Македонија
(Видео) Апасиев: „Бехтел и Енка” ќе ја исцица потта на македонскиот работник
На денешната собраниска седница, каде се дискутираше за предлог-измените на Законот за работни односи, лидерот на Левица се појави со маица со натпис „Ќе висите заедно.”
Во своето собраниско обраќање, Апасиев порача дека со овие законски измени предлагачите се обидуваат „да воведат нормално ропство под европско знаменце, со афрички стандарди“.
Според Апасиев, сега имаме ситуација во која законот ги поробува работниците, наместо да ги ослободува, за што, како што предупреди претседателот на Левица, следува кривична одговорност.
„Сакате да воведете корпоративна репресија во Републикава, односно да нѐ вратете два века назад во доменот на трудовото право. Првиот сегмент е злоупотребата на европското знаменце, односно нема потпис од министри. Вие министерке Тренчевска, иако не сте правник, добро Ве поучиле да не ставите потпис на оваа лажна изјава и да го насанкате заменик-министерот да заглави како „Миле ми текна” по судови. Ова е типична лажна изјава. Следно, лажните ЕУ регулативи, кои ги наведувате, се едни сликовници кои имаат само мапа на коридори, што е водич на трансевропска транспортна мрежа и толку. Нема ништо од трудово право во неа за да се се повикувате на неа и да го чепкате Законот за работни односи, кој кај нас е lex generalis, односно се применува на сите вработени, без оглед дали се вработени во приватен или јавен сектор. Тоа го призна и Маричиќ, меѓутоа на Маричиќ не му е тешко да признае, затоа што не стои негов потпис“, рече Апасиев.
Додаде дека власта упорно сака да нѐ направи колонија на американскиот империјализам, фаворизирајќи еден конзорциум којшто ќе ги исцица државните ресурси, но ќе ја исцица и потта на работниците.
Имено, вели Апасиев, во самата Европска унија, со Директивата број 88/2003 се вели „просечно работно време за секој седумдневен период, вклучувајќи го и прекувременото работење, не смее да надминува 48 часа неделно”, а власта се обудува да воведе 12 часовно работно време, шест дена во неделата. Според Апасиев, тоа значи дека, луѓето кои ќе работат, ќе бидат физички исцедени и тие ќе немаат време да ги обноват физичките капацитети за да продолжат нормално да живеат.
Kaко пример на држави во кои работното време е над 50 часа неделно, лидерот на Левица ги наведе Мавританија, Египет, Гамбија и Буркина Фасо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.

