Свет
Ако Украина изгуби, ќе има трета светска војна, вели Ники Хејли
Ако се дозволи Украина да загуби од Русија на бојното поле, ќе почне нова светска војна, тврди Ники Хејли, една од републиканските претседателски кандидати, пренесува „Хил“.
Поранешната гувернерка на Јужна Каролина изјави во неделата дека вооружувањето на Киев е само за спречување војна со испраќање порака до американските ривали.
„Кога Украина победува, тоа испраќа порака до Кина за Тајван, испраќа порака до Иран, кој сака да создаде бомба, испраќа порака до Северна Кореја, која тестира балистички ракети, испраќа порака до Русија дека е готово. Во најдобар интерес на САД, во најдобар интерес на нашата национална безбедност е Украина да победи. Мораме да го постогнеме ова, мора да го завршиме“, изјави Хејли.
Во однос на тоа како може да заврши војната, Хејли беше помалку отворена.
„Ќе заврши за еден ден ако Русија се повлече. Ако Украина се повлече, тогаш сите гледаме кон светска војна. За да се спречи тоа, на Киев му требаше оружје – многу оружје. Победата за Украина е победа за сите нас бидејќи тираните ни кажуваат точно што ќе прават“, продолжи Хејли.
Таа тврди дека ако Украина падне, „Русија рече дека Полска и Балтикот се следните“.
„Ако тоа се случи, можеме да очекуваме светска војна“, повтори таа.
Иако многу се пишуваше за можноста за руска инвазија на Полска или на балтичките земји, дури и повеќето американски експерти признаваат дека тоа е малку веројатно.
Инвазијата на која било од тие земји би го активирала членот 5, клаузулата за заемна одбрана на НАТО, претворајќи го конфликтот што многумина го опишаа како прокси-војна меѓу Москва и Брисел во директна војна меѓу нуклеарните сили.
Хејли бргу се издвои по прашањата за надворешната политика од републиканскиот фаворит Доналд Трамп, кој претходно годинава се шегуваше дека на САД, а не на Русија, им требаат промена на режимот, и од предизвикувачот Рон де Сантис, за кој конфликтот во Украина е територијален спор.
За време на обраќањетo таа повторно се спротивстави на идејата да се остане неутрален во конфликтот инсистирајќи дека „oва е војна за слободата и треба да победиме“.
Додека Хејли служеше како амбасадор на САД во ОН за време на Трамп, таа не ја криеше својата интервенционистичка склоност, па дури и најави неочекувана рунда санкции против Русија, од што Белата куќа потоа мораше да се огради.
Хејли со месеци апелира до администрацијата на Бајден да попушти пред барањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за борбени авиони „Ф16“ и да воведе уште повеќе санкции тврдејќи дека Вашингтон е премногу мек кон Москва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.
Свет
(Видео) Иран се подготвува за војна
Додека Соединетите Американски Држави продолжуваат со значително засилување на военото присуство на Блискиот Исток, Иран презема чекори за да ја демонстрира својата подготвеност за можен конфликт, вклучително со зајакнување на нуклеарните постројки и обновување на фабриките за ракети.
Иранските и американските преговарачи во вторник одржаа индиректни разговори во Женева, кои траеја три и пол часа, но не резултираа со конкретно решение. Иранскиот преговарач Абас Арагчи изјави дека е постигнат договор за „водечките принципи“, додека американскиот потпретседател Џ. Д. Венс рече дека Иран не ги разбира „црвените линии“ поставени од претседателот Доналд Трамп.
Сателитските снимки покажуваат дека Иран активно ги зајакнува своите воени бази и нуклеарни објекти. Во текот на последните месеци беа обновени клучни ракетни објекти, воздухопловни бази и фабрики за цврсто гориво, а повеќе нуклеарни постројки се покриваат со бетон и земја за да бидат заштитени од евентуални воздушни напади.
Satellite images show Iran building concrete shields over a sensitive military site, fortifying entrances at a location reportedly bombed by Israel in 2024 near Natanz amid tensions with the US.
Read more: https://t.co/XTuPAmV7CI pic.twitter.com/hGlv7rCEeC
— Al Arabiya English (@AlArabiya_Eng) February 18, 2026
Иран, исто така, го зајакна управувањето со воената структура, формирајќи нов Комитет за одбрана и назначувајќи воени ветерани на важни позиции, додека внатрешните протести беа брутално задушени.
Во меѓувреме, земјата одржа поморски воени вежби и демонстрации на моќ, вклучувајќи затворање делови од Ормутскиот теснец и заеднички операции со Русија, испраќајќи порака дека евентуална војна со САД би била тешка и скапа.
Експертите предупредуваат дека Иран брзо ги обновува своите ракетни и нуклеарни програми и дека конфликтот би бил комплициран и со висок ризик за сите страни.
Регион
По протестот на опозицијата во Тирана, 17 лица се уапсени, а 35 под истрага
17 лица се уапсени, а против 35 се води истрага на слобода, по протестот на албанската опозиција во Тирана кој ескалираше во тензии и судири со безбедносните сили, јави RTSH.
Инцидентите започнале кога дел од демонстрантите се судриле со полицијата во близина на кабинетот на премиерот Еди Рама. Според информациите, кон зградата биле фрлани молотови коктели.
Полицијата интервенирала со солзавец за да ја растера толпата. Подоцна протестот се префрлил кон зградата на парламентот, каде што биле регистрирани нови инциденти и фрлање запаливи средства, по што следувала нова полициска интервенција.
Во судирите се повредени повеќе лица, кои се пренесени во болница.
Од полицијата информираат дека протестот не бил претходно одобрен, наведувајќи дека имало информации за можни насилства, имајќи ги предвид претходните инциденти.
Демонстрантите побараа оставка од владата по обвинувањата за корупција против вицепремиерката Белинда Балуку.

