Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски лаже кога вели дека сме го промениле ставот, уставни измени под бугарски диктат нема да има

Ковачевски лаже кога вели дека ВМРО го променила ставот. Ставот на ВМРО е непроменет од самиот почеток. Промена на Уставот и вклучување дел од бугарскиот народ во преамбулата според бугарскиот диктат нема да има, реагира опозициската партија.
Во реакцијата се наведува дека промената може да биде ефективна само со завршување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, што практично би било кога Македонија ќе стане земја членка на ЕУ.
„Промена на Уставот заедно со членство во ЕУ. НЕ за бугарски диктат. Ковачевски лаже веќе една година дека обезбедил 2/3 за гласање на уставните измени според бугарски диктат. Димитар Ковачевски е големо разочарување и за меѓународната заедница, но што е поважно – и за граѓаните во Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека Ковачевски има историска шанса да прифати единство во преодна влада без ДУИ и има историска шанса да прифати еден од двата предлога што ги доби на лидерската средба од претседателот Мицкоски.
„Времето е скапоцено и изминува, потребни се одговорност и обединување за македонските национални интереси или што побргу избори. Неприфаќањето на предлозите на ВМРО може да е само поради две причини. Првата е СДС не сака ДУИ да оди во опозиција. Втората е дека СДС врши предавство на националните интереси“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со локални врнежи од дожд, особено претпладне

Времето денеска променливо облачно со локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи, особено претпладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 14, а максималната ќе достигне од 18 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и грмежи, особено претпладне. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло со мала до умерена облачност. Од почетокот на следната седмица повторно ќе настапи дестабилизирање на времето со локални врнежи од дожд и појава на грмежи.
Македонија
Без струја дел од општина Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Видое Смилевски Бато, делот кај што се вкрстува Февруарски Поход спроти Рамстор Ново Лисиче, во општина Аеродром.
Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.