Култура
Костадиновска-Стојчевска: Годинава Крушево ќе биде регионален и европски културен центар
Со посетата на галеријата „Мартиноски“ и концертот на евергрини на Камерниот оркестар од Битола „Безвременска хармонија“, вчеравечерва пред споменикот „Македониум“ во Крушево официјално почна манифестацијата „Град на културата 2023“.
На отворањето на манифестацијата, која оваа општина ќе ја реализира во текот на годината под мотото „Крушево – жив споменик на културата“, пред присутните се обратија министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот Томе Христоски.
– Од денеска градот музеј на македонската историја, ќе биде центар и на македонската култура. Нашето убаво Крушево ќе биде „Градот на културата“, кој со богатата програма, ова живописно место, полно со природни убавини и спортски актракции, ќе го направи вистинско уживање за посетителите, но ќе привлече уште помногубројни гости. – истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Крушево на свеченото отворање.
Таа додаде дека културната понуда на Крушево ќе биде неисцрпна приказна која ќе води низ тесните улици и пространите предели во кои живее историјата со здивот на сегашноста.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека во Крушево ќе бидат реализирани голем број културни активности, кои ќе го промовираат градот како културен и туристички центар не само во регионот туку и во Европа.
Таа потенцираше дека манифестацијата „Град на културата“ се реализира во соработка со Општина Крушево, и посочи дека само на тој начин, заедно може да се постигнат посакуваните резултати, да се добие побогата и поразновидна културна понуда во градот во кој, како што кажа, е содржан голем дел од идентитетот на македонската држава.
– Годинава овде ќе ја одбележиме и 120-годишнината од Илинденското востание, но ќе биде одбележан и Денот на ослободувањето на градот, наедно и на државноста, 8 Септември. Ќе ја славиме Крушевската Република, делото од светските каталози на архитектонско-уметничката двојка Грабулоски, песните на Тоше и староградските звуци, ќе имаме современи перформанси и гастрономски специјалитети, а сето тоа заедно ќе го направи Крушево културен и туристички центар и за целиот регион“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска рече дека културните активности во рамки на програмата ветуваат уживање:„ Затоа во Крушево треба барем еднаш да се дојде оваа година, за да ја проследи културната фузија на традиција и младост и да понесеме нови искуства кои ќе бидат темел на подобра иднина на нашето единственото Крушево“, додаде министерката за култура.
Градоначалникот Христоски, пак, рече дека факелот на културата пристигна во највисокиот град во државата и дека е големо задоволството што историското Крушево – градот на македонскиот непокор, ризницата на македонската култура и традиција – официјално станува домаќин на манифестацијата.
– Културата секогаш обединува, културата значи подавање рака на сите оние што творат и создаваат спомени. Крушево живее, се гради и променува! Заедно ќе го вратиме епитетот кој нашиот град го заслужува: Крушево, лулка на македонската култура! Културата е онаа што сите нè оплеменува. Многу често таа се заснова на традиции кои треба да ги негуваме, но и традиции кои ние треба да ги создадеме – истакна Христоски.
Во рамките на манифестацијата, во Крушево во текот на целата година ќе се реализираат голем број настани на различни локации во и околу градот.
Реализацијата на програмата на проектот „Културен град“ е во соработка со локалната самоуправа и е од особено значење за зајакнување на културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво.
Со почит,
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



