Регион
Портпаролот на ЕУ потврди: Мерките против Косово ќе бидат преземени ако Курти не ја смири ситуацијата
Портпаролот на ЕУ Петер Стано изјави дека косовскиот премиер Аљбин Курти не презема „одлучни и итни“ мерки за деескалација на ситуацијата на Косово.
„Со земјите-членки на ЕУ споделивме нацрт-мерки што ќе бидат преземени доколку премиерот Курти не преземе итни и соодветни чекори за деескалација на ситуацијата и намалување на тензиите“, рече Стано за „Н1“.
Како што наведе тој, најновиот развој на ситуацијата на северот на Косово докажува дека ескалацијата продолжува и дека се коси со интересите на Косово и неговиот народ.
Стано потврди и дека високиот претставник за надворешна политика Жозеп Борел добил писмо од Албин Курти.
Курти претходно го испрати својот план од пет точки за деескалација на ситуацијата.
„Како и секогаш, високиот претставник ќе одговори преку соодветните канали“, рече Стано.
Тој додаде дека дискусиите меѓу членките на Европската унија продолжуваат, а Борел е во постојан контакт со лидерите во регионот и ЕУ.
Претходно вечерва, албанскиот премиер Еди Рама соопшти дека средбата планирана за утре меѓу владите на Албанија и Косово е откажана, бидејќи нема договор со косовскиот премиер Албин Курти, а Косово оди кон санкции од меѓународната заедница.
Мерките, како што дознава РСЕ од дипломатски извори, опфаќаат блокирање на сите покани за настани на високо ниво, како и билатерални посети на Косово, освен оние кои имаат за цел да се реши кризата на северот на земјата.
Исто така, се предлага да се намали присуството на јавни настани поврзани со финансиската соработка на ЕУ, во кои се вклучени членови на косовската влада.
Се предлага и суспендирање на значително финансирање од ЕУ, почнувајќи со суспензија на одобрувањето и спроведувањето на предлогот поднесен од Косово во последниот круг на Инвестицискиот фонд за Западен Балкан во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

