Култура
„Возбудливи приказни зад музиката“: Џијан Емин во друштво на лауреатите Кејв и Сакамото на 9. издание на „Скопје синема сити“
Филмови за Леонард Коен, Френк Запа и музичката група „Леб и Сол“; изложба на фотографии од Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхл.
Со мотото „Приказните зад музиката“ во Кинотеката, викендов (17 и 18 јуни), ќе биде одржано 9. издание на „Скопје синема сити“, единствениот филмски фестивал кај нас, посветен на музичките документарни филмови. Фестивалот, кој деветти пат ѝ оддава почит на синергијата меѓу музиката и филмот, годинава во својата програма вклучува изложба и три исклучителни документарни филма посветени на творештвото на едни од највлијателни фигури во историјата на музиката, неповторливите Леонард Коен и Френк Запа, како и за нашата антологиска музичка група „Леб и сол“.
Фестивалот ќе биде отворен в сабота (17 јуни) во 19 часот во фоајето на Кинотеката со групна изложба на музички фотографии со наслов „5х10“. Имено, станува збор за избор по 5 фотографии од 5 истакнати македонски фотографи, кои посветено повеќе од две децении фотографирале на концерти и музички фестивали. Публиката ќе има можност да види фотографии на Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхл.
По изложбата во 20 часот, следува проекцијата на „Алелуја: Леонард Коен, патешествие, песната“ (2002), филм создаден за песната на Леонард Коен, која од отфрлен албум во 80-тите, по чудни околности, ќе стане една од најизведуваните песни на сите времиња. Ова е приказната за животот на песната Hallelujah и сите музичари што ја изведувале – од Коен до Џеф Бакли.
Следниот ден, на 18 јуни (недела), ќе следува филмот за „Леб и сол“, со наслов „Вкусот на успехот, и филмот за Френк Запа, „Изеди го прашањето: Запа со свои зборови“.
Фестивалот, кој традиционално доделува награда за животно дело за успеси на полето на филмот и музиката, годинава ќе му ја додели на Џијан Емин за неговите достигнувања во светот на филмската музика. Претходни лауреати во изминатите години, меѓу другите, беа Руичи Сакамото, New Order, Ник Кејв.
Визуелното решение за 9. издание е дело на Даница Орцева, студент на Brainster.
Фестивалот „Скопје синема сити“ е во организација на здружението „Номад-арт Скопје“ и е помогнато од Општина Карпош, од Министерството за култура на РС Македонија и од Кинотеката на Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.

