Македонија
Место во ќебе да ги качуваат пациентите, болницата во Тетово ќе добие седум лифта

Не само еден, туку седум лифта ќе има во болницата во Тетово, истакна министерот за здравство, Фатмир Меџити.
Одговарајќи на новинарски прашања, Меџити денес кажа дека бара да се обезбедат лифтови за да не се носеле пациенти во ќебиња.
„Тропам на сите врати во сите надлежни институции во Македонија. Не можам да обезбедам еден лифт набрзина за да не се носат пациентите со ќебиња, но тоа се нашите закони, тоа е нашиот правен систем. Врзани ми се рацете, но јас не само еден, ќе овоможам да има седум лифта во Тетово, ќе има во хематологија, ќе има во интерно, ќе има во хирургија, значи сите лифтови што не работат во државата ќе работат за три месеци. Држете ме за збор за тоа“, рече Меџити.
Министерот денес кажа и дека подготвил план за работа со кој од први јануари 2024 година се укинуваат организациските директори, популарно наречени економски директори на секоја од клиниките во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“: 229 милиони денари за заштита на животната средина

Со цел обезбедување поздрава животна средина и зачувување на биодиверзитетот, подобрување на животната средина, квалитетот на чиста вода, плодна почва и подигање на јавната свест, од „Вреди“ информираат дека Владата и Министерството за животна средина имаат распишано јавен конкурс за доделување средства од Програмата за инвестиции во животната средина, на кој се нудат 229 милиони денари.
Овие средства, како што појаснуваат, ќе бидат наменети за канализација, третман на отпадни води, водоснабдување, истражувачки програми, како и едукација за подигање на еколошката свест.
Ги повикуваат сите општини, невладини организации, образовни и научни институции, како и секој поединец или организација што има идеи и волја да придонесе, да аплицираат.
„Оваа година им даваме посебно значење на иновативните решенија.
Коалицијата „Вреди“ е посветена на зајакнување и промовирање на социо-еколошките политики. Наша цел е преку нашите политики да изградиме земја за живеење за сите граѓани и земја со одржлив развој, бидејќи само така ќе изградиме сигурна иднина за сегашните и идните генерации“, се истакнува во соопштението.
Македонија
Зошто четири недели по трагедијата во Кочани се уште нема проширување на истрагата, прашува СДСМ

Речиси четири недели по огромната трагедија во Кочани, истрагата сè уште нема одговори на едни од најважните прашања: кој сноси одговорност за пожарот во „Пулс“ и кој е виновен за сериозните безбедносни пропусти на денот на трагедијата, прашуваат од СДСМ.
Иако беше најавено, како што велат, до денеска не е направен ниту еден чекор во насока на проширување на истрагата, ниту за пропустите што ја обележаа кобната ноќ, ниту за оние што ѝ претходеле.
„Не е поведена постапка против ниту едно лице од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ, иако тие на 16 март, денот на трагедијата, биле на одговорни позиции. Зошто нема проширување на истрагата иако беше најавено? Зошто ниту еден актуелен функционер којшто бил на функција тој ден не е опфатен со истрагата ниту пак е повикан на распит? Не смее да има заштитени. Не смее да продолжи селективно да се води истрагата.
Одговорност мора да има – без разлика на функцијата или позицијата. Ова не е партиско прашање. Ова е прашање на правда, на доверба во институциите и на почит кон жртвите и нивните семејства“, истакнуваат од опозициската партија.
Граѓаните, додаваат од партијата, имаат право да ја знаат вистината.
Според СДСМ, тие одговори мора да донесат конкретна одговорност, и тоа на сите нивоа.
„СДСМ останува цврсто на ставот: мора да има целосна, транспарентна и неселективна истрага. Правдата за Кочани мора да победи. Таа правда мора да биде недвосмислена, видлива и целосна“, потенцираат од партијата.
Македонија
Продолжува потрагата по исчезнатото лице од село Степанци, ќе се вклучат и извидници и ловци

Потрагата по исчезнато повозрасно лице од село Степанци во Општина Штип продолжува, кое е пријавено за исчезнато на 07.04.2025 година во 16:20 часот преку Едиствениот повикувачки број за итни случаи 112, се уште не е пронајдено, извести ЦУК.
Известени се МВР Штип и Локална самоуправа Штип, а и други институции и служби, здруженија и граѓани коишто можат да помогнат и помагаат во потрагата, информираше Регионалниот ЦУК Штип до Секторот за операции и координација во ЦУК..
Инаку, лицето последен пат било видено во саботата на 05.04.2025 година. Во последното деноноќие, конкретно вчера, е пребаруван повторно теренот околу селото Степанци, а и во и околу другите блиски села, од страна на роднини и пријатели (5-6 лица) на исчезнатото лице.
Претходниот ден (08 април) во потрагата беа вклучени 15 лица од коишто имаше и двајца вработени од РЦУК Штип, коишто доброволно се вклучија во потрагата.
Денеска се очекува во потрагата да се вклучат извидници од Штип, дел ловци од ЛЗ „Ловец“ од Штип, а ловочуварите од ловиштето „Лакавица – Патрик“, директно на нивна територија вршат пребарување и индиректно – преку редовно прегледување на снимките од камерите на терен. Инаку и жители од околните села во тој реон самостојно вршат претага во атарот на нивните села, соопштуваат од ЦУК.