Култура
Филхармонија: Губиме публика оти некој свесно дозволува да се валка нашиот углед
На последниот концерт од официјалниот дел на концертната сезона „Дамар на слободата“, кој се одржа синоќа во НОБ, во рамки на „Мајски оперски вечери“ со изведба на грандиозниот „Реквием“ од Џузепе Верди, музичарите од оркестарот на Филхармонија ги заменија жолтите ленти кои го носеа врзани на рацете со црвени.
Од Филхармонија појаснуваат дека лентите значеа жолт картон за Министерството за култура, но жолтиот веќе стана црвен.
„Овој пат, лентите не беа заврзани на рацете на музичарите, за да се поштедиме од нови паушални толкувања во јавноста. Црвените ленти беа закачени на облеката и имаа форма на музичка снижувалка! И имаат само едно значење – Црвен картон за Министерството за култура!“, велат од Филхармонија.
Додаваат дека последните три месеци откако беше донесена одлуката за сместување на Џез оркестарот во објектот на Филхармонија, реномето и угледот на најстарата културна институција во земјава се целосно нарушени, а директни виновници за тоа се Министерството за култура и Владата кои наместо да го решат проблемот, немо и без никаков интерес уште повеќе го продлабочиле.
„Губиме публика, бидејќи некој свесно дозволува да се валка угледот на нашата институцијата, макотрпно граден од генерации македонски музичари во изминативе речиси осум децении. Секоја нормална држава во светот се гордее со своите институции кои градат историја во културата, а нашата држава, за жал, со својот однос покажува дека тоа не и е важно, и дека е подготвена поради штотуку ‘родена’ институција, да ја згази и поништи историјата градена со децении. Наместо да се гордее со изградената концертна сала за Филхармонија, бидејќи многу земји во регионот допрва работат на реализација на вакви историски проекти, нашата држава сака да ја измени првичната намена на објектот и да ја претвори нашата концертна сала во ‘Универзална’. Токму таков наратив имаа фиктивните приказни преку кои некој сакаше да и го испере мозокот на јавноста дека објектот на Филхармонија, наменски изграден за оркестарот на Македонската филхармонија, сега, преку ноќ, треба да стане ‘Линколн центар’ или ‘Лисински’“, велат од Филхармонија.
Додаваат дека новинарите, но и претставниците на власта ќе имаат отворена можност на 24 јуни да го прашаат и маестро Зубин Мехта зошто толку ревносно ја поддржува идејата за изградба на сопствен дом на Белградската филхармонија.
„Исто така може да ги прашаат и нашите колеги од Белградска филхармонија, дали ќе поддржат друга институција ‘привремено’ да се вдоми во нивната нова концертна сала која допрва почна да се гради?“, велат од Филхармонијата.
Додаваат дека Министерството за култура и Владата во ниту еден момент досега не застанале на нивна страна, ниту ги одбраниле од срамните напади во јавноста, туку напротив – преку својот молк уште повеќе го поттикнале јавното валкање на угледот и реномето на нивната институција.
Некои поединци во Владата, велат од Филхармонија, отворено на социјалните медиуми влегоа во паушално толкување на жолтите ленти, без да не’ прашаат што ни значат. Некој оттаму, на својот фејбук профил бесрамно напиша „Филхармонија срами се!“.
Бараат што поскоро, Министерството за култура и Владата да се заложат за промена на одлуката во нивна корист, за да се намали штетата која и е нанесена на нивната институција во последниве три месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасков
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасков.
-Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасков почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!, наведуваат од Драмски театар.
Манасков е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.

