Култура
„Младите доаѓаат“ – концерт во Филхармонијата

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе го изведе концертот со наслов „Младите доаѓаат“ со ученици од средните музички училишта во Македонија. Диригент е Иван Еминовиќ, а на програмата се дела од Моцарт, Берио, Вебер, Лехар, Сибелиус, Григ и Равел.
Како солисти ќе настапат Јана Стоилевска (соло пеење, III средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, класа проф. Гонца Богоромова-Краповски), Божана Гошева (виолина, II средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, класа проф. Јелена Туфекчиевска), Мевљуд Асаноски (кларинет, III средно, ДМУ – Битола, класа проф. Марјан Бакревски), Алек Гравчевски (фагот, III средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, класа проф. Горан Зафировиќ), Јана Блажевска (соло пеење, III средно, ДМБУЦ – Битола, класа проф. Маја Митровска), Леонардо Димоски (виолина, IV средно, ДМБУЦ – Битола, класа проф. Оливера Гемту), Арсениј Ангелески (пијано, III средно, ДМБУЦ – Битола, класа проф. Татјана Божиновска) и Иван Стојанов (пијано, II средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, класа проф. Катерина Ќетковиќ-Фидановска).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Maкедонскиот уметник Цветин им пиша на Трамп и на Путин – да не се повторат Хирошима и Нагасаки

Македонскиот сликар и уметник Живко Поповски-Цветин упати писма до американскиот и до рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин.
На англиски и на руски јазик, во писмата упатени до американскиот и до рускиот претседател, Цветин порачува да не се повтори катастрофата со фрлање на атомските бомби во Хирошима и Нагасаки.
„По повод вашата средба што набргу ќе се одржи на Алјаска, како поддршка, авторот на изложбата ‘Цвеќе на мирот’, која е отворена во знак на одбележување 80 години од Хирошима и Нагасаки, ви испраќа една од своите изложени слики со надеж дека со оваа средба ќе се најде решение за прекин на дејствата и да владее мирот во светот“, пишува Цветин.
Цветин пред извесно време ја отвори изложбата „Цвеќе на мирот“ во галеријата „Метаноја“, на која учествуваа Лидија Лучко-Јеремиќ со поема по повод атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки. Музичко-поетски перформанс имаа музичарите Никола Стојковски и актерката Арна Шијак. За оваа изложба д-р Коста Милков рече дека „во текот на годините на неговите заложби за мир Цветин насликал илјадници и илјадници слики со цвеќе на мирот. Неговиот прв формален настап е во далечната 1972 со изложени мозаици и колажи во Демир Хисар, а последниот е во Задар во јуни 2025 со име ‘Цвеќе на мирот’ по повод Деновите на уметноста во Хрватска. Повеќе од пет децении преданост и посветеност сведочат за непоколебливоста да се биде миротворец“.
Цветин е и креатор и идеолог на декларацијата за мир во светот и против војните и употребата на нуклеарното оружје, која досега ја потпишаа повеќе од 3.500 лица. Оваа декларација е отворена за потпишување како крик против војните и употребата на нуклеарното оружје и во поддршка на мирот во светот.
За сите потфати Цветин ќе каже „Цвеќето во човекот не ги сака ветровите на војната. Јас не измислувам нови цветови, туку само пресликувам цветови во луѓето што ги сакаат слободата и мирот“.
Живко Поповски-Цветин (1944, с. Брезово) е сликар на мирот и хуманист. Тој е поранешен претседател на Црвениот крст на Македонија и спаѓа меѓу номинираните за Нобелова награда за мир. Цветин како уметник е препознатлив по мисијата „Цвеќето на мирот“. Од 1970 година има реализирано над 300 изложби во земјата и светот и има подарено повеќе од 40.000 слики, кои пренесуваат порака на мир и надеж. Неговите дела се наоѓаат кај државници, уметници, поети и кај обични луѓе во светот.
Култура
Драмскиот театар Скопје, по четири успешни изведби во Будва, настапува на Охридско лето

По премиерата и вкупно четирите изведби на 39. фестивал „Град театар“ во Будва, каде што публиката со големо воодушевување ја прифати претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“, НУ Драмски театар Скопје најавува дека со оваа најнова копродукција ќе гостува во Охрид.
Македонската публика ќе има можност да ја гледа возбудливата и духовита комедија во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, на 17 август (недела) од 21:00 часот, во Центар за култура „Григор Прличев“.
Режијата е на реномираниот хрватски автор Иван Пеновиќ, а текстот е на еден од најзначајните драмски писатели во регионот – Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и „Град театар“ Будва, создадена во чест на петгодишнината од смртта на авторот.
Во програмската белешка се вели: „Ова е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте во 1972 година, во период на бурни историски движења и под влијание на ‘Сексуалната револуција’ и ‘Пролетта од 1968’. Претставата пулсира со живата еротика, младост и незаситна страст, но меѓу редови се насетува и празнината и суетата на општеството кое трча по уживање“.
Претставата по премиерата на 10 август беше изведена уште трипати на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ и секоја изведба наиде на искрен прием од фестивалската публика, која ја наградуваше екипата со долги аплаузи за енергичната изведба, актерската игра и исклучителната сценска атмосфера.
Авторски тим:
Режија – Иван Пеновиќ
Превод – Соња Должан
Сценографија – Лазе Трипков
Костимографија – Александар Ношпал
Композиција – Владимир Пејковиќ
Сценско движење – Дамир Клемениќ
Актерската екипа од четирите уметнички куќи од регионот ја сочинуваат: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболжиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов, Јована Спасиќ.
Култура
Светската премиера на „Море сокол пие“ од Дарија Андовска грмна во Италија

Уште една светска премиера од плодната соработка на нашиот, а светски тенор Благој Нацоски и композиторката Дарија Андовска.

Дарија Андовска
Во изведба на Благој Нацоски и Андреа Скалцо, првпат прозвуче најновата композиција „Море сокол пие“ од Андовска на деветтото издание на PianoLab фестивалот во Италија.
PianoLab е мобилен фестивал на пијаното, создаден од La Ghironda APS, кој од 2017 година ги обединува музиката и архитектурата преку концертни перформанси во историски вредни места на југот на Италија (Пулија и Матера).
Фестивалот го слави „кралот на инструментите“ – пијаното – во формат отворен за сите: професионалци, студенти и ентузијасти. Програмата се состои од соло рецитали, специјални настапи на светски пијанисти, воведни концерти и главен настан „Suona con noi“ — маратон на пијано низ градското ткиво.
Во последното, осмо издание (2024), фестивалот траеше од 5 јули до 1 септември, со учество на познати уметници и над 200 изведувачи за два дена во Ceglie Messapica, создавајќи магична атмосфера и зајакнување на културниот туризам на регионот.
Овогодишното деветто издание на „Suona con noi“ — маратонот на пијано се прошири и со рецитали со глас и пијано. Се одржа на 11 и 12 август во три локалитети на Мартина Франка и 20 концерти во тие два дена. Рециталот на Благој Нацоски и Андреа Скалцо беше едно музичко патување од Хендл, преку Белини, Тости, Пучини, Масне, се’ до дела од Бенџамин Бритн и светската премиера на „Море сокол пие“ од Дарија Андовска, специјално напишана за оваа прилика и посветена на Нацоски.