Свет
Во Грција пронајдена британска подморница што мистериозно исчезна во 1942 година
Остатоци од британската подморница H.M.S Triumph, која мистериозно исчезна за време на мисија во Грција во 1942 година во Втората светска војна, е пронајдена во Егејското Море, објави грчката новинска агенција АНА.
Таа била забележана „на длабочина од 203 метри во Егејското Море“ и „неколку десетици километри од брегот“ од соработниците на грчкиот нуркач Костас Токтаридис, кои тргнале во потрага по неа во 1998 година.
Подморницата од Т-класа, долга 84 метри, е поврзана со „отпорот против нацистичката окупација во Грција“ и „британската тајна служба“, рече Токтаридис, пренесува АНА. „Сите 64 члена на екипажот загинаа во потонувањето“, рече истиот извор. Подморницата заврши дваесет борбени мисии од 1939 до 1942 година.
Таа ги почна своите мисии во Егејското Море во март 1941 година во близина на Додеканезите, кои тогаш беа под италијанска окупација, каде што „уништи многу непријателски бродови, вклучително и италијанската подморница ‘Салпа’“, пишува АНА. Но, на 23 јануари 1942 година, за време на нејзината 21. мисија во Егејското Море, британската морнарица објави дека подморницата „Триумф“ се смета за исчезната.
Последното сведоштво за подморницата го дал италијански пилот, кој ја видел на 9 јануари 1942 година во близина на Кејп Сунија, во Саронскиот Залив, во близина на Атина.
Меѓу разните верзии за причините за потонувањето на подморницата се судир со мина, заробување во акција од германските сили поддржани од италијански агенти и експлозија на лакот на подморницата, рече Костас Токтаридис.
Многубројни истражувачки тимови од Малта и Русија доаѓаа во Грција во потрага по нејзините остатоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
МААЕ: Заштитната структура на Чернобил е тешко оштетена
Заштитната структура на напуштената нуклеарна електрана Чернобил, која треба да го спречува ширењето на радиоактивен материјал, повеќе не може да ја извршува својата безбедносна функција поради штетата предизвикана од напад со дрон на почетокот на годината, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Инспекцијата на заштитната структура што МААЕ ја спроведе минатата недела покажала дека нападот со дрон во февруари предизвикал пропаѓање на конструкцијата, објави агенцијата на ОН.
Во мисијата е потврдено дека заштитната структура ги загубила „примарните заштитни функции“, вклучувајќи го и задржувањето на радиоактивниот материјал, но дека на носечката конструкција и на контролните системи нема трајна штета, се наведува во соопштението.
Веќе се извршени привремени поправки на покривот, изјави директорот на агенцијата Рафаел Гроси, нагласувајќи дека за спречување на понатамошно пропаѓање и обезбедување долгорочна нуклеарна безбедност е неопходно да се спроведе сеопфатна обнова.
Врз основа на истрагата, МААЕ препорачува понатамошна обнова и заштита на структурата, како и ажурирање на системите за следење на влага и корозија и други надзорни програми, се наведува во соопштението.
На 14 февруари дрон ја пробил надворешната обвивка на заштитната структура и предизвикал пожар. Украинските власти тогаш соопштија дека нападот го извела Русија, а Москва го демантираше тоа.
Заштитната структура е поставена во 2019 година околу реакторот број 4, кој експлодираше во нуклеарната катастрофа во 1986 година, со цел да се спречи понатамошно истекување на радијација во околината.
По нападот со дрон, радијацијата останала на нормално и стабилно ниво и немало извештаи за нејзино истекување, соопштиja ОН во февруари.
Несреќата во Чернобил се случи во април 1986 година. Советските инженери околу реакторот поставија саркофаг, кој подоцна беше заменет со нова структура. Преостанатите три реактори постепено беа исклучени, а последниот престана со работа во 2000 година.
Руските сили накратко ја окупираа нуклеарната електрана на почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година.
МААЕ во Чернобил има постојан тим експерти и ќе продолжи да прави сè што е во нејзина моќ за да го поддржи повторното воспоставување целосна нуклеарна безбедност во Чернобил, нагласи шефот на агенцијата на ОН.
