Свет
Американската влада би можела да остане без пари до 1 јуни: Бајден е уверен дека Америка ќе го плати својот долг
Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека е уверен оти тој и конгресмените од Републиканската и Демократската партија ќе постигнат договор за буџетот, а американската влада ќе го плати својот долг.
Бајден додаде дека преговарачите ќе се сретнат денеска, и ќе биде во близок контакт со нив, пренесува Ројтерс.
„Ќе се обединиме бидејќи немаме алтернатива. Да бидам јасен, овие преговори се однесуваат на буџетската рамка, а не дали ќе ги платиме долговите или не“, рече американскиот претседател.
Тој посочи дека лидерите на двете партии се согласиле дека нема да дозволат САД да дојде во ситуација да не може да си ги плати долговите.
Американскиот министер за финансии Џенет Јелен претходно предупреди дека американската влада би можела да остане без пари до 1 јуни доколку Конгресот не го подигне или суспендира горната граница на долгот.
Долгот на федералната влада моментално изнесува 31,4 трилиони долари.
Постигнувањето на границата на долгот би значело дека американската влада повеќе не е во состојба да позајмува пари и, во исто време, би ја ставила во ситуација да не може да го отплати долгот, што би ги разнишало глобалните финансиски пазари и би ја поткопало довербата во Америка како глобален деловен партнер, според Ројтерс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Злосторство во Тузла: мајка со чекан си ја убила ќерката, оставила две проштални писма
Незаборавно злосторство се случи во Босна и Херцеговина, пренесуваат локалните медиуми.
64-годишен маж, утринава, околу 1.15 часот во полициската станица ПС Центар пријавил дека во семејниот дом во Тузла го пронашол безживотното тело на 31-годишната ќерка.
Полицијата излегла на самото место и ги потврдила наводите од пријавата за што веднаш било известено Кантоналното обвинителство на Тузланскиот кантон, извести МУП ТК, пренесе „Аваз“.
„Во текот на истрагата е констатирано дека жената имала повреда во задниот дел на главата. Денеска ќе биде наредена обдукција за да се утврди точната причина за смртта“, изјави Адмир Арнаутовиќ, портпарол на Обвинителството ТК.
Според последните информации, како што пренесуваат тамошните медиуми, станува збор за кривично дело, кое, според првите индиции, најверојатно, го извршила мајката на 31-годишна девојка. На самото место истражителите пронашле две проштални писма, како и предметот со кој, сметаат истражителите, е извршено делото. Очигледно се работи за чекан.
Девојката која е убиена наводно била тешко болна.
Свет
Борел: Без поддршката на Западот, војната во Украина ќе завршеше за 15 дена
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел денеска изјави дека војната во Украина ќе заврши за 15 дена доколку западните сојузници престанат да ја поддржуваат таа земја.
„Многу луѓе сакаат војната да заврши што е можно побргу. За почеток, самите Украинци. Но, важно е како. Ако престанеме да ја поддржуваме Украина, за петнаесет дена војната ќе заврши и рускиот претседател Владимир Путин ќе ги постигне своите цели, но дали тоа е она што го сакаме за Украинците и за безбедноста на нас Европејците?, изјави шефот на европската дипломатија во интервју за шпанскиот весник „20 минути“.
Тој повтори дека сојузниците мора да направат сè што е во нивна моќ за кога ќе дојде време за преговори со Русија, Украина да ги води „под услови поволни за суверенитетот и територијалниот интегритет“.
Свет
Шолц: Германија стои до Израел, мора да се спротивставиме на терористите на Хамас
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека Германија стои на страната на Израел нагласувајќи дека мора да се спротивстави на терористите на Хамас.
Тој ова го рече на отворањето на меѓународната конференција за одржливост, што се одржува во Хамбург, и посочи дека официјален Берлин ги поддржува прекинот на огнот, ослободувањето на заложниците и почетокот на политичкиот процес, дури и ако тоа изгледа потешко од кога било.
„Решението со две држави може да биде единствена цел за секој политички процес“, рече Шолц.
Според него, изминатата година на војна му донесе незамисливо страдање на палестинското население во Појасот Газа.
„Хезболах и Иран мора веднаш да ги запрат нападите врз Израел“, рече Шолц и предупреди дека овие напади претставуваат уште една ескалација во инаку тензичната ситуација на Блискиот Исток.
Израел денеска ја одбележува првата годишнина од нападот на палестинската милитантна група Хамас, а израелскиот претседател Исак Херцог го почна денот со едноминутно молчење во кибуцот Реим.
Во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година загинаа најмалку 370 луѓе, а во војната што тогаш избувна и сè уште трае до крајот на септември годинава загинаа повеќе од 43.000 луѓе, од кои 41.431 Палестинци, најмногу во Појасот Газа.
Повеќе од половина од зградите во Појасот Газа се уништени, а речиси целото население на Газа е раселено – приближно 2,3 милиона луѓе.