Македонија
Шаќири: Полуматурантите да се фокусираат на стручното образование за полесно да најдат работа
На 20 јуни почнуваат уписите во средните училишта и јас упатувам апел до младите да се фокусираат на средното стручно образование, кое ценам дека е вистински избор и нуди поголема веројатност за добра иднина. Државата има дефицит на стручен кадар и доста работни места со солидни примања, каде што се бараат квалификувани работници, се непополнети. Така што, со диплома од средно стручно училиште полесно ќе може да се вработат, но и ќе имаат добра основа за понатамошна академска наобразба.
Ова го истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, кој денеска заедно со швајцарската амбасадорка Вероник Улман и извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, Антони Пешев, ги посети средното училиште „Георги Димитров“ и компанијата „Ацески“, кои имаат воспоставена соработка во интерес на спроведување квалитетна практична обука и подготовка на учениците директно на работно место.
„Образовниот процес во средните стручни училишта е интересен и квалитетен затоа што во најголемиот дел од нив, всушност, се спроведува концептот на дуално образование, кој го воведовме, го развиваме, спроведуваме и промовираме заедно со бизнис-заедницата, со коморите, локалните самоуправи и со голема поддршка од швајцарската амбасада“, рече Шаќири.
Потенцира дека за учениците е обезбедена повеќе практична настава за сметка на изучувањето теорија, и тоа директно на работно место во компанија. Годинава над 450 компании ќе примаат ученици на практична обука, а ќе се доделат и 1.500 стипендии за учениците што ќе изберат дуално и воопшто средно стручно образование.
„Нека сето ова биде мотив за полуматурантите да избираат средни стручни училишта и да си обезбедат подобра иднина за себе, а секој нивен успех понатаму ќе биде и придонес кон напредокот на државата“, додаде министерот.
Пријавувањето и запишувањето на учениците во средните училишта во учебната 2023-2024 ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во јуни, на 20 и 21 јуни, и второ пријавување на 27 и 28 јуни 2023 година, преку порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk, со најава на средношколците преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.
Во училиштата, каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот број, кои ги исполнуваат предвидените услови, ќе се организира квалификациско тестирање по наставниот материјал од одредени предмети од осмо и деветто одделение.
Конкурсот предвидува речиси 30 илјади слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и 658 паралелки во средните стручни училишта. Во соработка со општините и компаниите во земјата се обезбедени 6.475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски на средби со технолошки лидери во САД: разговарано за теми од клучно значење за развојот на безбедна дигитална инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посетата на Соединетите Американски Држави ја започна со работна средба со MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на сајбер безбедноста и управуваат со повеќе FFRDC центри (Federally Funded Research and Development Centers).
На средбата се разговараше за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои: вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.
Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност, и како институциите можат да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, известува Министерството за дигитална трансформација.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, која ја сочинуваат Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата, и Златко Перински, Министер за локална самоуправа, остварија средба и со претставници на Microsoft, при што разговараа со Коззета Гарет, General Manager for Cyber Security Services во Microsoft, за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Делегацијата во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

