Регион
Новиот бугарски министер за одбрана најави воена помош за Украина
Бугарскиот парламент во вторникот ја одобри новата влада предводена од Николај Денков, а функцијата министер за одбрана ја презеде воениот експерт Тодор Тагарев, кој го водеше Министерството за одбрана во март-мај 2013 година, пренесува БТА.
Тагарев во своето обраќање ја објави својата намера да обезбеди воена помош за Украина. Во говорот по парламентарното гласање тој рече дека неговото министерство има намера да продолжи со напорите за зајакнување на одбранбената способност на земјата.
Дефинирајќи ги главните цели на својата идна работа како министер за одбрана, Тагарев рече дека Бугарија и нејзината армија мора да придонесат за осигурување безбедност и стабилност во регионот на Црното Море и Југоисточна Европа.
„Втората точка е придонесот на нашата армија за безбедноста на Црното Море… Ќе имаме безбедност кога последниот окупатор ќе ја напушти границата на Украина и кога ќе се блокираат агресивните намери на Кремљ. Само на тој начин може да се гарантираат нашиот регион и нашата иднина“, рече Тагарев.
„Мора да го направиме она што е потребно и да ги зајакнеме нашите одбранбени способности и да ѝ дадеме помош на Украина за да може да ја продолжи контраофанзивата, која очигледно почна, и да ги ослободи своите територии“, додаде тој.
Тагарев рече дека помошта нема да ѝ наштети на одбранбената способност на Бугарија.
Бугарија е една од ретките членки на Европската Унија што не обезбеди воена помош за Украина по инвазијата од страна на Русија во февруари 2022 година.
Бугарските пратеници гласаа за испраќање оружје во ноември, но претходната влада никогаш официјално не продолжи со испраќање помош. Сепак, повеќе медиумски извештаи укажаа дека Бугарија испратила оружје во Украина преку трети земји.
Русија почна специјална воена операција во Украина на 24 февруари 2022 година како одговор на повиците на народните републики Донецк и Луганск за заштита од украинските трупи.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека операцијата, чија цел е украинската воена инфраструктура, има цел да ја демилитаризира и денацифицира Украина и целосно да го ослободи Донбас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Вучиќ утрово го посети Дачиќ: Неговата состојба е нешто подобра
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е малку подобра. Вучиќ го објави ова од авионот, пренесува РТС.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е малку подобра. Верувам во него, а сега на пат кон Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“, напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.
Тој додаде дека закрепнувањето на Дачиќ е во тек, но дека претпазливоста е сè уште неопходна.
„Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и ништо не е сигурно, но е подобро, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“, рече Вучиќ.
Регион
„Следните 72 часа се клучни“: Се огласи доктор од клиниката каде што се лекува Дачиќ
Српскиот вицепремиер и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.
Заменик-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера вечер за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и дека министерот Дачиќ има тешка пневмонија и дека следните 72 часа ќе бидат клучни.
– Тој моментално е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот – рече д-р Попевиќ.
Докторот прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија.
Попевиќ додаде дека засега не може да даде никаква прогноза.
– Прерано е, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент – рече Попевиќ.
Дачиќ вчера беше посетен и од српскиот претседател Александар Вучиќ и членови на владата.
Регион
(Видео) Вучиќ за состојбата на министерот Ивица Дачиќ: Се молиме за него
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ е примен на полуинтензивна нега во Клиничкиот центар на Србија и е во сериозна состојба.
Дачиќ моментално е на апарати и е во критична состојба. Дијагностициран му е билатерална пневмонија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ даде изјава пред Клиничкиот центар на Србија:
„Вицепремиерот на Србија и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е во тешка ситуација“, кажа претседателот на Србија пред Клиниката за пулмологија во Клиничкиот центар на Србија, каде што го посети со членови на владата.
„Ги посетивме сите заедно вицепремиерот и претседателот на Социјалистичката партија на Србија, тоа е тешка ситуација, но веруваме во лекарите и веруваме во него и се молиме за него“, рече Вучиќ.
Според лекарот што го лекува министерот Дачиќ, ситуацијата е многу тешка, Дачиќ има тешка пневмонија.
„Тој моментално е на механичка вентилација, односно респиратор, прима сè што му е потребно, ја прима најдобрата антибиотска терапија, со тој респиратор купуваме време потребно за тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тој беше примен на Клиниката за пулмологија околу 16:30 часот. Следните неколку дена ќе ни дадат повеќе одговори, се надеваме на најдоброто“, рече д-р Попевиќ, кој го лекува Дачиќ.

