Македонија
Голема полициска акција: Се вршат претреси и апсења на повеќе локации
Во тек е голема полициска акција во рамки на која се вршат претреси и апсења на повеќе локации.
Како што дознава „Макфакс“, веќе има уапсени лица. Меѓу нив уапсен е и полициски службеник, кај кого полицијата пронашла материјали кои го сомничат за издавање на оперативни податоци.
Од МВР потврдуваат дека во тек се претреси, но официјално ќе ја известат јавноста по завршување на операцијата, која е сѐ уште во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонски концепт од Украина: Куќата на Крсте Петков-Мисирков ќе добие нова меморијална плоча на македонски јазик со македонско знаме
Делегација на политичката партија Македонски концепт, предводена од претседателот на партијата Петар Богојески и потпретседателот Самуел Наумовски-Викиус, остварија средба со градоначалникот на Одеса, г-дин Генадиј Труханов и директорот на Одделот за култура, меѓународни односи и европска интеграција, г-дин Иван Липтуга, на македонска иницијатива, со цел да се дискутира за македонското културно-историско наследство во Украина и Одеса. Во фокус на разговорот беше спомен куќата во која живеел и творел македонскиот апостол и борец за македонската кауза, Крсте Петков Мисирков.
„Дискутиравме за достојно одбележување на неговото име и дело со поставување на нова меморијална плоча на куќата каде што Мисирков живеел во периодот од 1909 до 1913 година, на улица Канатна, број 28. Македонски концепт побара таа да биде задолжително и на македонски јазик и на истата да биде изгравирано македонското знаме. Од страна на општината Одеса беше поддржана таа идеја и дадено ветување дека постапката ќе започне за кратко време. Дополнително, побаравме отварање на Легат (спомен соба) на К.П. Мисирков, со помош на македонската Влада и документација која може да се најде во украинските архиви. Исто така, ја разгледавме можноста за отворање на македонски конзулат на ова свето место за нас Македонците и македонската кауза. Украинската страна предложи и можност за промена на името на некоја од улиците во Одеса со несакано руско име, во иднина да го носи името Крсте Петков Мисирков или име Македонија“, соопшти партијата Македонски концепт.
Партијата добила ветување од Општина Одеса дека ќе почнат истражување во нивните архиви со цел да најдат што е можно повеќе информации за делото и трагата на Крсте Петков Мисирков, а ќе го истражат и моменталниот сопственички статус на куќата која сега е музеј на архитектурата и историјата.
ПР текст
Македонија
Тешки бетонски блокови пред паѓање висат од тераса спроти Владата, предупредува ЦУК
Тешки бетонски блокови пред паѓање висат од тераса и се опасност за минувачите по тротоарот на булеварот Илинден во ценатор на Скопје, спроти Владата. За ова било алармирано со телефонски повик на единствениот број 112 до Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од ЦУК велат дека веднаш ја контактирале Општина Центар.
„Од Општина Центар по нашето јавување веднаш е излезено на терен, по што повратно сме известени дека опасното место е обезбедено, заградено и е видно обележано, за што испратија и фотографија од местото“, информираат од ЦУК.
Проблемот со отстранување на опасните блокови од терасата што можат да паднат во секој момент, ќе се решава во наредните денови, велат од ЦУК.
Македонија
Радост, љубов, хармонија и мир посака Силјановска-Давкова по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед.
„Дозволете ми Вам лично и на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите верници од исламска вероисповед во Република Северна Македонија, да ви упатам срдечни честитки по повод големиот муслимански празник – Курбан Бајрам“, вели Силјановска -Давкова.
„Најискрено посакувам празничните денови да донесат среќа, радост, љубов, хармонија и мир. Курбан Бајрам ги потенцира благодетелта, дарувањето и солидарноста, инспирирајќи нѐ на хумани дела и поддршка на сите на кои им е потребна. Да си даруваме и помагаме, да си бидеме поткрепа еден на друг, заедно во добро и лошо без разлика на верската, етничката, половата или било која припадност и да работиме на просперитетот на нашата татковина и благосостојбата на сите македонски граѓани. Честит Курбан бајрам“, се вели во честитката.