Македонија
АМСМ: Од вчеравечер сообраќајот на патот Охрид – Кичево се одвива наизменично, по една лента

Од вчеравечер сообраќајот на патот Охрид – Кичево, кај Извор, се одвива по една лента, наизменично, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Герасимовски: Реконструкцијата на ,,11 Октомври“ е во полн ек, учениците почнуваат со настава во подобри услови

Општина Центар ја реализира реконструкцијата на Основното општинско училиште „11 Октомври“ во населбата Пролет, како дел од континуираните заложби за унапредување на условите во сите училишни објекти на територијата на општината.
Градоначалникот Горан Герасимовски изврши увид на терен и лично се информираше за текот на работите и динамиката на реализација на градежните зафати.
„Летниот период го користиме за подобрување на условите во училиштата во Центар. Оваа недела неуморно се работи на реконструкцијата на ООУ ‘11 Октомври’, со цел учениците да започнат со настава во подобри, поквалитетни услови. Секоја реконструкција е инвестиција во иднината, a здравата, чиста и функционална училишна средина е предуслов за квалитетно образование и личен развој. Нашата цел останува иста, а тоа е сите деца во Центар да учат во модерни и безбедни услови, без исклучок“, изјави Герасимовски.
Во рамки на реконструкцијата се врши целосна замена на подовите во три кабинети и пет училници, додека во дополнителни три училници се изведуваат активности за стругање и лакирање на подовите. Паралелно се спроведуваат гипсарски работи, а предвидено е и молерисување на целиот училишен објект.
Оваа реконструкција претставува продолжение на веќе реализираните инвестиции во ООУ „11 Октомври“. Досега беше темелно обновена училишната трпезарија со површина од 165 квадратни метри, реновирана е фискултурната сала, како и санитарните јазли во објектот, извести Општината.
Македонија
ДУИ: ВРЕДИ вети Европа, донесе „Српски Свет“

„Прво ветија дека веднаш по конституирањето на Собранието, пред формирањето на Владата, ќе бидат усвоени уставните измени за продолжување на европскиот пат. Излажаа! Потоа ветија дека во првите 100 дена на Владата ќе го сменат Уставот. Повторно излажаа!“, велат од ДУИ.
„Подоцна ветија дека во рок од три месеци ќе го исполнат тоа ветување. Пак излажаа!
Тримесечниот рок го продолжија и ветија дека во првото полугодие на Владата ќе го сменат Уставот. Излажаа како и секогаш!
За време на сите овие ветувања повторуваа дека ако не го сменат Уставот, ќе ја напуштат Владата. И тука излажаа!
Наместо Европска Унија, ВРЕДИ донесе „Српски Свет“ заедно со Додик, Вучиќ, Русија и Кина на врвот на државата.
Секојдневни скандали, невидена неспособност, сервилност и вазалство со незамисливи размери, понижување, презир, неуспеси и една голема НУЛА – тоа се карактеристиките на ВРЕДИ. Но ни тоа не е доволно за тие да ја исправат кичмата и да си заминат од срамот што ги зафати.
Потсетуваме за да не се заборави никогаш:
• Ветија 2.500 вработувања, граѓаните завршија со нула.
• Ветија 10.000 евра за секој граѓанин, граѓаните завршија со нула.
• Ветија Академија на албанските науки, го донесоа Додик.
• Ветија албанска банка, ја донесоа српската банка.
• Ветија уставни измени и европска интеграција, донесоа Српски Свет.
• Ветија национални програми, го донесоа српскиот МТЕЛ.
• Охридскиот договор му го предадоа на путинистот Иван Стоилковиќ.
ВРЕДИ е докажан насекаде како голема политичка измама и национален срам што скапо ги чини Албанците: од горд и на врвот на државата – до понижен, презрен и исклучен народ.
Граѓаните го очекуваат октомври! Октомври е народен референдум за достојно, чесно и резултатно претставување – а не за лаги, манипулации, скандали и корупција“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
„И брат на пратеник на СДС се офајдил со над 200 илјади евра од Еразмус+“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Сумите од по 200 илјади евра од Еразмус +, како од шала, се делеле на лица блиски од СДС. Покрај Фрчкоски, судијата Лазар Нанев, во времето на Лидија Димова и Зоран Заев, со 205 илјади евра, пари од агенцијата, се офајдил и брат на пратеник од редовите на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Станува збор за братот на тогашниот пратеник од СДС, Диме Велковски. На него, Заев и Димова преку Еразмус+ му доделиле грантови финансиски средства за два проекти и тоа, за дресирање магариња и правење сирење.
Едниот бил во висина од 83 илјади евра, и тоа, верувале или не, за дресура на магариња. Нешто до тогаш, но и до сега, невидено и невообичаено. Наместо средствата да завршат за образовни проекти за младите, тие завршиле кај брат на пратеник од СДС, за дресирање магариња.
Но, СДС не застанаа тука, на братот на пратеникот Велковски од Агенцијата му доделиле дополнителни 125 илјади евра, и повторно не за образовен проект, туку за проект „Избери сирење“, кој нема никаква врска со образовни програми.
Преку Димова, СДС и Зоран Заев ги цедеа финансиските средства од Еразмус+, за парите да ги делат на нив блиски луѓе. За да ги задоволат партиските потреби, делеа пари на судии, професори, на браќа на пратеници.
Ваквата злоупотреба и проневера на финансиски средства наменети за образовни програми за младите, не помина незабележана ниту од јавноста, ниту од Европската заедница која бара да и се вратат дел од проневерените пари.
Ова е потврда и доказ дека СДС, Заев и Димова не си ја вршеле чесно својата работа, туку дека финансиските средства ги користеле за задоволување на партиските интереси, со што го уривале и угледот на државата.
Затоа го повикуваме обвинителството, да не молчи и да ги штити како до сега, туку да се стави во служба интересите на државата и конечно да донесе правда и секој кој се огрешил или проневерил финансиски средства, да одговара“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.