Истовремено со инспекцијата во Чернобил, МААЕ спроведе и истражување на штетата на електричните трафостаници низ Украина.
Свет
Во САД укината универзалната препорака за вакцинација против хепатит Б за новороденчиња
Американските советници за вакцинација ја укинаа долгогодишната препорака сите новороденчиња во САД да ја примаат вакцината против хепатит Б веднаш по раѓањето. Наместо тоа, вакцината ќе се дава само на бебиња чиишто мајки (помалку од 1 отсто) се позитивни на вирусот.
За останатите новороденчиња, комитетот одлучи лекарите и родителите самостојно да одлучуваат кога ќе започне вакцинацијата, со препорака првата доза да се даде пред детето да наполни два месеца.
Јавноздравствени експерти и медицински здруженија ја критикуваа одлуката, предупредувајќи дека може да го загрози напредокот постигнат од 1991 година, кога рутинската вакцинација драматично го намали бројот на заразени деца.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), со новото раководство назначено од министерот Роберт Ф. Кенеди Џуниор, ќе ги користи препораките за изработка на јавноздравствени упатства. Стручњаците предупредуваат дека ставањето акцент на „изборот на родителите“ е главен аргумент на противниците на вакцините.
Светската здравствена организација и понатаму препорачува сите новороденчиња да се вакцинираат што е можно побрзо по раѓањето, бидејќи 95% од заразените бебиња развиваат хроничен хепатит.
Свет
Администрацијата на Трамп смета дека Европа е во ризик од цивилизациско бришење
Европа се соочува со „цивилизациско бришење“ и можеби еден ден ќе го загуби статусот на сигурен сојузник на САД, смета администрацијата на Доналд Трамп во голем стратегиски документ, што предизвика бурна реакција од Европејците, пишува „Ројтерс“.
Новата Стратегија за национална безбедност, објавена на веб-страницата на Белата куќа во текот на ноќта меѓу четвртокот и петокот, ја осуди Европската унија како антидемократска и наведе дека целта на САД треба да биде да ѝ помогнат на Европа да ја исправи својата моментална траекторија.
Документот ги обвини европските влади за „поткопување на демократските процеси“, вклучувајќи ги напорите – како што се наведува – да се спречи наводната волја на европската јавност да се стави крај на војната во Украина.
„На долг рок, повеќе од веројатно е дека во рок од неколку децении, одредени членки на НАТО ќе станат мнозински неевропски“, стои во документот.
„Затоа, отворено е прашањето дали тие ќе го гледаат своето место во светот или својот сојуз со САД на ист начин како оние што ја потпишаа НАТО-повелбата.“
Во документот од 33 страници, со вовед што го потпишал Трамп, се наведува дека Европа е во економски пад, но дека нејзините „вистински проблеми се уште подлабоки“. Меѓу нив се истакнати „активностите на ЕУ кои ја поткопуваат политичката слобода и суверенитетот, миграциските политики кои го трансформираат континентот, цензурата на слободата на говор и сузбивањето на политичката опозиција како и губењето на националните идентитети“.
Во текстот се додава: „Ако сегашните трендови продолжат, континентот ќе биде непрепознатлив за 20 години или помалку“, пренесе „Индекс“.
Реагирајќи на објавата на документот, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека САД остануваат клучен безбедносен сојузник, но дека „прашањата за слободата на изразување или организирањето на нашите слободни општества“ не спаѓаат во таа категорија.
„Сметаме дека сме способни самите да разговараме за овие прашања и дека не ни е потребен надворешен совет“, порача тој.
Додека Трамп бара крај на војната во Украина, документот ги обвинува Европејците за слабост. Иако имаат „значајна предност во тврда моќ“, се наведува, многумина на континентот „ја сметаат Русија за егзистенцијална закана“.
Се нагласува дека „клучен интерес на САД е да преговараат за брз прекин на непријателствата во Украина“, но дека Вашингтон е „во судир со европски функционери кои имаат нереални очекувања од војната, сместени во нестабилни малцински влади, од кои многу ги газат основните демократски принципи за да ја сузбијат опозицијата“.

