Забава
(Видео) Анимираниот филм за Спајдермен првиот викенд заработи трипати повеќе од својот претходник

Во својот прв викенд на прикажување во САД и во светот најновиот анимиран филм за човекот пајак ги освои киноблагајните и ги надмина сите очекувања во однос на заработката и квалитетот.
Пофалбите на критичарите и ентузијазмот на публиката се проширија на социјалните мрежи, а одличниот петок во САД придонесе во зголемување на процената за комплетна викенд-заработка, која надмина 120 милиони долари, што е трипати повеќе отколку што заработи првиот филм.
Продолжението на наградуваниот хит „Човек пајак: Нов свет“ на големото платно донесе нов пристап на популарниот суперхерој и младиот Мајлс Моралес како нов спајдермен.
Во новиот анимиран филм Мајлс Моралес се катапултира низ мултиверзумот, каде што наидува на тим пајак луѓе задолжени да го заштитат неговото постоење.
По само четири дена прикажување, „Човек пајак: Ширум пајак вселената“ заработи 210 милиони долари во светски рамки, што е двојно повеќе од буџетот на филмот и се предвидува дека ќе продолжи да доминира на боксофисот.
На „Ротен томатос“ има 96 отсто од критичарите и 95 отсто од публиката, а моментно е највисоко оценет анимиран филм на сите времиња на ИМДБ, со исклучително висока оценка од 9,1 од вкупно 50.000 рецензии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
(Видео) Александра Јанева со преработка на безвременската „Ми подаваш рака“

Инспирирана од минатото и неповторливата носталгична нота што ја носат македонските евергрини, Јанева ја изненади публиката со својата официјална преработка на безвременската „Ми подаваш рака“ од Даниела Панчетовиќ.
Оваа култна македонска балада беше изведена во 1978 година од Даниела Панчетовиќ на фестивалот „Скопје“. Автор на музиката е Мане Колев, текстот е на Ѓоко Георгиев, а аранжманот е на Кире Костов.
Новиот реаранжман на песната го изработи Лазар Цветкоски и заедно со Јанева дадоа нов, модерен звук и позитивен дух, кој многу прецизно ја отсликува и доловува пораката на самата песна – поддршката и потпората од најблиските е она што нѐ води низ животот, љубовта е најсилна и најзначајна кога се дели. Во преработката Александра го има искористено оригиналниот семпл од оригиналното аудио што тече низ целата песна, а особено може да се слушне на крајот од преработката сакајќи да ја задржи автентичноста на самата песна.
Видеото го изработи Даниел Јовески отсликувајќи ги најубавите агли од нашиот преубав Охрид. Во видеото се присутни повеќе пријатели на Јанева, атмосферата е ведра и позитивна и зрачи со топлина.
Овој проект Јанева го најавуваше веќе некое време, а покрај тоа, во неколку наврати на своите социјални мрежи најави нова музика за претстојниот период.
Забава
Концерт на Дорис Драговиќ и Петар Грашо на 14 март во Скопје

На 14 март 2026 година Дорис Драговиќ и Петар Грашо првпат ќе одржат заеднички концерт во Скопје, во арената „Борис Трајковски“, носејќи спектакл, кој ќе биде симбол на љубов, емоција и чиста музичка магија. Две музички легенди, две генерации, една сцена и една вечер што ќе влезе во историјата.
Дорис Драговиќ, дамата што веќе со децении владее со својата моќна интерпретација, ќе го врати сјајот на најубавите балади, кои се врежани во колективната меморија на целиот регион. Од другата страна, со истата сила и страст, на сцената ќе застане Петар Грашо, миленикот на публиката и човекот што со секоја песна создава нови химни за современата генерација.
Нивниот заеднички концерт ќе биде спој на искуство и свежина, на вечни класици и модерни хитови. Тоа ќе биде ноќ во која публиката ќе патува низ времето, од балканската естрадна ера, која ја бележеше Дорис, до денешните хитови што го дефинираат звукот на новото време со Грашо.
Една бина, два гласа, две музички епохи и еден град, кој ќе биде сведок на концерт за паметење. Раскошната емоција на Дорис Драговиќ и неповторливата харизма на Петар Грашо на 14 март ќе создадат вистинска музичка магија!
Овој концерт е повеќе од календарски датум или уште еден настан. Ова ќе биде симбол на еден момент кога две кариери се преплетуваат за да создадат нешто ново и уникатно.
Како што Дорис со децении е доказ дека вистинската уметност никогаш не старее, така и Грашо е доказ дека музиката секогаш може да биде свежа и модерна. На 14 март тие ќе се сретнат за да докажат дека музиката нема граници, ни генерациски ни географски.
Билетите за овој настан се веќе пуштени во продажба и имате можност да ги купите преку продажната мрежа на www.kupikarta.com, „Розе Веро 2“, „ЈК травел“ во Бисер и „ЈК травел Дајмонд“.
Забава
„2 бона“, Елена Ристеска и Вера Јанковиќ в сабота во Паркот на франкофонијата

Во сабота, 13 септември, со почеток во 19:30 часот ќе се одржи големиот бесплатен музички хепенинг „Нешто што ќе остане“ во Паркот на Франкофонија, во организација на Општина Центар.
На концертот ќе настапат едни од најпознатите македонски изведувачи како Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, групата „2 Бона“, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова и Барбара Поповиќ. Низ целиот концерт ќе не води урбаната дива Вера Јанковиќ.
Водителката Вера Јанковиќ истакнува дека музиката е доказ дека не сме сами, а музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“ не асоцира на најдоброто од македонската музичка сцена.
„Драги мои поклоници на македонската музичка сцена, сакам да ви најавам „Нешто што ќе остане“. Тоа ме асоцира на моментот дека музиката е доказ дека не сме сами на овој свет. Нешто што ќе остане, по трети пат, традиционално не асоцира на најдоброто од македонската забавна музичка сцена. И повторно, Парк на Франкофонија овој пат 13 Септември, 19:30 минути. Јас сум Вера Јанковиќ, вашиот водител, домаќин, а се останато што ќе ве изненади таму ќе биде фантазија во која што ќе создадеме уште една ноќ за паметење. Се гледаме, бидете таму!“, порачува Јанковиќ.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакнува дека Општина Центар продолжува да вложува во културни настани достапни за сите граѓани.
„Со „Нешто што ќе остане“ создадаваме традиција на заеднички моменти исполнети со музика, радост и култура. Ги поканувам сите скопјани и гости на градот да ни се придружат на оваа прекрасна вечер која ќе остане запаметена“, вели Герасимовски.