Свет
Доверливите документи за нуклеарната програма на САД, Трамп ги чувал во купатило

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, републиканскиот кандидат за реизбор следната година, е обвинет по 37 точки од обвинението за незаконско задржување доверливи документи и обид за попречување на правдата по напуштањето на Белата куќа во 2021 година.
Министерството за правда ги објави документите за обвинението на денот кога двајца адвокати на Трамп поднесоа оставка. Обвинет е и поранешниот претседателски помошник Волт Наута. Обвинението се заснова на ракувањето на Трамп со чувствителните владини материјали што ги зел со себе кога ја напуштил функцијата во јануари 2021 година.
Американските воени тајни, нуклеарната програма Трамп ги чувал во бањата.Тој треба да се појави пред судот во Мајами првпат во вторник, ден пред неговиот 77 роденден.
Во обвинението се наведува дека меѓу тие документи имало и чувствителни воени тајни на САД, вклучително и оние за нуклеарната програма и потенцијалните ранливости на земјата во случај на напад. Еден документ се однесува на поддршката на една земја за тероризмот против американските интереси.
Материјалите дошле од Пентагон, ЦИА, Националната агенција за безбедност и други разузнавачки агенции, се наведува во обвинението. Се тврди дека Трамп на едно лице му покажал документ на Министерството за одбрана за „план за напад“ против друга земја.
Обвинението против поранешен американски претседател на федерално ниво е без преседан во американската историја и се случува додека Трамп е републиканскиот фаворит да биде кандидат на изборите следната година.
Инспекторите заплениле приближно 13.000 документи на имотот на Трамп Мар-а-Лаго во Флорида пред една година. Стотина од нив беа означени како доверливи, иако еден од адвокатите на Трамп претходно изјави дека сите такви документи и се вратени на владата.
„Јас сум невин човек! напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social во четвртокот, по објавувањето на обвинението.
Претходно тој изјави дека ги декласифицирал тие документи додека бил претседател, но неговите адвокати не го искористиле тој аргумент на суд, пренесува Ројтерс. Си-Ен-Ен денеска објави дека Трамп во аудио снимка рекол дека по напуштањето на Белата куќа чувал доверливи воени информации, кои би можеле да бидат клучни докази во случајот.
Ова е втора кривична постапка против Трамп, кој следниот март ќе оди на суд во Њујорк поради наводното плаќање на порно ѕвезда за да молчи за нивната врска. Доколку победи на реизборот, Трамп како шеф на федералната влада ќе има овластување да го запре процесот за доверливи документи, но не и оној во државата Њујорк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Масовни протести во Шпанија против корупција

Повеќе од десетици илјади луѓе се собраа денес во Мадрид на демонстрации организирани од главната конзервативна опозициска партија, против владата на социјалистичкиот премиер Педро Санчез, обвинувајќи ја за корупција.
Демонстрантите се собраа на Шпанскиот плоштад во центарот на главниот град, велејќи му на Санчез да „поднесе оставка“.
Народната партија го свика собирот откако протечените аудио снимки наводно покажуваат дека член на Социјалистичката партија води кампања за клевета против полициска единица што истражува обвинувања за корупција, во која наводно се вклучени сопругата, братот и поранешната десна рака на Педро Санчез.
Социјалистичката членка ги негираше обвинувањата, кажувајќи им на новинарите дека спроведувала истражување за книгата и дека не работи во име на партијата или на Педро Санчез, а потоа ја напуштила Социјалистичката партија.
Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Феихо, ја обвини владата за „мафијашки практики“ во аферата, тврдејќи дека Санчез е во центарот на повеќе корупциски скандали.
Народната партија процени дека повеќе од 100.000 луѓе присуствувале на денешниот митинг под слоганот „Мафија или демократија“.
Владин претставник во Мадрид процени дека на демонстрациите имало помеѓу 45.000 и 50.000 луѓе.
Свет
Тропската бура Барбара се формираше покрај брегот на Мексико

Тропската бура Барбара се формираше покрај југозападниот брег на Мексико, соопшти Националниот центар за урагани во Мајами рано утрово. Не се издадени предупредувања за крајбрежна опасност.
Брзината на ветерот беше околу 75 километри на час со повремени силни налети. Се очекува бурата да прерасне во ураган во понеделник.
Во делови од мексиканските држави Гереро, Мичоакан, Колима и Халиско можни се обилни врнежи од дожд од 5 до 10 сантиметри, а на некои места и до 15 сантиметри. Врнежите од дожд можат да доведат до поплави и лизгање на земјиштето.
Свет
Израел тврди дека бродот со активистите и Грета Тунберг нема да стигне до Газа

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денес изјави дека ќе го спречи бродот со хуманитарна помош што ги носи Грета Тунберг и други активисти да стигне до Појасот Газа и со тоа ќе ја прекине поморската блокада на палестинската територија, која наводно има за цел да го спречи Хамас да се здобие со оружје.
Тунберг, активистка за климатски промени, е меѓу 12-те активисти, вклучувајќи го и актерот од „Игра на тронови“, Лиам Канигкем, кои се наоѓаат на бродот, чија цел е да се стави крај на блокадата на Газа и да се достави хуманитарна помош, а воедно да се подигне свеста за растечката хуманитарна криза.
Активистите изјавија дека планираат да стигнат до Газа уште денес.
Рима Хасан, француска европратеничка од палестинско потекло, исто така е дел од тимот. Нејзе ѝ беше забранет влезот во Израел поради нејзиното противење на политиката на Израел кон Палестинците. По тримесечна целосна блокада, Израел минатиот месец почна да дозволува основна помош во Газа, но хуманитарните работници предупредија на глад доколку блокадата и војната не се прекинат.
Минатиот месец, обидот на друг брод од истата организација да стигне до Газа не успеа, откако бродот беше нападнат од беспилотни летала додека пловеше во меѓународни води крај Малта. Групата го обвини Израел за нападот, во кој беше оштетен предниот дел на бродот.