Регион
Словенија ја победи Белорусија во трката за место во Советот за безбедност на ОН
Генералното собрание на ОН во вторникот ги избра Алжир, Гвајана, Сиера Леоне, Словенија и Јужна Кореја во Советот за безбедност на ОН со двегодишен мандат – почнувајќи од 1 јануари 2024 година – а Белорусија, која ѝ е сојузник на Русија во нејзината инвазија на Украина, не доби место, пренесува „Еурактив“.
Петте избрани нации ќе ги заменат Албанија, Бразил, Габон, Гана и Обединетите Арапски Емирати.
Алжир, Гвајана, Сиера Леоне и Јужна Кореја се кандидираа без противници за место во 15-членото тело, кое е одговорно за одржување на меѓународниот мир и безбедност. Во единствената натпреварувачка трка Словенија ја победи Белорусија.
Советот за безбедност е единственото тело на ОН, кое може да носи правно обврзувачки одлуки, како што се наметнувањето санкции и одобрувањето употреба на сила.
Советот има пет постојани членки со право на вето: Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД.
За да се обезбеди географска застапеност, местата во Советот им се доделуваат на регионални групи. Но, дури и ако кандидатите се без противници во својата група, тие сепак треба да добијат поддршка од повеќе од две третини од Генералното собрание.
Гвајана доби 191 глас, Сиера Леоне 188, Алжир 184 гласа, Јужна Кореја 180, а Словенија освои 153 гласа и ја победи Белорусија, која доби 38 гласа.
Белорусија беше кандидат без противкандидат од 2007 година за источноевропското место 2024/2025. Словенија влезе во трката во декември 2021 година по бруталното задушување на протестите од страна на властите во Белорусија по претседателските избори во 2020 година.
Русија потоа ја искористи територијата на Белорусија како лансирно поле за инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
„Русите секогаш тврдеа дека многу држави јавно ја поддржуваат Украина во ОН, но приватно сочувствуваат со Русија. Но, ова тајно гласање воопшто не го поддржува тоа тврдење“, рече директорот на Меѓународната кризна група на ОН, Ричард Гоуван.
Русија минатиот месец продолжи со план за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија. Тоа е прво распоредување такво оружје од страна на Москва надвор од Русија од падот на Советскиот Сојуз во 1991 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.
Регион
Српскиот патријарх: Го губиме националниот идентитет, тоа е загрижувачко
Да ги надминеме поделбите и да си подадеме рака еден на друг, порача поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј, во својата божиќна порака, оценувајќи дека „за внатрешните политички тензии и поделби во Србија сведочи целиот српски народ, каде и да се наоѓа“.
„Внатрешните политички тензии доведоа до длабока поделба во општеството и недоверба меѓу луѓето, а разликите во мислењата сè повеќе се развиваат во ирационална омраза“, истакна српскиот патријарх и повика на надминување на поделбите.
„Да си подадеме рака еден на друг, бидејќи сме неопходни еден на друг“, нагласи Порфириј, оценувајќи дека ситуацијата во Србија е сложена и тешка.
Поглаварот на СПЦ го гледа како „особено загрижувачки“ „губењето на националниот и културниот идентитет, што го доведува во прашање континуитетот на историското и духовното саморазбирање на нашиот народ, а во исто време не може да се објасни само со надворешни влијанија“.
„Заедно со тоа доаѓа економската несигурност и демографскиот пад: Србија се соочува со многу негативен природен прираст и, следствено, со еден од најбрзите депопулации во светот, како и со сè поизразено стареење на населението“, рече патријархот.
Нагласувајќи дека Божиќ е празник на мирот, Порфириј рече дека денес „човештвото има потреба повеќе од кога било да се врати кон тој извор на мир кој не е наметнат со сила, туку се открива во понизност и љубов“ во „однос што гради доверба, заедништво и почит кон секое човечко суштество“.

