Македонија
Купувале дрога и оружје од Албанија и Косово и ги продавале во Скопје – обвинителството со детали за големата полициска акција
Обвинителството ги објави деталите за големата полициска акција што утрово се одвиваше на повеќе локации низ Скопје.
Како што информираа станува збор за неовластена продажба на дрога и оружје, пришто приведени се 15 лица.
Специјалците претресувале 27 локации во Арачиново, Сингелиќ, Кисела Вода, Карпош и Шуто Оризари.
Под истрага се 18 лица за кои постои основано сомнение дека се сторители на кривични дела и тоа дванаесетмина на кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, петмина за неовластено тргување со оружје, додека едно лице според дејствијата опишани во диспозитивот ги сторило и двете дела, соопшти Обвинителството.
„Во временскиот период од јули 2022 до мај 2023 првоосомничениот и седум други осомничени се здружиле како повеќе лица заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотични дроги – кокаин и марихуана. Првоосомничениот неовластено, заради продажба ја купувал наркотичната дрога од непознати лица по потекло од Косово и Албанија и ја криел на безбедни локации во селото Сингелиќ – Скопје. Потоа од седуммина осомничени организирал мрежа на препродавачи кои воспоставувале контакти со заинтересирани купувачи на наркотична дрога од Скопје, Велес и други градови и вршеле неовластена продажба на дрогата за сума од 4500 денари до 6000 денари за еден грам кокаин, од 200 денари до 300 денари за еден грам марихуана и од 1000 денари до 1500 денари за еден грам амфетамин. Парите од продажбата му ги предавале на првоосомничениот кој им давал процент од парите на „рака“.
Во истиот временски период по идентичен modus operandi функционирала уште една петчлена организирана криминална група, чии членови неовластено продавале и пуштале во промет наркотична дрога – кокаин, хероин и марихуана. Деветоосомничениот, исто како првоосомничениот, неовластено, заради продажба, ја набавувал наркотичната дрога од НН лица по потекло од Косово и Албанија и ја држел скриена на безбедни локации. Потоа четворица од осомничените ги организирал како мрежа на препродавачи на кои им давал задачи да наоѓаат купувачи на наркотична дрога од Скопје и други градови. Откако ќе се договореле за видот, количината и цената на наркотичната дрога, деветоосомничениот им давал задачи на останатите да ја пренесат наркотичната дрога од безбедна локација од с.Арачиново до местата каде нелегално ја пуштале во промет – продавајќи ја на крајните купувачи.
Во временскиот период, пак од декември 2022 до мај 2023 година деветоосомничениот заедно со петмина осомничени, како група, се здружиле заради неовластено држење, продавање и набавување на поголемо количество огнено оружје и муниција и огнено оружје и муниција што им се забранети на граѓаните. Така, деветоосомничениот неовластено набавил огнено оружје автоматска пушка марка „Калашников“ калибар 7.62 мм, од НН лице од Косово, а во повеќе наврати од двајца осомничени, кои се сопственик и управител на правно лице – стрелиште и кои нелегално продавале муниција набавена за потребите на стрелиштето, нелегално набавил поголема количина на муниција – куршуми, по цена од 40 – 45 денари за еден куршум и тоа: 800 куршуми калибар 7.65 мм, 300 куршуми калибар 7.62мм. По што за чие понатамошно држење и продажба ги ангажирал останатите осомничени на кои, откако претходно ќе најдел купувачи за оружјето, им давал инструкции да го донесат оружјето на претходно договорена локација и да го продадат на заинтересираното лице по цена од 1000 евра, додека нелегално набавената муниција за цена од 70-75 денари за еден куршум. Од продажбата деветоосомничениот за извршениот транспорт на огненото оружје исплаќал по 50 евра, додека пак останатите пари од нелегалната продажба ги задржувал за себе.
Петнаесет осомничени во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, додека тројца се недостапни на органите на прогонот. Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка ќе му предложи определување на мерката притвор за сите осомничени.
Согласно одредбите од Кривичниот законик на сторителите на кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.3 од Кривичниот законик им се заканува казна затвор од најмалку пет години, додека за кривичното дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл. 396 ст.3 од Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку осум години“, обајви обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.
Македонија
(Видео) „Молкот на власта за скандалот со 5 тони дрога е потврда дека се штитат виновните“, вели Огњеновиќ
„Втор ден по ред власта молчи за картелскиот скандал со заплена на 5 тони дрога од Македонија во соседна Србија. Молкот е потврда дека власта се обидува да го заташка скандалот и да ги заштити виновниците. Како тоа поминале 5 тони дрога преку македонската граница а нема одговорност од никој“, прашува Петар Огњеновиќ, член Извршниот одбор на СДСМ.
„Нели има „сејф сити“ камери, скенери и контроли на граничните премини. И никој ништо не видел, не чул, додека дрога од 5 тони така лесно се пренела?
Без поддршка, заштита и логистика од структури во власта, во МВР, во Царина, криминал од вакви размери не е можен.
Прашање е уште колку вакви пратки дрога редовно поминувале, колку уште тони дрога се пренесени преку македонските граници. И уште колку тони дрога се уште се шверцува.
Овој картелски скандал покажува до каде одат пипците на криминалот и корупцијата на власта.
СДСМ со денови алармира за директна поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија, а овој случај е уште една потврда за тоа. Секојдневието на македонските граѓани е како во мафијашки филм.
Криминални тендери, шверц на 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. За картелскиот скандал со 5 тони дрога мора да има одговорност. Обвинителството мора конечно да се разбуди и да отвори истрага.
Кој се во Македонија е вмешан во шверцот на дрога? Колку дрога е помината преку границите? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари? Кој ќе одговара“, праша на прес-конференцијата, Петар Огњеновиќ, член Извршниот одбор на СДСМ.
Македонија
Иницијатива на Лајка: „Биди мојот Валентајн за еден ден” – прошетка и љубов за бездомни кучиња
Во месецот посветен на љубовта, ЈП Лајка започнува посебна иницијатива за љубителите на животни – „Биди мојот Валентајн за еден ден”. Со оваа акција, јавноста има можност да подари љубов и внимание на бездомни кучиња кои со месеци, а некои и со години, не излегле надвор од ѕидовите на прифатилиштето, известуваат од Лајка.

„Иницијативата им овозможува на граѓаните да изберат куче и да поминат еден цел ден со него надвор од прифатилиштето – на прошетка, во парк, на кафе, или дури и во локален пет-шоп. Целта е да им се овозможи на кучињата социјализација, збогатување на денот и да се покаже колку љубов може да направи разлика, дури и за само еден ден.
Со оваа иницијатива сакаме да ја покажеме убавината на социјализацијата и да создадеме емотивни врски помеѓу луѓето и нашите кучиња. Секое куче заслужува своја мала радост и да почувствува љубов.

Сите заинтересирани можат да се пријават на нашите телефонски броеви или преку нашите социјални мрежи.
Иницијативата е отворена за сите над 18 години, а учесниците ќе добијат инструкции за безбедно дружење со кучињата“, соопштуваат од Лајка.

