Македонија
Ковачевски: Да ja донесеме одлуката заради иднината, прифаќањето од Мицкоски е за поздрав
Сега е моментот да се обединиме, рамо до рамо, сите, да ја донесеме оваа одлука, заради иднината на сегашните и идните генерации порача од Кавадарци премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на трибината „Резултати што прават разлика“.
„Оваа одлука е за граѓаните на државата, оваа одлука е за обичниот граѓанин на државата, за оној граѓанин кој што станува секое утро и оди на работа. Ова е одлука за вас земјоделците, за вас лозарите, за работниците кои секое утро одат во фабриките, кои чесно го заработуваат лебот и плаќаат данок кон државата. Ова е одлука за сите мајки чии деца отидоа на печалба во ЕУ, ама во ЕУ во туѓина, ова е одлука за децата да ни бидат тука, да ни расте наталитетот. Ова не е одлука за една мала група на луѓе кои што и со ЕУ и без ЕУ, живеат на висока нога, повисока и од некои земји членки на ЕУ“ посочи Ковачевски.
Кажа дека сите политички субјекти мора да ја искористат шансата и да ја обезбедат европската иднина на државата.
„Имаме шанса која не смееме да ја пропуштиме. Години и години може да чекаме наредна шанса. Подобар договор од овој што имаме ниту може ниту ќе добиеме. Затоа, ајде заедно да ја донесеме одлуката со којашто ќе се гордееме“ повика Ковачевски.
Toj го поздрави прифаќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за уставни измени.
„Имам јас многу лични моменти во ова. Цело време бев обивнуван за бугаризација и асимилација и се тоа падна во вода. Но подготвен сум да поминам преку тоа, за доброто на земјата. Знаеме ние дека опозицијата и во други прилики менувала став. Овој пат, промената е за добро на државата. И затоа го поздравувам, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на трибината „Резултати што прават разлика“ во Кавадарци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Техничката влада мора да остане, условите во општеството се како во 2016 година, велат од СДСМ
„Слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори не е се прашања за политички пазар. Техничката влада мора да остане. Укинувањето може да се случи во оној момент кога општеството ќе биде спремно а за тоа се неопходни реформи по европски стандарди особено во делот на правосудството“, велат од СДСМ.
„Кога ќе бидат применети сите реформски закони кои се дел препораките на ЕУ и оценската мисија, во сферата на правосудството, обвинителството, полиција, правото и правната држава, во тој момент ние како држава ќе бидеме спремни да може да се укине техничката влада.
Тоа е клучно. Дотогаш техничката влада мора да остане.
Затоа што условите во општеството се исти како во 2016 година, криминал, корупција, заробени институции, партизација, контрола врз правосудството.
После се што изнесовме во јавноста на граѓаните им е кристално јасно.
Сѐ што најавивме – се оствари. Ги разоткривме сите планови на власта и сите планирани чекори.
Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сака дијалог, туку алиби за распишување на предвремени избори кои веќе им се договорени. Не сакаат реформи за ЕУ, туку покритие за намерна изолација на земјата.
Нека се договара ВМРО со ДУИ што сака. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Наша обврска е власта да ја вратиме во рацете на народот“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.

