Македонија
Се бара притвор: Раководител во АД Водостопанство осомничен за примање поткуп
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Примање поткуп казниво согласно член 357 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 42-годишник, со пријавено место на живеење во струмичко Ново Село, но вработен како службено лице – раководител на сектор во АД Водостопанство на РСМ во државна сопственост – Скопје, во периодот од 01.12.2022 година до 19.05.2023 година, за себе примил подарок – парични средства од поголема вредност за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.
Од оштетено лице од Крива Паланка тој побарал и примил вкупно 6.000 евра во денарска противвредност со цел спротивно на пропишаната постапка да овозможи изготвување на потребната техничка документација за добивање дозвола за вадење песок, чакал и камен од бреговите и коритата на површинските водни тела за едно правно лице.
Парите ги примил во два наврати. Најпрво во декември 2022 во угостителски објект во Автокоманда оштетениот му исплатил на осомничениот 3.000 евра. Потоа на 16 мај годинава осомничениот му побарал уште 3.000 евра. Оштетениот го пријавил барањето за поткуп, банкнотите биле криминалистички обработени и по примопредавањето во текот на вчерашниот ден во населба Илинден осомничениот бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени обележаните 30 банкноти во апоени од по 100 евра.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, поради опасност од бегство на осомниченото лице, можност тој да го искористи своето службено својство за да влијае врз постапката преку заплашување, уценување или договарање со сведокот-оштетен, како и веројатност да го повтори делото за кое е осомничен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

