Македонија
Кој е убиениот македонски државјанин во Приштина: Два идентитета, криминално досие, ИСИС
Лице со два идентитети, имал македонско државјанство и криминално досие во Македонија. Ова се неколкуте познати и потврдени информации за лицето убиено во Косово, Блерим Даци, кој имал и втор идентитет Блерим Шабани. Неофицијално, станува збор и за повратник од терористичката организација Исламска држава (ИСИС). Живеел во Македонија, против него имало постапка од скопското Обвинителство, а добил и притвор.
Убиениот им е познат на македонските правосудни органи. Скопското Обвинителство во 2022 година побарало притвор бидејќи кај него било пронајдено оружје, кое нелегално го поседувал. Поради ова, бил побаран притвор од Кривичен суд, но судиите одредиле куќен притвор.
Обвинителот се жалел, а мерката била преиначена. Блерим Даци требало да биде спроведен во затворот „Скопје“ во Шутка. Но кога полицијата отишла да го приведе и спроведе – тој веќе бил во бегство. Оттогаш, му се губи секаква трага. Неговото убиство им откри на македонските институции дека тој бил засолнет во Косово.
Дел од медиумите објавија дека Даци се поврзува со двојното убиство во „Шиша бар“. Ова се неофицијални информации, кои ниту една институција во Македонија не ги коментира бидејќи случајот е во фаза на истрага и споделувањето на информации може да ја компромитира постапката.
Единствената сличност помеѓу убиството во Приштина и убиството во „Шиша бар“ е дел од начинот на кој е извршено. И во двата има ликвидација, по која, има запалени автомобили. Во Скопје, по убиството, автомобил беше запален во Радишани. Слично било и во Приштина.
„На еден километар од местото на настанот е пронајдено запалено возило со германски таблички, за кое постои сомневање дека со него осомничените побегнале од местото на настанот“, наведува косовската полиција.
Во возилото во Скопје, не беше пронајден никаков траг од оружје со кое беа убиени Јетон Кривањева (Жила) и Енис Исени (Љаци). Во Приштина, во запаленото возило, имало два „калашникови“. Се верува дека со нив бил убиен Даци.
Македонските институции се во комуникација со косовските. Засега нема многу официјални информации за настанот, а ниту приведени лица.
„Нашите институции комуницираа со косовските власти и го потврдија тој податок кој беше објавен за наш граѓанин кој беше застрелан во Косово, но повеќе детали ќе ви обезбедат останатите институции. Ние како МНР го направивме првиот контакт и ја потврдивме веста“, рече Османи.
Синоќа околу 20 часот, косовските медиуми пренесоа дека во Приштина е убиен државјанин на Македонија, додавајќи дека осомничените сè уште не се идентификувани.
Според косовската полиција, на околу еден километар од местото на инцидентот, пронајден е опожарен автомобил со германски регистарски таблички, со кој се сомнева дека осомничените избегале од местото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време со температура до 21 степен
Времето утре наутро ќе биде постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла
Македонија
Божиновска и Јоксимовиќ: Забрзана изградба на гасниот интерконектор Македонија–Србија, се редефинира енергетската карта на регионот
Во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој (IFESD-14), што се одржува во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Јована Јоксимовиќ, помошничка министерка за рударство и енергетика на Република Србија, задолжена за меѓународна соработка и европска интеграција.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија, проект од стратешко значење за енергетската безбедност и диверзификација на снабдувањето со гас во регионот.
Двете соговорнички се согласија дека проектот треба да се реализира во забрзана динамика, со цел да се овозможи поврзување на гасните системи на двете земји и пристап до нови извори на гас.
На маргините на форумот dополнително, во Министерството за енергетика на Македонија се одржа работен состанок на кој се дискутираше координацијата на институциите и операторите во двете земји за реализација на проектот. Ба разгледани процедурите и техничките чекори за понатамошно убрзување на активностите.
„Гасниот интерконектор со Србија е еден од најважните регионални инфраструктурни проекти што ќе овозможи вистинска енергетска стабилност и сигурност. Овој проект не е важен само за Македонија и Србија – тој е значаен и за цела Европа. Со оваа нова енергетска врска, двете земји добиваат пристап до алтернативни извори и рути, а Европа добива посилен и подобро поврзан Балкан. Ова е чекор што ја позиционира нашата земја како активен и одговорен партнер во новата енергетска карта на Европа. Нашата заедничка цел е овој проект да се реализира во најкраток можен рок – затоа што секој ден е важен за нашата енергетска иднина. Со заеднички напори ќе го реализираме овој проект, во тесна координација и постојана комуникација со нашите партнери од Србија “ изјави Божиновска.
„Гасниот интерконектор со Македонија е проект кој има значење подалеку од нашите граници. Тој е дел од визијата за регион кој е енергетски поврзан, сигурен и усогласен со европските цели. Србија и Македонија заедно покажуваат дека со партнерство и заедничка стратегија можеме да обезбедиме стабилна и предвидлива енергетска иднина. Соработката меѓу нашите две земји во областа на енергетиката е пример како регионалното партнерство може да донесе конкретни резултати. Соработката со колешката Божиновска и со македонскиот тим е интензивна и исклучително конструктивна. Уверена сум дека со заедничка координација и поддршка на нашите оператори ‘Србијагас’ и ‘Номагас’, ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји. Имаме јасна динамика, завршени студии и поддршка од европските институции. Следниот чекор е координирана акција за изградба. Заеднички ќе работиме на тоа интерконекторот да стане реалност во најскоро време,“ истакна Јована Јоксимовиќ, помошничка министерка за меѓународна соработка и европска интеграција во Министерството за рударство и енергетика на Србија.
Македонија
Утре без вода делови од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( Четврток )поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхолмска.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности. (општина Карпош).

