
Ваквите податоци се резултат на тоа што во четирите општини на северот од Косово за кои Приштина сега го менува законот пописот не е ни спроведен, а во српските енклави јужно од Ибар, Србите само делумно учествувале на пописот, односно се попишале само малку повеќе од 25.000.
Според пописот од 2011 година, Србите биле мнозинство во 10 општини во Косово: во четири на северот – Митровица, Звечан, Лепосавиќ, Зубин Поток – и во шест јужно од Ибар – Штрпце, Грачаница, Клокот, Ранилуг, Партес, и Ново Брдо.
Според процените на ОБСЕ од 2013 година ОБСЕ, во Косово живеат повеќе од 140.000 Срби. Според други процени, во Косово живеат околу 100.000 Срби, од кои 40 отсто живеат на северот и 60 отсто јужно од Ибар.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во едно обраќање од 2019 година изјави дека во 2017 година во Косово живееле 94.998 Срби, од кои 47,1 % живееле во четирите општини на северот, а 52,8 отсто јужно од Ибар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

