Свет
Четворица студенти осудени за антивладиниот заговор во Хонг Конг

Четворица студенти од Хонг Конг, меѓу кои и двајца малолетници, беа осудени во денеска поради нивните улоги во антивладиниот заговор за поставување бомби на јавни места.
Во случај што се води според Законот за национална безбедност што Кина му го наметна на градот во 2020 година за да го задуши незадоволството, судот го осуди најстариот од четворицата на повеќе од пет години затвор, а другите тројца ги испрати во центри за рехабилитација за малолетници.
Понатамошни судски постапки се водат за уште четири лица на возраст од 19 до 26 години.
Четворицата осудени, сега на возраст од 17 до 21 година, биле членови на малку познатата група наречена „Враќање храбри“, која промовираше независност од Кина и повикуваше на отпор по наметнувањето на Законот за безбедност.
Групата во 2021 година наводно планирала да направи бомби користејќи го експлозивот ТАТП и да ги постави на јавни површини, вклучително и во судски згради. Пред да успеат да ги набават материјалите, полицијата за национална безбедност на Хонг Конг ги уапсила во јули истата година.
Припадниците на групата се изјасниле виновни за заговор за предизвикување експлозија наместо примарното обвинение за заговор за извршување терористички активности.
Според уредбата за злосторства во Хонг Конг, првото обвинение носи казна затвор до 20 години, но второто може да доведе и до доживотна казна затвор.
Обвинетиот Александар Ау, кој сега има 21 година, е осуден на пет години и осум месеци затвор, а тројцата други активисти на возраст од 17 и 18 години, биле „само пиони во заговорот“ и не успеале да набават состојки за ТАТП, посочи судијата Алекс Ли, кој го водел случајот.
Тие ќе бидат испратени во центри за обука – установи за малолетници фокусирани на рехабилитација во кои можат да се сместат млади од 14 до 20 години- во период до три години. Колку долго ќе останат таму ќе зависи од проценките што ќе ги спроведат одговорните во центрите.
Ова е втор случај покренат користејќи го Законот за национална безбедност на Хонг Конг во кој се осудени и малолетници.
Првиот случај за национална безбедност во кој беа вклучени малолетници беше завршен во октомври, при што четворица тинејџери – исто така членови на „Враќање храбри“ – беа притворени во Центар за обука за малолетници откако се изјаснија виновни за заговор за поттикнување субверзија поради јавните говори за револуции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Маск: Вештачката интелигенција ќе ги замени сите работни места, дури и моето

Илон Маск, извршен директор на „Тесла“ и еден од најбогатите луѓе во светот, издаде остро предупредување до секој што е загрижен за иднината на работните места: Вештачката интелигенција ќе ги замени сите, вклучително и него. Тоа не е смирувачката порака на која многумина се надеваа.
Маск го даде своето предвидување на социјалната мрежа X, одговарајќи на објава во која се фали ChatGPT.
Во објавата, корисникот опиша како пациент со рак користел вештачка интелигенција за да ги доведе во прашање мислењата на лекарите и да донесе подобри одлуки за лекување.
„Ова сигурно ќе ја потресе медицинската индустрија и лекарите“, се вели во објавата, предвидувајќи „претстојна битка“ помеѓу медицината и вештачката интелигенција.
За Маск, сепак, дебатата е завршена. Тој верува дека вештачката интелигенција ќе ги надмине луѓето во сите професии.
„Вештачката интелигенција е веќе подобра од повеќето лекари. Тоа е искрената вистина“, коментираше тој. „И ќе стане многу подобро. Истото важи и за сите работни места, искрено, вклучувајќи го и моето“, напиша Маск.
Маск е еден од ретките технолошки лидери кој јавно призна дека неговата сопствена позиција може да се автоматизира. Иако дебатата во голема мера се фокусираше на влијанието на вештачката интелигенција врз работниците и канцелариските работни места, малку извршни директори се фокусираа на сопствените улоги.
Свет
(Видео) Пукна тобоган на најголемиот крузер во светот, повреден патник

Еден патник е сериозно повреден откако се скрши тобоган на најголемиот крузер во светот, „Icon of the Seas“, додека тој се спуштал низ него.
Според сведоците, еден од деловите од тобоганот во водениот парк на бродот се скршил токму кога човекот се спуштал по него. Сведоците пријавиле дека патникот претрпел сериозни исекотини на нозете и грбот, објавува британскиот таблоид The Sun.
Инцидентот се случил вчера, а снимките покажуваат како паѓа вода од скршен дел од лизгалката.
И покрај сериозното оштетување на лизгалката, извештаите сугерираат дека патникот не паднал низ дупката и е во стабилна состојба.
Video shows the chaos on board Royal Caribbean's Icon of the Seas after a glass panel on a water slide shattered mid-ride, injuring one guest and sending water pouring into a public area.
The footage shows startled passengers screaming in fear as water cascades from the slide… pic.twitter.com/hqShp7uQDB
— CBS News (@CBSNews) August 8, 2025
Бродот управуван од „Royal Caribbean“ моментално плови на седумдневно крстарење низ Источните Кариби и треба да се врати во Мајами во сабота.
Инцидентот се случува само две недели откако член на екипажот на истиот брод нападнал колешка, а потоа скокнал од бродот и загинал.
„Icon of the Seas“ е најголемиот крузер во светот, со капацитет од 7.600 патници, и најголемиот воден парк на море, „Thrill Island“, кој вклучува шест џиновски тобогани. Бродот од 250.000 тони беше пуштен во вода минатата година.
Свет
Нетанјаху: Германија го наградува тероризмот на Хамас

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, денес му рече на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека е разочаран од неговата одлука да воведе ембарго за извоз на оружје за Израел, оценувајќи дека оваа одлука ќе ја награди палестинската милитантна група Хамас.
„Наместо да ја поддржува праведната војна на Израел против Хамас, кој го изврши најстрашниот напад врз еврејскиот народ од Холокаустот, Германија го наградува тероризмот на Хамас со воведување ембарго за извоз на оружје за Израел“, рече Нетанјаху, соопшти неговиот кабинет, објави The Times of Israel.
Нетанјаху, исто така, изјави „дека целта на Израел не е да ја преземе Газа, туку да ја ослободи Газа од Хамас“.