Македонија
Ковачевски во Кишинев: Со уставните измени ќе се стави крај на тезата еден народ во две држави
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, пристигна во Кишинев, Молдавија, каде што ќе учествува на вториот самит на Европската политичка заедница. Премиерот Ковачевски во Кишинев беше пречекан од претседателката на Молдавија, Маја Санду.
Ковачевски посочи дека на вториот самит на Европската политичка заедница клучните теми ќе бидат поврзани со изнаоѓање начини како Европа да се поврзе подобро со цел да се обезбеди подобра комуникација меѓу луѓето, подобри телекомуникациски системи, подобра инфраструктура вклучително и енергетска инфраструктура, како клучни предуслови за политичката интеграција на регионот, особено на земјите од Западен Балкан, како и за забрзување на интеграцијата на земјите, како што е Северна Македонија.
Во изјавата за медиуми премиерот Ковачевски посочи дека во текот на денот ќе оствари средби со повеќе државници присутни на вториот самит на Европската политичка заедница, како средба со премиерката на Данска, премиерот на Молдавија и други.
Дополнително, во одговор на новинарско прашање пред почетокот на вториот самит на Европската политичка заедница премиерот Ковачевски посочи дека стратешка цел на државата е полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година и дека скрининг-процесот треба да заврши многу бргу. Истакна дека земјата ја очекуваат политички одлуки со кои ќе се овозможи отворање на кластерите и поглавјата. Северна Македонија покажа дека преку дипломатија и тешки одлуки успеа да стане земја членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ и земја претседавач со ОБСЕ, фактор на стабилност во регионот.
Ковачевски посочи дека Европската политичка заедница не е замена за процесот на интеграција, туку, напротив, заедница што ќе обезбеди подобра соработка на целиот регион во насока на надминување на предизвиците со кои се среќава Европа, а кои се предизвикани од руската воена агресија врз Украина. Премиерот Ковачевски посочи дека настани како овој денес се одлична основа за креирање политички одлуки, кои ќе обезбедат поголема поддршка за сите граѓани.
„По јасната и многу силна порака на американскиот сенатор Марфи и амбасадорите во државата, вклучувајќи ја тука и американската амбасадорка, холандскиот амбасадор во делот на интеграцијата на државата, сега сметам дека на сите во нашата држава им е јасно дека, прво, имаме предлог-преговарачка рамка доставена од 27 земји членки на ЕУ, дека таа преговарачка рамка нема да биде преговарана бидејќи навистина ги содржи нашите барања што ги имавме, а тоа е чист македонски јазик, потврден и со договорот Фронтекс, заштитен македонски идентитет, она што претстои пред нас е една од многуте одлуки до влегување во ЕУ, а тоа е вклучување на други делови од народи во нашиот Устав, вклучително и бугарскиот народ“, рече Ковачевски.
Со тоа, како што рече, смета дека се постигнува уште една многу значајна цел бидејќи, конечно, веќе ќе се стави крај на онаа теза дека се работи за еден народ во две држави, првпат ќе имаме во Уставот и Македонци кои се веќе, меѓутоа тука сега ќе бидат јасно диференцирани и Бугарите, со што таа теза веќе еднаш засекогаш ќе заврши и нема да биде тема на разговор.
„Темата на македонскиот јазик со потпишувањето на договорот Фронтекс, каде што македонскиот јазик е заедно со сите други јазици на земјите членки на ЕУ, одобрени од сите земји членки, вклучително со македонскиот јазик, ја затвори и другата тема, македонскиот идентитет ќе биде дел од мозаикот на културните вредности на ЕУ и со тоа сметам дека веќе е јасно дека пред нас има одлука за Европа или за изолација“, додаде премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ако лажат британските медиуми и „нема легални и нелегални мигранти“ – Мицкоски нека ја потпише Резолуцијата!“, бара СДСМ
„Христијан Мицкоски тврди дека британските медиуми, кои објавија дека се договара прифаќање мигранти во Македонија за пари, лажат. Исто така, тврди дека „нема легални и нелегални мигранти“. Значи, според Мицкоски, сите лажат“, велат од СДСМ.
„Ако е навистина така, тогаш зошто Мицкоски не ја потпишува Резолуцијата? Што чека? Зошто одолговлекува и бега?
Еве, нека ја потпише Резолуцијата на СДСМ. Со само еден потпис ќе ги расчисти сите сомнежи и дилеми.
Ние сме конструктивни и транспарентни од првиот ден. Резолуцијата е јавно објавена и сите ја видоа.
Граѓаните бараат дела – конкретен чекор од Мицкоски, а не празни зборови.
Затоа што за граѓаните неговите зборови одамна не важат, поради сите ветувања што не ги исполни. Како и ветувањето дека ќе се повлече од политиката ако се докаже поврзаност со Агенцијата за обезбедување во Кочани. А има и многу други неисполнети ветувања. Списокот е долг.
Мицкоски веднаш нека ја потпише Резолуцијата, а не да ја руши со контра Резолуции. Потпиши и нема мигранти. Толку е едноставно.
Ако одбива да потпише – тогаш сè е јасно: Мицкоски не ја зборува вистината, а договор за мигранти сепак има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.

