Македонија
„Многу нè има!“ – македонски граѓани со автобуси тргнаа на митингот на Вучиќ

Со автобуси, граѓани на Македонија се упатија кон Белград да го поддржат српскиот претседател Александар Вучиќ на собирот што ќе се оддржи вечерва.
„Многу нè има! Претседателот Александар Вучиќ ја има поддршка на Србите од Македонија и Македонците со српско потекло! Во огромен број се упативме кон Белград за да ја поддржиме политиката на мир, слога и стабилност!“, се вели во објавата на „Здружението мир слога стабилност“ кое го организираше превозот.
Претходно неделава, српската телевизија „Н1“ објави дека здружението кое е лоцирано во зградата на експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски организира превоз до Белград за поддршка на Вучиќ.
„Да го поддржиме човекот кој животот го посвети на Србија! Одважи се на повикот на Претседателот Вучиќ и дојди со нас во Белград! Организираме превоз до Белград на 26.05 (петок) на најголемиот собир досега одржан во Србија, а сите заинтересирани нека се обратат на телефонскиот број на здружението и нека го резервираат своето место“, стои во објавата на здружението.
Телевизијата извести дека превозот е бесплатен, а кога се јавиле на телефонскиот број организаторите им кажале оти обезбедиле вода и сендвичи за патниците.
Во Куманово превоз за Белград на лична иницијатива организира советникот Мирослав Тричковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари за уапсениот директор на геријатрија кој е кадар на Алијансата: „Ова е недозволиво, секој кој се огрешил мора да одговара“

Алијансата на Албанците се огласи по апсењето на Мухсин Арифи, директорот на болницата за геријатрија, поради поткуп.
Од партијата на Таравари, чијшто кадар е Арифи, ги повикуваат надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со конкретниот кривично правен настан.
„Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничката, верската или политичката припадност. Испораката на правда мора да биде неселективна“, се вели во дописот до медиумите.
Се додава дека Алијансата останува силно посветена на борбата против корупцијата, а албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните.
„Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме“, децидна е партијата која уверува дека партиските органи ќе ги преземат сите неопходни статутарни чекори за зачувување на угледот.
Во акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), приведени се две лица под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Македонија
Стоиме на располагање, велат од Министерството за здравство по информациите за апсењето на директорот на Геријатрија

Министерството за здравство соопшти дека се залага за што побрзо расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство во врска со наводите за примање поткуп од раководно лице во јавна здравствена установа.
„Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност. Наш приоритет останува обезбедување најсоодветна грижа за сите пациенти во јавните здравствени установи“, велат од Министерството за здравство.
Во акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) приведени се две лица под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Од Обвинителството засега не изнесуваат повеќе детали, а според неофицијалните информации во јавноста, едниот од приведените е Мухсин Арифи, в.д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје.
Македонија
Во акција на МВР и Обвинителството приведени две лица за примање поткуп и награда за противзаконито влијание

Две лица се приведени под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Акцијата е во координација на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Од Обвинителството засега не изнесуваат повеќе детали, а некои од медиумите неофицијално објавија дека еден од приведените е Мухсин Арифи, в.д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје.